Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска (28 декември) во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец преку видео-конференциска врска разговараа со македонските мировници ангажирани во мировни мисии и операции во странство.
Во присуство на стотина членови на семејствата на мировниците, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека е горда на припадниците на Армијата кои се во миротворни мисии, но дека е уште погорда на нивните семејства и дечиња.
„Навистина, многу му благодарам на министерот за одбрана, бидејќи ова што се случува овде нè спојува со нивните родители и мислам дека нема да има погорди од нив на своите татковци во мисиите“, рече претседателката.
Сиљановска-Давкова им порача на мировниците да ја завршат работата професионално и дисциплинирано и да се вратат здрави и живи.
„Бидете во постојан контакт со нас и со вашите семејства и бидете сигурни дека во ваше отсуство ние ќе се грижиме за нив. Нашите мисли се со вас. Она што го правите навистина е за огромен респект. Од срце ви посакувам најубава 2025 година, вам, на вашите дечиња, на вашите семејства“, рече претседателката.
Началникот на Генералштабот, генералот Лафчиски порача дека на овој традиционален настан семејствата на мировниците имаат можност да видат како Армијата се грижи за своите мировници.
Преку видео конференциската врска говореа и претставниците на македонската Армија кои извршуваат задачи во мисијата на НАТО на Косово, КФОР, ЕУ операцијата во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, мисијата на ООН во Либан, УНИФИЛ и мултинационалните сили на НАТО во Бугарија и Романија.
По неформалното дружење на семејствата на мировниците со претседателката Сиљановска-Давкова, министерот Мисајловски и генералот Лафчиски, на децата им беа поделени новогодишни пакетчиња.
Предновогодишната активност беше заокружена со традиционалното пристигнување на Дедо Мраз со хеликоптер и поделба на пакетчиња на децата на припадниците на Армијата и вработените во Министерството за одбрана.