ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Левица се елементарна непогода на политичката сцена

СДС со примитивни методи во Собранието го активира насилникот и пудлицата на Венко, Апасиев од Левица во обид да го свртат вниманието кон опозицијата преку провокации и насилство.

Венко Филипче и СДС тотално се изгубија на политичката мапа по катастрофалниот пораз и последните анкети каде рејтингот им е во слободен пад, па посегнаа по алтернативни методи во Собранието и на помош го повикаа и активираа насилникот и пудлицата на Венко, Димитар Апасиев од Левица.

Филипче во паника и агонија користи нарачано насилство и провокации како единствен начин да го сврти вниманието кон опозицијата во Собранието. Поради тоа СДС го активира насилникот и пудлицата на Венко, Димитар Апасиев.

Примитивни и недолични се обидите на СДС преку нивниот приврзок, Левица и насилникот и пудлицата на Венко, Апасиев да прават драми во законодавниот дом каде наместо цивилизирана и аргументирана дебата, конструктивни и продуктивни решенија нудат дефокус, политиканство и циркус.

Во текот на вчерашниот ден во видео од неколку секунди јавноста имаше можност да ја види целата мизерија на СДС и Левица.

На виделина излезе целиот примитивизам со кој се служи Филипче, а за профилот на политичкиот циркузант и акробациите на насилникот и пудлицата на Венко, Апасиев кој во Собранието јавно навредуваше семејства и деца на пратеници, јавноста може самата да суди.

СДС и Левица се елементарна непогода на политичката сцена. Во современа демократија за која се залага ВМРО-ДПМНЕ нема простор за девијантно однесување, циркузанти, политиканство и деструкција.

Време е во политиката да има поинаков пристап. Време е за идеи, проекти и работа во интерес на граѓаните во Македонија.

ВМРО ДПМНЕ со жалење и разочарување гледа на вчерашниот инцидент во Собранието, осудувајќи ги намерите на поедини пратеници од опозицијата да предизвикаат инцидент.

ВМРО-ДПМНЕ

Се одбележува Денот на албанската азбука

Во пресрет на одлуката на Уставниот суд за Законот за употреба на јазици и во ек на жестоки политички препукувања за наводно загрозување на албанскиот јазик се одбележа Денот на албанската азбука. 

Од ДУИ одржаа посебна јавна дебата за значењето на албанскиот јазик и Рамковниот договор со порака дека албанскиот јазик е црвената линија во, според нив, политичките битки за демонтирање на Охридскиот договор.

-Посебно поради фактот што се предизвикува официјалноста на јазикот преку иницијативите поднесени пред Уставен суд од политичари и политички партии. Ние сметаме дека официјалниот албански јазик е еден од најважните елементи на Рамковниот договор. Тој е столбот на кохезијата, меѓуетничката хармонија во Република Македонија и сакаме оттука од еден мултиетнички панел, едногласно да дадеме порака дека албанскиот јазик е линијата што не смее да се пречекори, во овие политички битки за демонтирање на Рамковниот договор, изјави Османи.

Критиките кон Уставниот суд се неосновани со цел да се создаде вештачка криза таму каде што ја нема, одговори првиот вицепремиер Изет Меџити на свечената академија што ја организираше Владата. Очекува од Уставниот суд да не се впушта во политички размислувања туку да остане непристрасен арбитер. Според премиерот Мицкоски, пак, време е за сплотеност и просперите, наместо теми кои ги делат граѓаните, наметнати од поедници.

-Оваа година манифестацијата нè дочека во жестока дебата околу службената употреба на албанскиот јазик. Ова е за дефокусирање на јавниот интерес и произведување вештачка криза таму каде што нема. Оваа дебата предизвикува непотребни тензии во регионот. Сум повторил и ќе кажам повторно – ниту едно право не може да се укине. Уставниот суд за жал, денеска се претвори во змеј и сите фрлаат со стрели кон оваа институција, на која треба да се гледа со почит како гарант за правата на граѓаните, изјави Меџити.

-Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето. Не темите кои не разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја позади народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница, изјави Мицкоски.

Честитки до албанската заедница по повод празникот меѓудругите упати и претседателката Гордана Силјановска Давкова со порака дека почитувањето на јазичните разлики нѐ прави демократско мултикултурно општество. На меѓусебна соработка и градење мостови за подобра држава повика и лидерот на СДСМ Венко Филипче во неговата честитка.

