Влатко Стефановски сними нов албум во култното Abbey Road Studios во Лондон

Влатко Стефановски, виртуозот на гитарата, годината во која одбележува 50 години од својата импресивна кариера ќе ја памети и по својата лондонска авантура.

Распродадениот клуб Dingwalls 2 во лондонскиот кварт Камден и снимањето во легендарното студио Abbey Road го сумираат неговиот петдневен престој со тимот на Кроација рекордс.

Како што соопштија од Кроација рекордс Македонија, новиот проект кој беше успешно реализиран опфати снимање во Abbey Road Studio Three во кое Влатко Стефановски со Јан Стефановски на тапани и Тихомор Хојсак на контрабас снимија дури дваесет и две песни меѓу кои и Where My Guitar Gently Weeps, на Битлси, една од најголемите групи на сите времиња. Песната е избрана токму како посвета на просторот и дел од историјата што го одбележа четворката од Ливерпул.

-Нашето лондонско искуство полека се заокружува. Имавме пет магични денови. Во култното студио Abbey Road, ги посетивме сите ходници, ги видовме сите инструменти и, да кажам, светите места каде што работеа Битлси. Во Abbey Road Studio Three пеев на микрофонот на кој еднаш пееше Ејми Вајнхаус, тоа е голема мотивација да снимиме на вакво место, па го прославивме трудот и енергијата што ги оставивме во студиото во кантина каде што седеа Битлси и многу други музичари, рече Влатко Стефановски, сè уште под импресии од минати настани.

Според него, тоа е огромна мотивација да се снима на вакво место, а исто така е и ретко искуство.

-Успеавме да снимиме дваесет и две песни за два дена, Јан на тапани, Хојсак на контрабас и јас на гитара. Тон мајстор беше Горан Мартинац. На крајот сè заврши еуфорично, па го прославивме трудот и енергијата што ги оставивме во студиото во кантина каде што седеа Битлси и многу други музичари, дополни Влатко Стефановски.

Распродадениот клуб Dingwalls 2 беше дополнителен мотив за ова трио да го даде својот максимум на концертот, а публиката на најдобар можен начин им возврати. Задоволството од музиката беше обострано.

- Концертот беше незаборавен. Публиката пееше во еден глас со нас. Беше извонредно и магично. Дома се враќаме уморни, но крајно задоволни и благодарни на тимот на Кроација рекордс што ни го овозможи ова музичко патување, додаде Стефановски.

Ексклузивноста на еден ваков специјален проект да биде комплетен се погрижи видео тимот на Кроација рекордс кој го документираше снимањето на албумот и концертната атмосфера.

Влатко Стефановски е светски познат гитарист кој засекогаш ја одбележа музиката на овие простори, најпрвин како водач на феноменалната група Леб и сол, а потоа преку неговите соло проекти и соработките со многу други големи музичари. Вистински македонски музички амбасадор. Легенда!

Последниве години најчесто настапува со синот Јан на тапани и со Иван Кукиќ на бас, под името Влатко Стефановски Трио. Со преку 15-ина самостојни албуми и бројни филмски и театарски проекти, Влатко ја покажа својата неверојатна способност да обединува различни музички жанрови и уметнички изрази.

Автор е на музика за три современи балети и 17 играни филмови. Од особена важност е неговата соработка со Лондонскиот симфониски оркестар, а оваа најнова лондонска авантура секако ќе има посебно место во неговите мемоари, стои во соопштението.

Снимки од кометата што се гледа еднаш во 80 илјадалетија

 Небото над Хрватска синоќа понуди ретка и прекрасна глетка... А, сѐ тоа фотографите го овековечија со низа снимки, пренесува „Индекс“.

Кометата, наречена Цучиншан-Атлас или „Ц/2023 А-3“, минува низ внатрешниот дел на Сончевиот Систем и ова е едно од најблиските и најсветлите појавувања на комети последниве години. Овој настан, се наведува, нема да се повтори следните 80.000 години.

