Уставен се сомнева во дискриминација при државна помош на новородени деца, поведена постапка

Уставниот суд денеска поведе постапка за оценка на уставноста на одредби од Законот за заштита на децата кои се однесуваат на државна помош за новороденчиња, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на Уставен Христина Беловска. 

Таа истакна дека Судот со мнозинство гласови изразил сомнеж во усогласеноста со уставните одредби на законското решение државата да дава парична помош само за прво и второ новородено дете, со што ги дискриминира следните родени деца во семејството.

-Според Уставниот суд, во овој закон, конкретно во членот 36 спорни се одредени делови кои ги содржат термините „прво и второ“ а се однесуваат на новороденчиња, дел од став 3, како и цел став 2 кој гласи - „За прво и второ новородено дете се смета дете кое е прво и второ живородено дете по ред на раѓање на мајката кој редослед се утврдува на ист начин кога мајката ќе роди повеќе деца одеднаш“, рече Беловска.

Додаде дека со одлуката Судот да поведе постапка, значи дека влегува во следната фаза во која ќе ја оценува уставноста на оспорените одредби и нивната усогласеност со членот 8, кој се однесува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународните права и утврдени во Уставот, членот 9 и членот 42 кој гарантира посебна заштита на децата.

-Овие законски одредби се однесуваат на семејствата кои во последните три месеци пред да поднесат барање за помош за новороденче имаат вкупен просечен приход понизок од минималната нето плата која била утврдена по основ на претходната година, посочи Беловска.

Пандов: Затвореници излегувале и влегувале во затворот „Скопје“ кога сакале

Пандев рече дека 11 затвореници не биле во своите ќелии, а состојбата била различна од она што го добиле во списокот и во полуотвореното и отвореното одделение, како и во пералната. 

В.д. директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов денеска информираше дека ноќта на 19 овој месец е направен вонреден надзор во Затворот „Скопје“ и притоа е констатирано дека списокот со затвореници што го добиле од полицијата не кореспондирала со фактичката состојба која ја затекнале.

Пандев рече дека 11 затвореници не биле во своите ќелии, а состојбата била различна од она што го добиле во списокот и во полуотвореното и отвореното одделение, како и во пералната. Тој информира дека четворица затвореници во моментов се бегство.

На денешната прес-конференција тој посочи дека некои затвореници излегувале и влегувале во затворот кога сакале.

Според него, затворските полицајци изјавиле дека затворениците се преместуваат со усна наредба на директорот Филип Андов - Сокол, за кого рече дека ќе побара да биде разрешен.

Тој вели дека седум години не била направена контрола во овој затвор и дека во моментов двајца службеници се во затворот за да го земат материјалот од видео надзорот.

УКЛО Битола потписник на Декларација од Барселона за отворени истражувачки информации

Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола е првиот и единствен македонски универзитет кој се приклучи на Декларација од Барселона за отворени истражувачки информации.

Со прифаќање на Декларацијата од Барселона, УКЛО ја потврдува посветеноста за унапредување на знаењето за подобрување на општеството и промовирање на култура во која информациите за истражување се слободно достапни за сите, истакна ректорот на УКЛО, Игор Неделковски.

-Реализацијата на иницијативата и приклучувањето на УКЛО кон меѓународни иницијативи од овој тип, придонесува за зголемување на видливоста на научната компонента, но и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во целина, посочи Неделковски.

Според проректорот за наука, Горан Илиќ овој нов момент е значаен чекор напред во заложбата на УКЛО за поттикнување на транспарентноста во истражувачките практики, особено затоа што, Декларацијата од Барселона претставува заеднички напор на институциите ширум светот за револуција во ширењето и користењето на информациите за истражување.

-Отвореноста на информациите за истражување е од клучно значење бидејќи обезбедува достапност и транспарентност на истражувањето до сите засегнати страни и го поддржува глобалното движење кон отворена наука, нагласи Илиќ.

Декларацијата од Барселона ја потпишаа триесеттина универзитети од Франција, Грција, Чешка, Холандија, Шпанија, Германија..., а меѓу нив е и македонскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола.

Акција за отплата на долгови за вода без пресметка на камата до 31 јули

 Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје ги известува граѓаните на град Скопје дека акцијата за отплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање е во тек. 

Акцијата за физички и правни лица почна на 20 јуни, а трае до 31 овој месец.

- Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг во овој период да аплицираат за склучување на договори за отплата на долговите на најмногу 48 рати за физички лица и 24 рати за правни лица, во зависност од висината на долгот, без пресметка на камата за задоцнето плаќање. Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес. По истекот на овој период одлуката престанува да важи, соопштуваат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

За секоја дополнителна информација за услугите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, граѓаните можат да контактираат на 02 3073 010 во Дежурно Информативен Центар; 02 3240 300 во Дирекција; [email protected]; www.vodovod-skopje.com.mk; www.facebook.com/jpvodovod.skopje.

притисни ентер