Тошковски - Рокас: ЕУ со силна поддршка во реформите во професионалната полиција

ЕУ со силна поддршка во реформите и креирањето на модерна и професионална полиција.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со новоназначениот амбасадор на ЕУ во земјава Микалис Рокас.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, Тошковски упати честитки до амбасадорот за назначувањето на новата функција и изрази уверување дека одличната соработка и пријателските односи ќе продолжат, како и со сите досегашни амбасадори на ЕУ во земјата.

- Европската Унија е наш најзначаен партнер со поддршка преку структурните фондови, ИПА проектите и последно, преку Планот за раст, земјава може да напредува и во оваа последна фаза на нашиот пат кон целосна европска интеграција. Солидарноста летово ја видовме на дело. Благодарност до ЕУ и нејзините земји членки за асистенцијата која ни ја дадоа во справувањето со пожарите кои ја погодија земјава летово, без нивна помош, загубите и штетите по државата ќе беа непроценливи, потенцираше министерот Тошковски.

Амбасадорот Рокас, како што се наведува, ги нагласи актуелните проекти и поддршката што ја добиваме од страна на ЕУ во дел на јакнење на капацитетите на МВР, посебно во делот на илегалната миграција, борбата со организираниот криминал и високата корупција и ги подвлече предизвиците на кои треба да се фокусираме за доближување кон европските стандарди.

- Рокас ја изрази својата поддршка кон реформските процеси и приоритетите на министерството во борба со организираниот и сите видови криминал и корупција и обезбедување на безбедноста на сите граѓани и општеството од страна на МВР, стои во соопштението од МВР.

Општина Куманово го објави конкурсот за избор на сувенир

 Општина Куманово го објави конкурсот за избор на сувенир на градот, соопштија денеска надлежните од Секторот за локален економски развој.

Заинтересираните правни и физички лица можат да аплицираат за изработка на сувенир. Понудените изработки треба да исполнуваат повеќе одлики и со автентичните трудови да придонесат кон креирањето на производ кој ќе го отсликува карактерот на градот, во насока на зголемена промоција.

Како што наведуваат од Секторот за економски развој, Општината на овој начин поддржува идеи и автентични трудови со цел да придонесат кон креирањето на производ кој ќе ги отсликува карактеристиките на градот, во насока на зголемена промоција. Сувенирот мора да ги содржи елементите на препознатливост и да ја отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот Куманово, да биде адаптиран за масовно производство и наменет за туристичка промоција на градот. Сувенирот треба да биде изработен од материјал, големина и боја според замислата на авторот, да се користат стабилни и еколошки прифатливи материјали како што се: керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил. Рокот за доставување е до 21 октомври годинава.

Наградата за „Сувенир на општина Куманово“ изнесува 100.000,00 денари без ДДВ, при што првиот дел од износот изнесува 30.000,00 денари и ќе биде наменет за добитникот за мотивација и вложен труд. Вториот дел од наградата, добитникот на наградата во меѓусебен потпишан договор со Општина Куманово, зависно од проценетата вредност на трудот, должен е да достави одредена количина на сувенирот на општина Куманово во износ од 70.000,00 денари.

Синегубов: Најмалку 11 повредени во руски напад врз Харков

Најмалку 11 лица, меѓу кои и едно дете, се повредени во руски напад во североисточниот украински град Харков, изјави регионалниот гувернер на Харков, Олег Синегубов.

Синегубов на „Телеграм“ изјавил дека нападот предизвикал штета на инфраструктурата. Властите сè уште истражуваат какво оружје користела Русија.

Украинската војска соопшти дека соборила 18 дронови лансирани од Русија таа ноќ. Руските сили употребија и два ракети Искандер-М за напад на јужниот регион Одеса, се вели во соопштението на воздухопловните сили објавено на Телеграм.

Руските сили за воздушна одбрана уништија 16 украински беспилотни летала во текот на ноќта, соопшти во меѓувреме руското Министерство за одбрана.

Четиринаесет од беспилотните летала беа соборени над регионот Белгород што граничи со Украина, а два над Црното Море, соопшти Министерството.

Лашкоска во Хамбург на министерски состанок за Зелена Агенда за Западен Балкан

На состанокот, како што соопшти МЖСПП, земјите од Западен Балкан реферираа за степенот на имплементација за Зелената Агенда.

Во рамки на Берлинскиот процес и одбележување на неговата 10годишнина, денеска во Хамбург, СР Германија, се одржа прв годишен Министерски состанок за Зелена Агенда за Западен Балкан, на која учествуваше заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска.

На состанокот, како што соопшти МЖСПП, земјите од Западен Балкан реферираа за степенот на имплементација за Зелената Агенда.

Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска нагласила дека Македонија ја препознава Зелената Агенда како клучна платформа за унапредување на соработката и поттикнување напредокот кон еколошката одржливост и отпорноста на климата во регионот.

Во таа насока, таа додала дека сме посветени на спроведување на Зелената агенда и исполнување на обврските од сите пет столбови на Акцискиот план за Зелена Агенда за Западен Балкан - декарбонизација, циркуларна економија, намалување на загадување, одржливо земјоделство и производство на храна и биодиверзитет.

-На средбата Лашкоска ја изрази нашата поддршка и одобрување за донесување на Заедничката изјава од првиот министерски состанок за Зелената агенда за Западен Балкан - Декларација од Хамбург и на Регионален акциски план за спроведување на Заедничката изјава за спречување на загадување од пластика, вклучително и морски отпад, како и Патоказ за адаптација на климатските промени за Западен Балкан, се наведува во соопштението од Министерство за животна средина и просторно планирање.

притисни ентер