Астрономите ја открија кометата во 2023 година, преку две независни набљудувања - во Кина (во Опсерваторијата „Цучиншан“), и во рамките на американскиот проект „АТЛАС“ (Систем за последен аларм со копнено влијание на астероиди). Нејзината орбита ја рангира меѓу кометите со долг период на револуција, што значи дека се потребни илјадници години за да направи еден круг околу Сонцето.

Ја нарекуваат најспектакуларната комета на десетлетието. Според сегашните проценки на астрономите, револуцијата на кометата Цучиншан-Атлас е околу 80.000 години. Тоа значи - откако ќе мине низ внатрешноста на Сончевиот Систем оваа 2024 година, Земјаните ќе може повторно да ја видат после 80 илјадалетија.

Тоа укажува и на ретка прилика и можност и за научно истражување и набљудување.

Кометата би можела да придонесе за проучување и нови сознанија за Кајперовиот Појас и Ортовиот Облак, коишто се наоѓаат на периферијата на Сончевиот Систем. Проучувањето на комети со толку долги орбитални периоди е од клучно значење за разбирање на најдалечните делови од нашиот планетарен систем.

Руски суд соопшти дека францускиот истражувач Лоран Винатиер поднел жалба на 3-годишната казна

Францускиот истражувач Лоран Винатиер поднел жалба против тригодишната затворска казна за прекршување на законот за „странски агенти“ на Москва, случај што го осуди Париз. За поднесокот денеска соопшти руски суд.

Винатиер (48), кој работи за швајцарска невладина организација за посредување во конфликти, е еден од неколкуте лица од Западот кои беа уапсени во Русија откако Москва ја почна својата офанзива за Украина во 2022 година.

„Жалбата против пресудата беше регистрирана на 21 октомври“, објави судот на својата веб-страница, една недела по изрекувањето на пресудата за Винатиер кој ја призна вината и рече дека не знаел дека требало да се регистрира како „странски агент“ - ознака што речиси исклучиво се користи против домашните руски критичари на Кремљ.

Тој беше уапсен во Москва во јуни, а исто така беше обвинет за собирање информации за руската војска.

Францускиот претседател Емануел Макрон побара Русија да го ослободи Винатиер, чие апсење дојде откако се зголемија тензиите меѓу Париз и Москва поради конфликтот во Украина.

Западните земји ја обвинија Москва дека апси нивни граѓани со неосновани обвиненија за да ги користи за размена на затвореници.

Во август Русија и Западот ја одржаа најголемата размена на затвореници од Студената војна. /МИА

Анкета: Нова демократија стабилна на првата позиција, ПАСОК на втората, СИРИЗА петта

Нова демократија стабилна на првата позиција, ПАСОК на втората, СИРИЗА петта политичка сила во Грција.

Грчката владејачка партија Нова демократија со 25 отсто е стабилна на првата позиција, ПАСОК е втора со 9,7 проценти помалку, потоа следат десничарско-националистичката Грчко решение и Комунистичката партија, а СИРИЗА е петта политичка сила во земјата, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење во Грција спроведено од агенцијата „Алко“ за грчката телевизија „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на тоа дали граѓаните се оптимисти дека ситуацијата за нив и нивното семејство во иднина ќе се подобри, 44 отсто сметаат дека состојбата ќе биде полоша, а исто толку дека ќе остане иста, додека пак за резултатите на владината политика, 53 проценти велат дека не се воопшто задоволни.

На прашањето која од опозициските партии може да понуди кредибилна владина алтернатива, речиси половина од анкетираните (49 проценти) одговориле „никоја“, а 21 отсто ја избрале ПАСОК.

Истражувањето на јавното мислење од агенцијата „Алко“ за грчката телевизија „Алфа“ било спроведено од 15 до 19 октомври со анкетирани 1.003 лица.

притисни ентер