Ужас во Сиднеј: Запалена перница фрлил кон сопругата,во пожарот му изгореле три од седумте деца

Австралиски татко наводно го подметнал пожарот во кој загинале неговите три деца така што запалил перница и ја фрлил кон сопругата, неколку секунди пред да одекне втората експлозија и да го зафати нивниот дом.

Дин Хисман (28) наводно ја забарикадирал својата партнерка Стејси Гамаџ (29) и нивните деца во нивниот дом во западниот дел на Сиднеј околу 1 часот по полноќ во неделата и го запалил.

Две момчиња (3 и 6) се пренесени во болница во критична состојба, каде што починале од повредите.

Пожарникарите во куќата пронашле тело на 10-месечно девојче.

На мајката морало да ѝ се дадат седативи кога ѝ било кажано дека нејзините деца загинале во пожарот. Нејзините четири други деца го преживеале пожарот.

Инспекторите ги поминаа последните два дена во потрага по индиции за тоа што го предизвикало пожарот.

Дин, наводно, фрлил запалена перница кон својата партнерка, која делумно била виновна за подметнувањето на пожарот, објави Дејли Меил.

Инспекторите, исто така, истражуваат дали Хисман наводно користел запалливо средство откако втората експлозија ја запалила куќата неколку моменти откако тој фрлил целосно запалената перница кон жената.

Меѓу доказите што биле извадени од куќата имало и две шишиња за вода со кафеава течност слична на бензин.

Полицијата рече дека таткото ја држел влезната врата затворена кога пристигнала итната помош и извикал: „Да умрам овде“, додека децата врескале за помош.

Таткото наводно ги влечел децата внатре и ги задржувал додека се обидувале да избегаат.

Тој се здобил со изгореници на кожата и вдишување чад, по што е префрлен во болница и е во индуцирана кома. Под опсервација е во болницата, а детективите чекаат за да го испрашаат.

Неговата состојба наводно се влошила во понеделникот.

Соседите рекоа дека сите три предни соби од куќата брзо биле зафатени од пламен, пред да почнат да искрат далноводите.

По изгаснувањето на пожарот на лице место излегле соседи и роднини кои оставиле цвеќе и свеќи во спомен на починатите.

Полицијата не можела да потврди дали таткото бил вооружен кога ги спречил спасувачите да влезат во куќата, додавајќи дека тоа било предмет на истрага.

Советот на ЕУ ги продолжи економските санкции против Русија

Советот на Европска Унија соопшти дека ги продолжува економските санкции против Русија воведени поради војната во Украина до 31 јануари 2025 година.

Санкциите првично беа воведени пред 10 години и беа продолжени во 2022 година.

- Санкциите вклучуваат ограничувања на трговијата, финансиите, технологијата и стоките со двојна употреба, производството, превозот и луксузните артикли. Тие, исто така, вклучуваат забрана за увоз или претовар на море на сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во ЕУ, исклучување од меѓународниот платен систем СВИФТ (SWIFT) на неколку руски банки и суспензија на емитувањето и лиценците на неколку про-Кремљ канали за дезинформација.

Советот додава дека санкциите треба да се задржат и доколку е потребно да се прошират сè додека продолжат незаконските дејствија на Русија.

Од топлотен удар почина жена на Кипар, три други хоспитализирани во сериозна состојба

Според портпаролот, трите жени на возраст од 25, 67 и 80 години се во сериозна состојба,.

Поради високите температури на Кипар, 64-годишна жена починала од топлотен удар, а три други се хоспитализирани, изјави за кипарската новинска агенција портпаролот на Државната организација за здравствени услуги Хараламбос Харилау, јави дописничката на МИА од Атина.

Според портпаролот, трите жени на возраст од 25, 67 и 80 години се во сериозна состојба, а поради топлотниот бран во изминатите денови „има зголемен број случаи на топлотна исцрпеност“ на сите возрасти од деца до стари лица.

Нови политики и поголем буџет за грижа и посветеност за талентираните ученици, најавува МОН

Менување на политиките за талентираните деца и обезбедување поголем буџет за нив, промени што ќе се случат наскоро, најавува министерката за образование и наука Весна Јаневска по новиот успех на македонски ученици на меѓународен натпревар.

