Верстапен: Во Австрија направивме грешки секаде што беше можно, почнувајќи од стратегијата

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен ја наведе причината за неговиот неуспешен настап во Австрија на вчерашното Гран при во Формула 1.

Холанѓанецот трката на „Ред Бул ринг“ ја заврши на 5.место, откако во финишот имаше судар со Ландо Норис од Мекларен.

- Мислам дека имавме прилично добар прв дел, а потоа на крајот влегов во мал судир. Во принцип, денес направивме многу грешки – почнувајќи од стратегијата. Пит-стопите беа едноставно страшни. Првиот беше многу лош, вториот беше уште полош, а потоа му давате време на противникот - изгубивме шест секунди на тие две застанувања. Се разбира, тоа е трка. Затоа сме на оваа позиција. За жал... заврши со несреќа што се случи меѓу мене и Ландо Норис. Никогаш не го сакаш тоа. Денеска направивме грешки секаде каде што можевме, изјави Верстапен.

Со 237 бодови, Верстапен е лидер во поредокот за возачи. Втор е Норис со 156 трет Шарл Леклер до Ферари со 150 бода.

Отворен скијачкиот центар „Михајлово“

Зимски центар каков што заслужува Тиквешијата. Официјално пуштен е во употреба скијачкиот центар „Михајлово“, на околу 35 километри оддалечен од Кавадарци во густите предели на Кожув.

Отворањето на центарот и официјалното пуштање во употреба на скијачката патека „Македонија“ го привлече вниманието на љубителите на снежните спортови. Од деца со санки и скии, до поискусни скијачи, но и луѓе кои решиле својот прв ден од новата година да го поминат на прекрасното планинско сонце.

На отворањето на центарот, покрај градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и членови на општинскиот совет, присуствуваа и премиерот Мицкоски, и министрите Тошковски и Димитриоска Кочоска.

Овој центар ќе привлече туристи од околината и дополнително ќе го развие туризмот во овој крај од земјава, сметаат Јанчев и Мицкоски.

Официјалното користење на стазата „Македонија“ пак го најави Дедо Мраз кој со моторна санка се спушти по патеката. Потоа свечено беше пресечена лента, а на крај следеше пробното скијање.

Дел од присутните задоволни што во овој крај ќе имаат ски центар. Велат, „Михајлово“ ќе биде идеално место за викенд-прошетка.

На настанот, беа доделени и плакети за општествено-одговорните компании кои помогнале за пуштање во употреба на центарот.

Во штипската Клиничка болница женско бебе во новата година

 Андреја е првото новороденче кое се роди во штипската Клиничка болница. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов и директорот на болницата, Владко Захариев, денеска ги посетија Андреја и нејзината мајка.

Раководителката на Одделението на гиникологија и акушерство при Клиничка болница -Штип, Станка Јаневска - Велкова истакна дека бебето има три килограми и 550 грама и 49 сантиметри.

- Се роди неколку сеукнди само по полноќ и сме многу среќни сите заедно со Андреја. Да е жива и здрава, голема да расте, рече Јаневска - Велкова.

Таа истакна дека минатата година ја имаат завршено со 418 раѓања, а бројката е намалена како во сите други родилишта. Желба ѝ е на родилките да им се врати довербата во државните родилишта.

Штипскиот градоначалник посака оваа година да има многу новороденчиња, кои ќе означуваат нова надеж, нов живот и напредок во општина Штип.

- На нашите сограѓани им посакувам успешна, среќна и бериќетна нова година. Во оваа година да имаме многу развој во нашиот град. Нека малата Андреја биде поттик за напредок и бериќетна 2025 година, изјави Јорданов.

Директорот на Клиничка болница - Штип, Захариев порача оваа година да биде со повеќе рожби, а граѓаните да имаат помалку нервози.

За лекарите и медицинскиот персонал, новогодишната ноќ поминала вообичаено, без случаи со алкохолизирани граѓани, а имале интервенции на повредени лица во сообраќајни несреќи со полесни повреди.

Инаку, подобрени и посовремени услови има за родилките и нивните новороденчиња на Одделението за гинекологија и акушерство каде има и два нови апартмана, а по Божиќ ќе се реновира и тоалетот. Годинава, се очекува доекипирање и на лекарскиот кадар, со враќање на две лекарки од породилно боледување и со нови лекари - специјализанти, за кои постои најава за вработување од Министерството за здравство.

„Скопска Новогодишна приказна“ во Општина Кисела Вода

​Кисела Вода испиша прекрасна „Скопска Новогодишна приказна“.

Под насловот „Скопска Новогодишна приказна,“ синоќа пред салата Расадник, Општина Кисела Вода организираше незаборавна новогодишна прослава, која собра илјадници жители од Кисела Вода и Скопје. Настанот започна со настапот на „Куку Леле“ и под водство на харизматичниот Игор Џамбазов, кој настапи заедно со „Гуру Харе Бенд.“

Програмата продолжи со енергичните „ДНК,“ на кои им се придружи Врчак, кој по 15 години пауза повторно се појави на музичката сцена. Вечерта кулминираше со настапот на популарниот Лозано, кој заедно со публиката ја дочека Новата година.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, се обрати кон присутните граѓани непосредно пред полноќ, упатувајќи искрени новогодишни желби:

„Драги жители на Кисела Вода и Скопје, оваа вечер ви ја посветуваме вам и на радоста, љубовта и сплотеноста што ја носи Новата година. Ви посакувам добро здравје, лична и семејна среќа и уште многу успеси. 2025-та година да биде година на поубави можности и остварени соништа! Од срце ви благодарам што сте тука со нас, споделувајќи ја оваа магична Новогодишна ноќ. Заедно да броиме до нови успеси и светли моменти. Среќна Нова година!“-честиташе градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Со заедничко одбројување, огномет го осветли небото над Кисела Вода, додека публиката со воодушевување пееше, играше и се забавуваше со изведувачите.

Настанот имаше и богат дневен дел, посветен на најмладите посетители. Програмата започна со настап на балетското студио „Лебед“, продолжи со Бисера Мојаноска и театарската група „Театар за тебе“. Малите посетители уживаа во веселите настапи на „Поточиња“, аниматорите и Дедо Мраз, кој овој пат беше во друштво на ликот Гринч. Сите присутни деца добија празнични пакетчиња, кои дополнително му додадоа магија на Новогодишниот ден.

притисни ентер