Закон за правична застапеност има тврдат од Вреди–но што содржи никој не открива

Закон за правична застапеност постои, за него се најавува широка дебата, но што содржи во него останува мистерија.

Владините функционери од коалицијата Вреди не откриваат по што овој закон ќе се разликува од укинатиот балансер, само тврдат дека се работи за предлог-текст кој го изработиле експерти, и се убедени дека драфт верзијата успешно ќе го помине филтерот во Венецијанската комисија.

-Што ќе содржи не можеме да кажеме, ама можам да кажам дека ќе има јавна дебата на која ќе се вклучат академици, стручни, професионалци од таа сфера. Се во функција да биде најдобро, долгорочно решение, кое нема да може утре-задутре да се оспори од Уставниот суд. - Изет Меџити – вицепремиер.

-Не можеме да добиеме негативно мислење од Венецијанската комисија бидејќи тоа е закон кој е изработен со меѓународни експерти. Сега не сакам да споменувам имиња, луѓе кои се кредибилни, луѓе со многу почит во меѓународните правосудни институции. - Арбен Таравари – министер за здравство.

Овој предлог-закон се уште не поминал ниту на седница на Влада. Ниту оттаму не соопштуваат детали, само најавуваат дека прво ќе се разгледува во коалицијата.

-Ќе се разговара во рамки на коалицијата, ќе има широка дебата по однос на тоа што и како треба да има опфатено, затоа што ќе ги опфаќа и поголем круг маргинализирани групи. Во овој момент нема такво решение коешто е проследено до владата, ниту на владина седница. За истото веднаш штом се створи можноста, јавноста ќе биде информирана. - Марија Митева – портпарол на Влада.

Законот за правична застапеност се актуелизира откако уставните судии најавија дека ќе го разгледдуваат предметот за балансерот.. Оваа алатка за вработување по етничка припадност како критериум беше укината минатата недела со мнозинство гласови во Уставниот суд, со насока до сите институции понатаму да се водат по принципите за стручност и компетентност.

Меџити објави дека Аратан Груби од Косово отишол во Албанија

Поранешниот вицепремиер Артан Груби повеќе не се наоѓа на Косово. актуелниот вицепремиер Изет Меџити тврди дека тој е веќе во Албанија. 

Ова тој го кажа во интервју за албанската телевизија „Ора Њуз“ каде меѓудругото посочи дека со тоа што ја напуштил државава Груби докажал дека е виновен за делата кои му се ставаат на товар. Меџити во изјавата кажа дека очекува Груби наскоро да се соочи со правдата..

„Според информациите, не е на Косово, туку во Албанија. Но, тоа не е важно. Со бегството, тој ја докажал вината и затоа ја напуштил државата. Сигурен сум дека органите на прогонот ќе поднесат меѓународна тужба преку Интерпол и дека ќе се соочи со правдата, можеби денес, утре или задутре“-Изет Меџити – потпретседател на Владата.

За тврдењата на Меџити дека Груби во моментов е во Албанија нема потврда од МВР. Од полицијата велат дека во соработка со Интерпол се трага по поранешниот вицепремиер.

„ За лицето за кое прашувате е распишана меѓународна потерница и во координација со Интерпол и полициите од другите држави се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.“ - одговорија од МВР.

Освен по Груби полицијата распиша меѓународни потерница и трага по поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами, осомничени за проневера на околу осум милиони евра. На двајцата во отсуство судот веќе им определи притвор кој ќе се реализира веднаш штом бидат пронајдени. Од адвокатскиот тим на Груби вчера излегоа со соопштение со кое тврдат дека немало кривични дела во дејстивјата за кои тој се обвинува, а неговата невиност велат ќе ја докажувале пред обвинителството и судот.

За пропустите на граничниот премин Блаце, пак, вчера полицецот со иницијали Б.Ј., заработи кривична пријава за злоупотреба на службената положба, бидејќи, како што соопштија од полицијата не извршил проверки на возилото во кое се превезувал Груби и дека патниците од автомбоилот ги завел дека пешки ја поминале границата. Исто така, при граничната проверка не чекал да види дали некој од патниците фигурира на стоп-листата „задржи и веднаш извести“.