Од штотуку завршената 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024) во Велика Британија, шест македонски ученици се враќаат со еден златен медал, два бронзени и три пофалници.

Златниот медал го освои 16-годишниот Дамјан Давков од Штип, кому ова му е второ злато на ИМО од пет учества на кои ја претставува нашата држава, на кои досега има освоено и два сребрени медала и една пофалница. На Олимпијадата по математика, која од 11 до 22 јули се одржа во британскиот град Бат, бронзени медали освоија Леонид Тодороски и Алексиј Тасиќ, а пофалници добија учениците Бранко Јангеловски, Ивано Божиновски, Никола Цветаноски.

Честитајќи им го успехот, министерката Јаневска истакна дека МОН и Владата почнуваат да ги менуваат политиките кои ќе значат грижа и посветеност кон талентираните ученици.

- Ќе ги смениме законите и ќе обезбедиме поголем буџет. Покрај паричните награди кои ги добиваат за освоено прво, второ или трето место, идентично како што дефинира Законот за основно образование, така ќе предвидиме можност за надомест на патните трошоци и котизацијата за учество на олимпијади/натпревари и за средношколците, со цел во иднина ниту тие, ниту некои нови суперталентирани деца, ниту нивните семејства и наставници - ментори, да немаат грижи како досега - дали ќе стигнат до таму. Веќе работиме на новото законско решение, објави министерката Јаневска на Фејсбук.

Идејата е во иднина со овие деца да се занимава центар или центри за поддршка на талентирани и надарени ученици каде што, наведува Јаневска, ќе им се обезбеди менторство и ќе се работи преку индивидуалнизирани програми, ќе се поддржуваат и родителите и ќе се поврзуваат со институции и ресурси.

-Знам дека темата е сензитивна. Реакциите во јавноста се сосема оправдани, бидејќи години наназад никој не им помогнал на овие деца колку што заслужуваат. Јасно е дека талентот нема време за чекање. Но, сакам и да уверам дека младите се наш фокус и центар на сите политики, бидејќи без нив, државата нема иднина. Само 20 дена изминаа од нашиот мандат, а веќе преземаме крупни чекори. Промените за поддршка на талентираните, законски и практично ќе се случат наскоро, наведува министерката за образование и наука.

Таа им го честита успехот на шесте ученици и нивните ментори кои на Интернационалната математичка олимпијада во британскиот град Бат (11 - 22 јули 2024) освоија награди и вели дека се „предводници на своите генерации“.

-Гордо стојат на македонската химна и го веат знамето на татковината, додека организаторите на меѓународни научни олимпијади и престижни ученички натпревари им доделуваат награди и признанија за постигнатите успеси. Искрено им честитам на достигнувањата и им благодарам што со своите знаења, достојно ја претставуваат Македонија во светот, истакнува Јаневска во објавата на Фејсбук.

Во текот на август, како што вели, ќе организира средба со ученици и со сите здруженија на наставници кои ги подготвуваат за натпревари бидејќи некои натпревари се уште се во тек. За оваа намера веќе се контактирани дел од здруженијата.

На 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024) во Бат, Велика Британија, од 11 до 22 јули се натпреварувале 609 ученици од светот во решавање шест математички проблеми во текот на два натпреварувачки дена.

Пред учеството на ИМО 2024, македонските ученици поминале еден месец подготовки организирани од Сојузот на математичари на Македонија (СММ) на кои разработувале напредни теми и техники за решавање проблеми од математичките области: алгебра, комбинаторика, теорија на броеви и геометрија.

Од СММ истакнуваат дека ова е исклучителен успех за нашата земја, која во конкуренција на 109 држави екипно се пласира на 28 место според освоени одличја, односно на 46. место според освоени поени.

- Успехот на овие шест златни деца е успех за целата татковина. Ова е само второ македонско злато на ИМО во досегашните 32 учества на Македонија како независна држава. Штипјанецот Дамјан Давков со освоениот златен медал, втора година по ред се вбројува во светската математичка елита. Ова 16-годишно момче е несомнено најуспешниот македонски олимпиец на сите времиња – во досегашните пет учества има освоено два златни медала, два сребрени медала и една пофалница – и цврсто чекори кон тоа да стане еден од најуспешните олимпијци во историјата на ова престижно светско натпреварување, велат од Сојузот на математичарите на Македонија.

притисни ентер