„Можеби најважната работа за нас како Управа е реализацијата на поведени постапки и завршени пријави поради сомнеж за сторени кривични дела. Од вкупно 34 пријави за 2024 година поднесени до Основното јавно обвинителство и Основно јавно обвинителство за сузбивање на организиран криминал и корупција, со вредност од 920.293.788 денари, а во периодот од четири месеци откако сум јас в.д.директор, поднесени се 22 пријави, во вредност од 614.396.321 денари оштетување на државниот буџет, односно пари на граѓаните кои се даночни обврзници. Во овие постапки беа опфатени сите кои се огрешиле пред законот, независно дали биле или се највисоки функционери или стопанственици, кои одлучиле да ја измамат државата“, вели в.д. директорот на Управата, Слободан Ивановски.
Во насока на зголемување на ефикасноста на работата на Управата, во изминатиот период беа преземени неколку значајни чекори за модернизација и дигитализација на процесите.
Извршена е обука на вработените и започната е практичната примена на ДМС системот, кој ќе обезбеди целосна евиденција во електронска форма и ќе донесе поголема сигурност во сите чекори на постапките. Овој систем ќе овозможи брзо и прецизно следење на сите постапки и документи, како и поголема транспарентност во работењето на Управата.
Дополнително, направена е нова систематизација и воведени се нови Одделенија за конфискација, кои ќе ја подобрат оперативната работа и ќе се фокусираат на предмети од оваа област, што ќе овозможи побрза и поефикасна конфискација на нелегално стекнатите средства и имот.
Управата, исто така, склучи меморандуми за соработка со Централниот депозитар, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавни набавки. Оваа соработка ја дигитализира комуникацијата помеѓу овие институции, што ќе обезбеди побрза, поефикасна и транспарентна размена на информации и документи.
Во периодот што следи, Управата за финансиска полиција ќе продолжи да дејствува професионално и неселективно, посветена на постигнување уште поуспешни резултати во борбата против финансискиот криминал, стои во соопштението од Управата за финансиска полиција.