Трамп ја номинираше долгогодишната соработничка Брук Ролинс за министер за земјоделство

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја номинираше Брук Ролинс за министер за земјоделство.

Таа е основач и претседател на America First Policy Institute – аналитички центар кој тесно соработуваше со предизборната кампања на Трамп и во текот на изминатите четири години помогна во обликувањето на политиките на неговата идна администрација.

За време на првиот претседателски мандат на Трамп, Ролинс беше на чело на Советот за внатрешна политика.

-Како нов министер за земјоделство, Брук ќе ги насочи своите напори кон заштита на американските фармери, кои се вистинската база на нашата земја, се вели во изјавата на Трамп. -Брук е целосно посветена на тоа да го подджи американското земјоделство, да ја заштити прехранбената независноста на Америка и го обнови малите градови кои зависат од земјоделството.

Ако нејзината номинација биде одобрена од Сенатот, Ролинс ќе раководи со институција со околу 100.000 вработени и канцеларии во секој округ на земјата. Нејзините одговорности вклучуваат програми за развој на фармерството и исхраната, шумарството, кредитирањето на домаќинствата и фармите, безбедноста на храната, развојот на руралните подрачја, земјоделските истражувања, трговијата и многу други области.

Буџетот на Министерството за земјоделство во 2024 година изнесуваше 437,2 милијарди долари. Како министер, Ролинс исто така ќе ја советува администрацијата за прашања поврзани со воведување даночни поволности за биогорива.

Горивата поскапуваат од денар до денар и половина

Цената на бензините и на екстра лесното масло за домаќинство од ноќеска на полноќ се зголемува за еден денар за литар, а дизелот поскапува за 1,5 денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.

Цената на бензините и на екстра лесното масло за домаќинство од ноќеска на полноќ се зголемува за еден денар за литар, а дизелот поскапува за 1,5 денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,7 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 77 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 79, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 72, а Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) за 70,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 1,029 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 44,737 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,489 отсто, кај дизелот за 3,554 и кај екстра лесното масло за 2,215 отсто, а кај мазутот има намалување за 2,312 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7524 отсто.

Винисиус се повреди, три недели ќе биде надвор од терените

Реал Мадрид денес соопшти дека е повреден напаѓачот на тимот Винисиус Жуниор.

-По тестовите извршени од медицинските служби на Реал Мадрид, на Винисиус му беше дијагностицирана повреда на бутен мускул на левата нога, се вели во соопштението на „Кралскиот клуб“.

Според пишувањата на медиумите, фудбалерот ќе пропушти три недели. Така, 24-годишниот фудбалер нема да може да игра на 27 ноември против Ливерпул во Лигата на шампионите.

Вчера Реал го победи Леганес (3:0) на гостински терен во 14. коло од Ла Лига. Винисиус го одигра целиот натпревар и беше творец на една асистенција.

Физичка пресметка меѓу пратениците на владејачката коалиција и опозицијата во српското Собрание

Физичка пресметка меѓу пратениците на владејачката коалиција и опозицијата во српското Собрание, седницата прекината.

Седницата на српското Собрание на која се расправа за Предлог-буџетот за 2025 година е прекината поради инцидент, туркања и физичка пресметка на пратениците од владејачката коалиција и опозицијата, јави дописникот на МИА од Белград.

До инцидент дојде кога пратениците на владејачката коалиција и на опозицијата дојдоа на говорницата држејќи транспаренти, по што имаше извици, меѓусебно туркање и фрлање хартии и вода.

Ситуацијата се смири по десетина минути, кога меѓу конфротираните страни се симна претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ и ги упати пратениците од владејачката коалиција на нивните фотелји.

Во исто време дојде до физички конфликт во галеријата на собарниската седница каде што пратениците на СНС го развија транспарентот „Жолтите крадци (ДС) сакаат војна, Србија сака работа“.

И пред говорницата продолжи туркањето и физичкиот контакт меѓу претставниците на власта и опозицијата, како и на некои министри. Прво дојде до туркање, а потоа и физичка пресметка меѓу Бојан Торбица од Движењето на социјалистите (Вулин) и претседателот на ССП, Драган Ѓилас. За време на инцидентот во собранието се слушааа вувузели и свирежи.

После тоа, опозицијата внесе голем бел транспарент со „крвава рака“ во салата, кој го поставија пред говорницата, додека еден пратеник не се обиде да им го грабне транспарентот, по што повторно избувна конфликт.

По смирување на ситуацијата, пратениците од опозицијата го попречуваа презентирањето на предлог-буџетот на српскиот премиер Милош Вучевиќ на говорницата, кон која пријдоа неколку пратеници кои свиркаа и носеа транспаренти на кои пишуваше „рацете ти се крвави“.

Претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, по инцидентите одреди пауза и ги повика пратеничките групи на консултации.

притисни ентер