Земјотрес со јачина од 6,7 степени ги погоди Курилските острови

Земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтер ги погоди Курилските острови, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки институт (EMSC).

Земјотресот е регистриран во близина на градот Јужно-Курилск, во копнениот дел на најголемиот остров, каде живеат околу 6.000 луѓе, нешто пред 14 часот по европско време.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 152 километри.

Трамп го повика Врховниот суд да го прекине спроведувањето на законот за забрана на ТикТок

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го повика Врховниот суд на САД да го суспендира спроведувањето на федералниот закон за ТикТок кој би ја забранил популарната социјална мрежа или би го принудил нејзиниот сопственик да ја продаде.

ТикТок и неговиот сопственик ByteDance настојуваат да ја задржат популарната онлајн апликација во САД, откако Конгресот во април гласаше за забрана, освен ако кинеската матична компанија на апликацијата не го продаде ТикТок до 19 јануари.

Тие се обидоа да го поништат законот, а Врховниот суд се согласи да го разгледа случајот.

Најмалку осуммина загинати, 27 повредени во судар на автобус и камион во Мексико

Осум лица загинаа, а 27 се повредени во сударот меѓу автобус и камион што се случи вчера на автопат во мексиканската држава Веракруз.

Обвинителите од оваа држава, која се протега покрај брегот на Мексиканскиот залив, објавија дека несреќата се случила пред зори на дел од патот во близина на главниот град Ксалапа.

Повеќето од жртвите се патници на локалната автобуска линија, а меѓу загинатите има тројца мажи, четири жени и едно девојче.

Словачка потврди дека се согласила да биде домаќин на евентуални мировни преговори за Украина

Словачка синоќа потврди дека се согласила да биде домаќин на евентуални мировни преговори за Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин претходно оцени дека е „прифатливо“ таа да стане „платформа“ за дијалог.

„Ако некој сака да води мировни преговори во Словачка, ќе бидеме подготвени и ќе укажеме добредојде“, објави премиерот Роберт Фицо на Фејсбук.

Словачкото Министерство за надворешни работи посочи дека овој дијалог треба да се одвива „со учество на Русија“, за разлика од самитот што е закажан во Швајцарија за јуни 2025 година.

Рускиот претседател во четвртокот потврди дека Словачка, чија „неутрална позиција“ ја фали, понудила да биде еден вид „платформа“ за евентуални преговори.

„Изјавата на рускиот претседател ја сметаме за позитивен сигнал за што поскоро ставање крај на оваа војна, крвопролевање и уништување“, напиша на Фејсбук словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар.

Според Бланар, во октомври Братислава ги информирала „украинските партнери“ за нејзината достапност за мировни преговори.

Инаку, Фицо ја прекина сета воена помош за Украина и го обвинува Киев дека го загрозува снабдувањето на неговата земја со руски гас.

притисни ентер