Во Конго е пријавена непозната опасна болест, од СЗО не ја пронашле

Експертите за здравје веруваат дека бранот на зарази во оддалечен регион на Демократска Република Конго, кој е наречен „Болест Х“, е целосно предизвикан од претходно познати патогени.

Светската здравствена организација (СЗО) со седиште во Женева соопшти дека маларија, грип, риновируси, коронавируси и други познати вируси се пронајдени во 430 лабораториски примероци земени од болни луѓе во регионот.

Стотици луѓе се разболеле од крајот на октомври во округот Панци во југозападната провинција Кванго. Заразените имале симптоми слични на грип, вклучувајќи треска, главоболка, болки во екстремитетите и отежнато дишење. СЗО објави 48 смртни случаи, додека локалните власти соопштија дека повеќе од 130 луѓе загинале.

Особено голем е бројот на заболени деца на возраст под пет години. Околу 40 отсто од луѓето во регионот се неухранети, а меѓу децата процентот се проценува дека е висок до 60 отсто. Луѓето кои не јадат доволно и затоа немаат хранливи материи се изложени на многу поголем ризик да се разболат сериозно од различни агенси кои предизвикуваат болести.

На здравствените власти во Конго им било тешко да добијат добри примероци од оддалечениот регион затоа што се потребни три дена да се патува од главниот град на земјата Киншаса до областа.

Тимот на СЗО спроведе темелна истрага и изјави дека нивните наоди „сугерираат дека комбинацијата на вообичаени и сезонски вирусни респираторни инфекции и маларија, придружени со акутна неухранетост, доведоа до зголемување на тешките инфекции и смртни случаи, што непропорционално влијае на децата под пет годишна возраст“.

Распоредени се мултидисциплинарни тимови за одговор на кризи за да ги испитаат случаите на болеста и да ги зајакнат мерките на терен.

Вучевиќ: Обвинение за трагедијата во Нови Сад во наредните недели

Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека верува оти обвинителството е при крај со истрагата за уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 15 лица, а две се тешко повредени.

„Можеме да очекуваме обвинение во наредните недели. Како адвокат велам дека се одвива исклучително брзо, изненадувачки брзо, но обвинителот веројатно има доволно факти, информации, податоци и докази за да биде подготвен да поднесе обвинение“, рече Вучевиќ во изјава за белградски медиуми.

Тој додаде дека е „природно, нормално и задолжително да се утврди кој е виновен, одговорен“, пренесе Бета.

Вучевиќ денеска изјави дека се подготвува голема и обемна кампања за борба против корупцијата и криминалот, против оние кои ја злоупотребиле довербата на граѓаните за лично богатење и нагласи дека нема да има заштитени.

„Подготвуваме голема и обемна кампања за борба против корупцијата, криминалот и оние кои ја злоупотребија довербата на граѓаните за лично богатење. Тоа не значи дека тоа ќе биде лов на вештерки, законот ќе се почитува“, изјави Вучевиќ.

Тошковски: Македонската полиција работи и во недела

Утрово ги посетив полициските службеници во ЕВР Ѓорче Петров, каде одблиску се запознав со текот на акцијата што денеска се спроведува од страна на СВР Скопје, напиша на Фејсбук, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Македонската полиција работи и во недела. Утрово ги посетив полициските службеници во ЕВР Ѓорче Петров, каде одблиску се запознав со текот на акцијата што денеска се спроведува од страна на СВР Скопје во координација со Одделот за криминалистичка полиција.

Акцијата е насочена кон сузбивање на организирана криминална група која се занимава со криумчарење на скапи моторни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба, за што утрово се вршеа претреси на повеќе локации. Продолжуваме со борба против сите облици на криминал, затоа што македонските граѓани заслужуваат да живеат во стабилна и безбедна држава, стои во објавата на Тошковски.

МФ: Издадена нова 23-та емисија на обврзници за денационализација во износ од 1,5 милиони евра

Обврзниците за денационализација, како што се наведува во соопштението на Министерството, се хартии од вредност кои ги издава Министерството за финансии, во евро валута, а гласат на име и се неограничено преносливи. 

Министерството за финансии ја издаде 23-тата емисија на Обврзници за денационализација во вредност од 1,5 милион евра, со која се обесштетуваат баратели со правосилни решенија за денационализација донесени во период од 1 јануари 2023 до 31 декември 2023 година. Станува збор за обесштетување на вкупно 108 баратели.

Обврзниците за денационализација, како што се наведува во соопштението на Министерството, се хартии од вредност кои ги издава Министерството за финансии, во евро валута, а гласат на име и се неограничено преносливи. Номиналната вредност и каматата од 2 отсто годишно на имателите на обврзници се исплаќа еднаш во годината во период од 10 години, односно на 10 еднакви рати, а за оваа емисија исплатата ќе започне од 1 јуни 2025 година. Имателите на обврзницата може истата да ја материјализираат, односно со неа може да тргуваат на секундарниот пазар на Македонската берза.

-Согласно Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, Министерството за финансии, почнувајќи од 2002 година, еднаш годишно врши емисија на обврзници за денационализација, а Владата со одлука го утврдува износот на обврзниците за денационализација коишто се издаваат. Државата досега има издадено 22 емисии на обврзници за денационализација на износ од 397 милиони евра, стои во соопштението.

притисни ентер