Во Газа почна втората фаза од вакцинацијата против детска парализа

Министерството за здравство во Појасот Газа денеска соопшти дека започнала втората фаза на вакцинација против детска парализа на територијата зафатена од војна.

Како што е наведено, втората доза од вакцината ќе ја добијат децата до десет години во централниот дел на палестинската територија во следните три дена, пред да се прошири вакцинацијата на север и југ.

Вакцинацијата почна во септември, откако во Газа беше регистриран првиот случај на детска парализа по 25 години. Заболело десетмесечно бебе, на кое сега едната нога му е парализирана.

Здравствените работници успеаја да вакцинираат околу 560.000 деца со првата доза и покрај низата предизвици, вклучително и продолжување на борбите, нарушување на редот и законот и голема штета предизвикана на патиштата и инфраструктурата.

Светската здравствена организација соопшти дека хуманитарните паузи воспоставени поради вакцинацијата се почитувани.

Минута молк на натпреварите во Германија

Германската фудбалска лига побара од клубовите да одржат едноминутно молчење пред почетокот на натпреварите во Бундеслигата и втората лига викендов, во знак на почит кон жртвите на нападот на божиќниот пазар во Магдебург.

Бундеслигата, исто така, соопшти дека играчите мора да носат црни ленти на рацете, пренесува агенција ДПА.

Најмалку пет лица загинаа, а над 200 се повредени откако маж влета со автомобил на божиќен пазар во германскиот град Магдебург во петокот вечер. Возачот на автомобилот е уапсен од полицијата.

Инспектор нападнал началник во просториите на полицијата во Радовиш

Инспекторот Б.И. (39) од село Ињево, радовишко вчера бил уапсен откако бил пријавен дека физички го нападнал на О.Г (43) началник на Одделението за внатрешни работи Радовиш, соопштија денеска од СВР Струмица.

Според соопштението, началникот пријавил дека во службени простории на полициската станица инспекторот агресивно се однесувал кон пријавителот, кој извршувал службени задачи, а во еден момент и физички го нападнал, нанесувајќи му телесни повреди.

Во соопштението се додава дека за настанот биле запознати началникот на СВР Струмица, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и јавен обвинител, по чии насоки биле преземени мерки за расчистување на случајот, а по целосно документирање на случајот против Б.Ј. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Почина универзитетскиот професор Љупчо Арнаудовски

Почина универзитетскиот професор, правник Љупчо Арнаудовски.

Арнаудовски oсновно и средно образование го завршил во родниот град Охрид. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје (1960), а магистрирал на Правниот факултет во Загреб (1966). На Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација на тема „Вонзатворските воспитни мерки во југословенското кривично право“ (1975).

Работел како виш научен соработник во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје (1963-1979). Бил избран за вонреден професор на Правниот факултет во Скопје по предметите криминологија и пенологија (1979), а потоа и за редовен професор на истиот факултет (1985). Од март 1944 година бил член на СКОЈ, а од мај 1949 година и член на СКЈ. Бил секретар на Градскиот комитет на СКМ (1969-1973). Ги вршел функциите член на РИС и секретар за внатрешни работи на СРМ (1971-1973). Од овие функции бил отстранет во периодот на „либерализмот” поради сфаќањата и јавните настапи од тие позиции.

Бил член на Републичкиот судски совет (1994-2000 година). Избран за претседател на Моралниот суд на РМ (2003).

Во периодот 1960-1986 година бил главен и одговорен уредник на списанието „Правна мисла“, орган на Здружението на правниците на Македонија. Долги години бил претседател на издавачкиот одбор на Ревијата за криминалистика, криминологија и кривично право „Безбедност" - Скопје и издавачкиот совет на Ревијата за казнено право и криминологија - Скопје. Во периодот 1983/1984 година бил претседател на Советот на заедниците за научно-истражувачките дејности на Југославија.

Бил почесен претседател на Македонското пенолошко друштво и Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.

Во 1981 година добитник е на наградата „Гоце Делчев“. Објавил повеќе од 200 научни труда и неколку учебници.

притисни ентер