Во Скопје 36 степени, ноќеска пороен дожд и невреме во скопската котлина и други места

Највисока температура денеска е измерена во Скопје - 36 степени.

Од УХМР информираат дека во во текот на ноќта на повеќе места во земјата ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а во делови од Скопската котлината и со услови за краткотрајно невреме.

Во Гевгелија, Кавадарци и Велес се измерени 35, во Демир Капија - 34 , во Штип и Виница 33, во Струмица 32, во Тетово 31, во Крива Паланка и Прилеп 30, во Битола и Берово 29, во Охрид 26, во Маврови Анови и Крушево 24, во Претор 23, додека во Лазарополе и на попова Шапка 21 степен.

Времето денеска беше сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Од пладне облачноста се зголемуваше и во јужните делови имаше локални врнежи од дожд. Доцна попладнево во крајните југоисточни планински региони имаше појава на пороен дожд и грмежи. Дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од југозападен правец. Во Пелагонија ветерот достигнуваше брзина до 50, а долж Повардарието до 70 km/h.

До крајот на денот времето ќе биде променливо облачно, наместа ќе има развој на нестабилна облачност со повремен пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер. Во текот на ноќта на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град.

Во Скопската Котлина во ноќните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а во делови од котлината и со услови за краткотрајно невреме.

Утре времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 24 до 31 степен. UV=7

Во Скопје променливо облачно, претпладне со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 28 степени.

За време на викендот ќе преовладува стабилно време, а во почетокот на следната седмица во попладневните часови повторно ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи.

Приведен осуденик баран со потерница поради бегство од затворот „Идризово“

Единицата за интервентна полиција на СВР Скопје лиши од слобода криминалец баран со потерница за затворска казна од 12 години и десет месеци, соопшти денеска  Министерството за внатрешни работи. 

Како што наведува во соопштение, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје вчера (21 јули) го уапсиле 34-годишниот Ј.С. од Скопје кој поради бегство од затворот „Идризово“ бил баран со потерница по наредба на Основниот кривичен суд,

-Ј.С. бил осуден на казна затвор од 12 години и 10 месеци во врска со член 188 ст.1 и чл. 236 ст. 1 т.1 в.в чл. 22 и чл. 24 од Кривичниот законик. Тој ќe биде спроведен во надлежната казнено-поправна установа, наведува МВР.

Потпишан меморандум за соработка меѓу Општина Аеродром и Меѓународниот балкански универзитет

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и ректорот на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, проф. д-р Лутфи Сунар денеска потпишаа меморандум за соработка и партнерство во повеќе области.

Ваквата соработка е од огромно значење и за Општина Аеродром, но и за студентите од овој универзитет затоа што теоријата што ја изучуваат ќе можат да ја применат во практика.

Еден од првите заеднички проекти би бил изработка на архитектонско решение за изградба на нова детска градинка од страна на студентите под надзор на професорите од овој универзитет.

Меморандумот, меѓу другото, опфаќа и обука на воспитно-наставниот кадар од градинките и од основните училишта во Аеродром во различни области со што уште повеќе ќе се зајакнат нивните капацитети и знаење преку различни семинари, курсеви и дообуки. Исто така се предвидува и ангажирање експерти од Општината во наставниот процес на универзитетот.

В. д. градоначалникот Митески и ректорот Сунар по потпишувањето на меморандумот извршија обиколка на целиот кампус и ги разгледаа капацитетите со кои располага универзитетот. Студентите покрај теоретскиот дел, во посебно уредени простории имаат можност практично да изведуваат вежби од областа на правото, стоматолошките науки, а во процес е и пуштање во употреба на комплетно уредени лаборатории за фармација и други студиски програми.

Општина Аеродром изразува надеж дека со овој меморандум во иднина ќе се иницираат голем број проекти и ќе се продлабочува соработката со Меѓународниот балкански универзитет, од што најголема корист ќе имаат граѓаните.

Општина Аеродром

Од полноќ за денар ипол поевтини бензини

Регулаторната комисија за енергетика денеска одлучи да ги намали цените на бензините. 

Од полноќ за денар ипол поевтинува Еуросупер БС-95, Еуросупер БС-98 и Еуродизелот, а Екстра лесното масло за домаќинство за еден денар.

Се намалува и малопродажната цена на Мазутот за 1,152 ден/кг кој од полноќ ќе се продава по цена од 45,757 ден/кг.

Според одлуката на РКЕ, новата цена на Еуросупер БС-95 ќе биде 81,5 денари за литар, Еуросупер БС-98 ќе се продава по цена од 83,5 денари за литар, а дизелот по цена од 74 денари за литар. Новата цена на Екстра лесното масло за домаќинство ќе биде 72,5 денари.

притисни ентер