Илјадници луѓе, вклучително и семејства и наставници, синоќа протестираа во Валенсија барајќи брза реконструкција и чистење на училиштата оштетени од поплавите, наведувајќи дека поради недостиг на капацитети, 13.000 деца во регионот моментално немаат настава.
Демонстрантите држеа плакати со кои бараа оставка од лидерот на Валенсија Карлос Мејсон, обвинувајќи ја регионалната влада дека чистењето на училиштата им го препушта на наставниците и учениците, пренесува Ројтерс.
Триесет училишта сè уште се затворени, а 13.000 деца во Валенсија не одат на училиште поради тоа, според регионалниот синдикат на наставници СТЕПВ.
Шпанската влада соопшти дека околу 5.000 луѓе учествувале на протестот, додека портпаролката на регионалната влада на Валенсија рече дека околу 32.000 ученици од областите погодени од поплавите се вратиле на училиште од 11 ноември.
Карлос Мејсон се соочува со критики дека предоцна испратил предупредување за поплави до локалното население, но одбил да поднесе оставка, велејќи дека телото одговорно за мерење на протокот на вода, управувано од националната влада, не испратило доволно предупредувања.
Во поплавите што на крајот на октомври ја погодија Шпанија, загинаа 223 лица, од кои најголем број жртви има во регионот на Валенсија.