Дисциплинска мерка претходно беше определена и за полицаецот кој бил раководител на смена кога Груби замина од Македонија, а дали ќе бидат опфатени и други лица ќе покаже истрагата која ја води МВР.

Храбрата учителка од Загреб има 31 убодна рана, се уште дише со помош на апарат!

Детската болница „Свети Дух“ во Загреб потврди дека наставничката имала 31 убодна рана. 

Но и дека здравствената состојба и е стабилизирана.

И три деца повредени во нападот со нож се стабилни, јавува 24сата.хр.

Вчера 19-годишник кој се лекувал на психијатриска клиника изврши трагичен напад во загрепското основно училиште во Пречко.

Поранешниот ученик во ова основно училиште во напад со нож избоде наставничка и десетина деца.За жал еден ученик починал.

Младиот човек е уапсен. „Наставничката е стабилна, се уште дише со помош на механичка вентилација, а за денеска е закажана дополнителна дијагностика за нејзиното лекување“, одговорија од болницата „Свети Дух“ и потврдија дека наставничката имала 31 убодна рана.

Хрватското Министерство за здравство соопшти дека детето кое се лекува на клиниката во Ребро и двете деца на Клаиќева се стабилни и добро.

Утрото по трагедијата пред основното училиште во Пречко владее молк и тага.

Училиштето се уште е опкружено со полициска лента, а има околу 10 полицајци кои го обезбедуваат местото.

Централен совет на ДС: Коренити изборни и судски реформи и силна борба против криминалот

Централниот совет на Демократскиот сојуз денеска одржа седница на која се расправаше за актуелната политичка состојба во Македонија, како и за приоритетите во наредниот период.

-Демократскиот сојуз смета дека транзицијата на власта се одвива согласно програмските определби на Владата. Притоа се забележува засилен фокус врз справувањето со проблемите и дубиозите што ги остави претходната власт, почеток на расчистување на криминалните афери поврзани со неа, економска стабилизација како основа за натамошен економски развој и привлекување странски инвестиции, засилена дипломатска активност за откочување на европските интеграции со заштита на македонските национални интереси, стои во соопштението на партијата.

Во наредниот период, Демократскиот сојуз смета дека приоритет треба да имаат следните чекори - прво, коренити изборни реформи, Македонија да биде една изборна единица и да се укине таканаречаната „Пржинска влада“.

Второ, додаваат оттаму, реформи на судскиот систем преку уставни измени, ограничување на мандатот на судиите на пет или седум години, бришење на уставниот амандман за неодговорност за одлуките што ги носат судиите, воведување на институт „сослушување“, при селекцијата на судии и јавни обвинители.

Според нив, мора да се изградат контролни механизми без да се наруши независноста на судската власт.

-Трето, да продолжи неселективната борба против тешките облици на криминал и висока корупција и да се формира независна Агенција за борба против криминалот, како гаранција за одржливост и ефикасност на системот, велат од партијата.

Демократскиот сојуз ги започнал и подготовките за локалните избори, при што партиските ограноци треба да ги евидентираат проблемите и потребите на граѓаните, врз основа на што ќе се подготви изборна програма.

На седницата, Зоран Димитровски е избран за генерален секретар на Демократскиот сојуз. За потпретседатели на Демократскиот сојуз се избрани Зоран Петров, Весна Стоименовска-Атанасов и Верица Филиповска-Нешевска, која ќе раководи со Економско-правниот совет.

За членови на Претседателството на Демократскиот сојуз се избрани: Владимир Кроневски, Борче Јакимовски, Даниел Ефтимов, Дејан Богоески, Елизабета Стефковска, Дејан Наумовски, Емил Димитровски, Игор Трајковски, Јасна Саздовска, Панче Стојановски, Славчо Јовановски, Елисавета Јаневска, Жаклина Савевска, Трајче Грков, Сузана Постоловска, Влатко Данев и Богоја Петровски.

На седницата присуствуваа членови на Централниот совет, претседатели на општинските организации на ДС, како и голем број на активисти на ДС.

притисни ентер