Вучиќ - Столтенберг: Имаме поинакво гледање на настаните во Бањска

Имаме поинакво гледање на настаните во Бањска, но добро ги разбираме барањата на НАТО и Западот.

„Имаме поинакво гледање на настаните во Бањска на северно Косово, но ги разбираме барањата на НАТО и Западот, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата во Белград со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој побара „сторителите на овие настани да бидат изведени пред лицето на правдата“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Разговаравме и за тензиите на северот на Косово и за важноста на мировната мисија КФОР, која веќе две децении ја гарантира безбедноста и ќе продолжиме да го правиме тоа непристрасно во рамките на мандатот. Припадниците на КФОР претрпеа напади, видовме немири во септември, сторителите мора да бидат изведени пред лицето на правдата, рече Столтенберг.

Тој посочи дека КФОР распоредил 1.000 војници на Косово, што е најголемото засилување во изминатата деценија.

-Сметам на сите страни да ги намалат тензиите и да се воздржат од ескалација на акции. Трупањето сили на српската војска во близина на премините (границата) нема да помогнат, рече тој.

Столтенберг го поддржа формирањето на ЗСО и ги повика Белград и Приштина да се ангажираат во дијалогот, што е единствениот начин за конечниот мир и стабилност.

Српскиот претседател се повика на изјавата на Столтенберг дека КФОР обезбедува мир и безбедност за сите заедници во Косово, дообјаснувајќи „да немаше потреба да се обезбеди мир и безбедност за никој друг, освен за Србите, кои се единствените кои се напаѓани“.

-Само Србите се напаѓани од 2001 година, особено откако Албин Курти е на власт. Го информирав Столтенберг за фактот дека 13 отсто од Србите го напуштиле северот на Косово само во минатата година поради огромниот притисок, апсењата, малтретирањето и заканите од режимот во Приштина, рече Вучиќ.

Тој кажа дека има поинаков поглед на она што се случи во Бањска, но и да добро разбира кои се барањата на Западот, а кои барањата на НАТО, рече Вучиќ.

-Но, кому му е гајле за правото, кому му е гајле за ОН и резолуцијата 1244, па тоа произведе да дојде до таква ситуација во Бањска, со што секако не се согласуваме, и затоа согласно нашето законодавство, ќе ги направиме одговорни оние кои учествувале во извршувањето на кривичните дела во Бањска, рече Вучиќ.

Тој додаде дека „српската војска не ги пречекорила своите овластувања, имала коректен однос со НАТО и КФОР, а каде ќе се распоредува војската е нашата работа“.

Генералниот секретар на НАТО рече и дека разговарале за повторно одржување на заедничките воени вежби на Србија и НАТО на што Вучиќ кажа дека секогаш ќе соработува со НАТО, и дека како врховен командант, ќе испрати барање до Владата да ја разгледа одлуката за почеток на одржување заеднички вежби со НАТО што биле и претходно.

Претставник на Стејт департмент: Путин нема да склучи мир во Украина

Путин нема да склучи мир во Украина пред да ги дознае резултатите од претседателските избори во САД.

Рускиот претседател Владимир Путин нема да склучи мир во Украина додека не ги знае резултатите од американските избори во ноември 2024 година, изјави синоќа висок функционер на американскиот Стејт департмент. Трамп, кој бара реизбор во 2024 година и е фаворит за републиканската претседателска номинација, остро ја критикуваше американската поддршка за Киев.

Висок функционер на Стејт департментот, кој ги брифираше новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, рече дека Алијансата ја потврдува својата поддршка за Украина, знаејќи дека мировен договор следната година е малку веројатен.

„Моите очекувања се дека Путин нема да склучи мир, или барем суштински мир, пред да го види исходот од нашите избори“, рече функционерот, кој побара да не биде именуван.

„Ова беше контекстот во кој сите сојузници изразија силна поддршка за Украина“ на состанокот на НАТО, додаде изворот, без да го спомене Трамп по име или да каже конкретно како изборниот резултат ќе влијае на поддршката за Украина.

Американскиот претседател, демократот Џо Бајден, обезбеди огромна воена помош и други форми на поддршка за Киев по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година, но дополнителното финансирање за Украина беше одложено од Претставничкиот дом, контролиран од републиканците.

Борел: Потребен е напредок на учесниците во дијалогот за состојбите во Западен Балкан

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, објави дека шефовите на дипломатиите на членките на НАТО на синоќешната средба во Брисел имале важна размена на мислења за состојбите во Западен Балкан.

-Ги информирав шефовите на дипломатиите за актуелната ситуација во однос на дијалогот што се води под покровителство на ЕУ. Потребен е напредок на учесниците во дијалогот, напиша Борел на социјалната мрежа „Х“.

Тој укажа на важноста БиХ да го искористи моментот за одлучувачки напредок на патот кон членството во ЕУ.

Пред почетокот на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, чија агенда го вклучува Западен Балкан, Борел рече дека мисијата ЕУЛЕКС на Косово ќе продолжи да соработува со КФОР за обезбедување стабилност и безбедност на северот на Косово, соопшти Европската служба за надворешна политика.

Борел додаде дека стабилноста и просперитетот на земјите од Западен Балкан и нивното усогласување со надворешната политика на Унијата се од витално значење за ЕУ.

Мбапе: Мора да победиме во Дортмунд, бидејќи сакаме да го заземеме првото место во групата

Напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе не се откажува од првото место во групата во Лигата на шампионите и покрај „киксот“ со Њукасл во 5. коло.

Парижаните синоќа на домашен терен одиграа 1:1 спасувајќи се од пораз со пенал во осмата минута од судиското надополнување.

- Резултатот е тешко да се прифати, имавме толку многу шанси за гол. Во фудбалот може да се биде подобар, но не и да се победи. Така се случи вечерва. Во Дортмунд треба да победиме бидејќи сакаме да го заземеме првото место во групата. Мојата работа е да постигнувам голови и да им помагам на моите момци. Сепак, можев повеќе да му помогнам на мојот тим бидејќи имав многу шанси. Во Лигата на шампионите треба да постигнете гол кога имате можност. Имавме 9-10 шанси, но не ги реализиравме, з ана крај да се спасиме со пенал, изјави Мбапе за „TNT Sports“.

На едно коло пред крајот во Ф-групата, Борусија Дортмунд е лидер со 10 бода, ПСЖ има седум, Њукасл и Милан собраа по пет бода.

притисни ентер