„Неуралинк“ ќе спроведува клинички тестови со чип и вон САД

Компанијата „Неуралинк“ (Neuralink) од САД доби дозвола од властите во Канада да почне со испитувања на луѓе во земјата.

Болницата „Вестерн хоспитал“ во Торонто е „првата и ексклузивна локација“ за хируршката процедура со чип. Компанијата сега бара потенцијални учесници во испитувањата.

Според планот, „Неуралинк“ ќе го вгради својот чип „во човечки мозок за да ја проучи активноста на нервите“. Чипот ќе им овозможи на луѓето да контролираат компјутер или паметен телефон со својот мозок без употреба на жици или свои физички движења. „Неуралинк“ вели и дека истражувањето има за цел да ја „процени безбедноста на имплантот и хируршкиот робот“, како и почетната функционалност на мозочно-компјутерскиот интерфејс за да им овозможи на луѓето со параплегија да ги контролираат надворешните уреди со своите мисли.

Ова, според наводите, може да помогне во изнаоѓање побезбедни начини за вградување мозочни чипови, како и во унапредување на технологијата и нејзините способности.

Инаку, во САД, првиот човек - пациент доби чип претходно оваа година. Кај него се јавија проблеми, бидејќи нишките на чипот се извлекуваа од мозокот, но се чини, во мигов и тоа оди добро. Во случајот со вториот пациент, компанијата презеде мерки за да се спречи вакво „откачување“ на чипот. Овој пациент веќе користи софтвер за „Дизајн со помош на компјутер“ (КАД) и почна да го прави тоа само неколку седмици по операцијата во јули.

„Неуралинк“ бара и други пациенти со ограничена или целосна загуба на користењето на двете раце поради повреда на 'рбетниот мозок или амиотрофична латерална склероза (АЛС) за своето истражување во Канада.

ИВЗ и ДУИ се против Јени џамија да биде музеј на христијанско и исламско културно наследство

 Од ИВЗ велат дека  за нив е неприфатлива оваа пренамена  во музејски простор.

Исламската верска заедница и политичката партија ДУИ се противат на синоќешното отворање на Музејот на христијанското и муслиманското културно наследство во познатата битолска Јени џамија, во чии темели се откриени остатоци од катедралната црква Свети Ѓорѓи. Од ИВЗ велат дека за нив е неприфатлива оваа пренамена во музејски простор и ги повикаа надлежните органи да ја заштитат Јени џамија како исламски верски објект и значителна културна вредност.

-„ ИВЗ континуирано бара враќање на Јени џамијата и нејзино користење од страна на верниците како место за богослужба. Но, државата, поточно Министерството за култура, никогаш не го исполнија ова наше легитимно барање и со години ја држеа затворена како „Уметничка галерија“, а сега ја трансформираа во Музеј без согласност на ИВЗ. “ – пишува во писмото на ИВЗ.

Од ДУИ велат дека со ваквата одлука Владата ги занемарува верските и историските чувства на една важна заедница во државата.

-„ ДУИ ги осудува политиките на Владата што имаат за цел рушење на темелите на еднаквоста и соживотот, претворајќи ги овие теми во политички алатки за поделби. “

Канал 5 го контактираше првиот човек на Завод и музеј Битола Зоран Николовски кој во телефонска изјава кажа дека за него е спорна релевантноста на писмото од ИВЗ бидејќи доаѓало од правен субјект. За отворањето на музејската поставка пред две недели разговарал со битолскиот муфтија Амит Расимовски кој вели бил воодушевен од идејата.

„ Имавме заеднички состанок со муфтијата од Битола Амит кој што кога му ја презентирав идејата дека повеќе Јени Џамија никогаш нема да биде галерија, туку ќе биде Музеј на христијанската и исламската култура, културно наследство тој беше толку воодушевен од тоа и ми кажа дека може да ми подари две свети книги од Исламската веросисповест, два курани и тие артефакти ми ги даде на реверз на користење на една година. “-Зоран Николовски – НУ „Завод и музеј“ - Битола

Јени Џамија датира од 16 век, а археолошките истражувања кои почнаа пред две децении утврдија дека е изградена врз темелите на три цркви кои датираат од 7 до 11 век, а најголемата и најстарата е црквата „Свети Ѓорѓија“. Пронајдените остатоци во внатрешноста и во дворот на Јени џамија се заштитени и застаклени со цел да бидат дел од туристичката понуда во Музејот, кој на отворањето беше најавен како симбол на единство и соживот во Битола.

притисни ентер