ЗНАМ ги утврди кандидатите за двајца заменици министри во Владата

На седница на партискиот Централен одбор што се одржала вчера, ЗНАМ - За наша Македонија едногласно ги утврдила кандидатите за двајца заменици министри во Владата во министерствата за дигитална трансформација и за енергетика и рударство.

Како што соопшти портпаролот на партијата Никола Мемов на прес-конференција денеска, за кандидат за заменик-министер за енергетика и рударство е предложен Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротехника и информациски технологии, роден во 1982 година, кој има работно искуство во неколку корпорации на различни позиции.

За кандидат за заменик-министер за дигитална трансформација од ЦО на ЗНАМ е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски, магистер по економски науки, отсек маркетинг и менаџмент, роден во 1987 во Куманово каде извршувал неколку функции во Општината.

Партијата на Максим Димитриевски во новата Влада има две министерски места – Горан Минчев е министер за јавна администрација и Игор Филков – министер за правда, а потпретседателката на ЗНАМ Весна Бендевска е потпретседателка на Собранието на Северна Македонија.

На новинарско прашање дали ЗНАМ, како што укажа и претходно, ќе реагира откако членови на Владата од коалицијата „Вреди“ во државните институции повторно истакнуваат знаме на Албанија, портпаролот Мемов рече дека ЗНАМ „ќе има улога на коректор на Владата“ и очекува институциите да преземат мерки за кршење на законите.

Нагласи дека Движењето ЗНАМ во разговорите со партнерот ВМРО-ДПМНЕ за нивното учество во Владата ги дефинирало основните принципи и начела за функционирање на Владата.

-Тоа се почитување на Уставот и законите како основен приоритет, а исто така и принципот сите министри да работат на имплементација на владината програма, да одговараат единствено пред Владата и премиерот, а не како досега да спроведуваат сопствени партиски програми. Движењето ЗНАМ го отвори ова прашање во рамки на владината коалиција. Очекуваме институциите на системот да си ја вршат својата работа и да преземат соодветни мерки околу кршење на законите, без разлика од која страна доаѓаат тие прекршувања, истакна Мемов на прес-конференцијата.

Вонредни контроли во Дојран, Охрид, Струга и Преспа, уништени 8,7 тони небезбедна храна

Со контролите се проверуваше имплементацијата на добра производствена и хигиенска пракса (ДПП/ДХП) базирана на НАССР принципите, инфраструктурните услови во објектите, а се спроведуваа и контроли на активностите согласно регистрацијата.

Инспекциски тимови на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во периодот од 16 до 19 јули спроведоа вонредни засилени контроли во објекти и оператори со храна (хотели, ресторани, времени - кетеринг објекти, месарници и маркети) во туристичките центри Дојран, Охрид, Струга и Преспа со кои беа опфатени 112 објекти. При тоа беа изречени 54 глоби на 54 оператори со храна, од кои на осум им беше изречена забрана за работа до отстранување на констатираните недоследности.

-Со контролите се проверуваше имплементацијата на добра производствена и хигиенска пракса (ДПП/ДХП) базирана на НАССР принципите, инфраструктурните услови во објектите, а се спроведуваа и контроли на активностите согласно регистрацијата на операторите со храна. Во услови на високи надворешни температури, акцент со контролите беше ставен на условите на чување и складирање на производите и роковите на употребливост на храната, соопшти АХВ.

Со контролите, се посочува во соопштението, беше утврдено неисполнување на општите и посебните хигиенски барања во сите фази на производство ,преработка и дистрибуција на храна, неимплементирање на сите процедури на ДПП/ДХП базирани на НАССР принципите, храна со поминат рок на употреба, промет на храна без декларација и означување согласно Законот за безбедност на храна и подзаконските акти според кои ваквите производи се прогласуваат за небезбедни за човечка употреба и нештетно се уништуваат.

-Од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари констатирана беше и работа на објекти - оператори со храна кои не се регистрирани или одобрени за работа од страна на АХВ, поради што беа изречени мерки забрана за работа, а затекнатите производи беа забранети за промет и нештетно уништени. Утврдени беа и лоши инфраструктурни и хигиенски услови во кујните, производствените простории, за што некои оператори добија времена мерка забрана за работа, се наведува во соопштението.

Како што нагласуваат од АХВ, од промет беа отстранети 8.700 килограми небезбедна храна која беше нештетно уништена.

Од АХВ најавуваат дека и во наредниов период ќе продолжат со спроведување на вонредни контроли и во другите туристички центри, а поради високите температури, како што велат, на сила останува мерката за засилени контроли кај операторите со храна на целата територија на земјава.

Фото: Севе во секси бикини

Мегапопуларната пејачка Северина  повторно ги воодушеви и израдува фановите на социјалните мрежи со свои фотографии и видеа.

Атрактивната Севе овој пат воодушеви со фотки во бикини.

Хрватската музичка ѕвезда објави фотки на кои таа позира во секси бикини на островот Врник.

Севе изгледа совршено во интересниот бел костим за капење во кој ја покажа нејзината импресивна фигура.

Пејачката носи голема капа на главата, а на нозете има скапи сандали од брендот Гучи.

-Шеширот го штити телото...“, напиша пејачката во описот на објавата.

Пет лица убиени во дом за стари лица во Дарувар, Хрватска

Пет лица загинаа во дом за стари и изнемоштени лица во Дарувар, 130 километри југоисточно од Загреб, јавија хрватските медиуми.

Според нив, маж влегол во домот за стари и изнемоштени лица и почнал да пука во луѓето. Пет лица загинаа на лице место, а на некои се уште им се укажува лекарска помош.

Напаѓачот потоа побегнал, но полицијата набрзо го уапсила во близина на кафуле во градот. Низ градот одекнуваат сирени на служби за итна медицинска помош.

притисни ентер