The Times: Украина би можела да направи нуклеарна бомба, доколку Трамп ја намали помошта

Украина може да направи елементарна нуклеарна бомба во рок од неколку месеци доколку новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, одбие да достави воена помош за Киев.

Украина може да направи елементарна нуклеарна бомба во рок од неколку месеци доколку новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, одбие да достави воена помош за Киев, пишува британски Тајмс, повикувајќи се на „документ подготвен за Министерството за одбрана на Украина. “.

Истакнуваат дека земјата ќе може брзо да изгради основен плутониумски уред користејќи технологија слична на бомбата фрлена на Нагасаки во 1945 година, се вели во извештајот.

„Создавањето едноставна атомска бомба, како што направија Соединетите држави со проектот Менхетен, не би била тешка задача 80 години подоцна“, се наведува во документот.

Во него се додава дека без време за изградба и работа со големи капацитети потребни за збогатување ураниум, Украина за време на војната ќе мора да се потпре на употребата на плутониум извлечен од прачките од потрошеното гориво отстранети од украинските нуклеарни реактори.

Украина сè уште контролира девет оперативни реактори и има значително нуклеарно искуство, и покрај тоа што се откажа од третиот по големина нуклеарен арсенал во светот во 1996 година.

„Тежината на реакторскиот плутониум достапен во Украина може да се процени на седум тони... За да се создаде значителен арсенал на нуклеарно оружје, потребен е многу помалку материјал... Количината на материјалот е доволна за стотици боеви глави со тактичка моќ од неколку килотони“, се наведува во документот.

Таквата бомба ќе има приближно една десетина од моќта на бомбата што САД ја детонираа над Нагасаки, заклучуваат авторите на документот.

„Ова би било доволно да се уништи цела руска воздушна база или концентрирани воени, индустриски или логистички капацитети. Точната моќ на нуклеарното полнење ќе биде непредвидлива, бидејќи ќе користи различни изотопи на плутониум“, рече авторот на извештајот Алексеј Јижак , шеф на одделот на Националниот институт за стратешки студии на Украина, државен истражувачки центар кој делува како советодавно тело на претседателската администрација и Советот за национална безбедност и одбрана на Украина.

Западните експерти веруваат дека на Украина ќе ѝ бидат потребни најмалку пет години да развие нуклеарно оружје и соодветно возило за испорака, додека Валентин Бадрак, директор на Армискиот центар, инсистира Украина да развие свои балистички ракети за помалку од една година.

„Украина за шест месеци ќе покаже дека има способност да создава балистички ракети со долг дострел: ќе имаме ракети со дострел од 1.000 километри“, тврди Бадрак.

Аналитичарите, на кои се повикуваат од „Тајмс“, велат дека ако САД ја напуштат Украина, Велика Британија би можела да ги исполни своите безбедносни обврски според Меморандумот од Будимпешта, помагајќи ѝ на Украина да развие нуклеарно одвраќање, имајќи предвид дека Киев нема конвенционални средства да ја спречи Русија да ја окупира Украина.

Јижак изјави дека постои ризик некои од најголемите градови во Украина, како што се Днипро и Харков, да паднат пред да се развие оружјето.

„Бев изненаден од почитта што САД ја имаат кон руската нуклеарна закана. Можеби тоа нѐ чини војна. Тие го третираат нуклеарното оружје како некој вид на Бог. Можеби е време да му се помолиме и на тој Бог“, додаде тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Украина никогаш не кажала дека сака да создаде нуклеарно оружје, додава „Тајмс“.

Тој потсети на Будимпештанскиот меморандум врз основа на кој Украина се откажа од нуклеарното оружје, но за возврат, како што наведе, „не ги доби ветените безбедносни гаранции“.

Бесплатни скрининг прегледи секој четврток во Здравствен дом Железничар за машкото здравје

Бесплатни скрининг прегледи секој четврток во Здравствен дом Железничар за месецот на машкото здравје

Секој четврток месецов, вклучувајќи го и денешниот, најстариот здравствен дом во државава, Железничар врши бесплатно испитување на крвта на машки лица над 45 години, со цел рано дијагностицирање на канцер на простата. Тоа, како дел од светската кампања за подигнување на свеста за заштита на машкото здравје, чие мото годинава е Грижи се за себе.

Само денеска дошле да се тестираат над 120 машки лица, а директорот на установата, специјалист доктор Спасе Јанев во изјава за медиуми рече дека очекуваат до 400 луѓе до крајот на денов. На преглед се дојдени граѓани од Скопје, но и од други градови во државава. Резултатите ги добиваат во рок од половина час, електронски или на хартија.

-Апелирам до сите машки лица да се грижат за нивното здравје, да се тестираат и да не чекаат, особено оние над 45 години, кои се најранливи на ова заболување. Проверување на само една капка крв, може да спаси нечиј живот. Затоа, нема оправдување дека се нема време, подвлече Јанев.

Како што беше истакнато, ова е само првиот чекор за детекција на канцер на простата, потребни се и други испитувања.

Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека годинава овој ПСА тест се прави само во Здравствен дом Железничар, но, изрази надеж оти од наредната година, повеќе здравствени установи ќе се приклучат на оваа иницијатива.

На настанот присуствуваа и заменик министерот Јовица Андовски, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат - Кирил Лазов, претставник од Советот на министерот - Ванчо Спиров, од Македонската асоцијација на уролози - Мартина Амбаровска.

Петмина Шпанци на листата на номинирани за титулата најдобар тренер во 2024 година

Од деветмина номинирани за категоријата најдобар тренер за 2024 година во изборот на „Глоуб Сокер награди“ се наоѓаат пет шпански фудбалски стручњаци.

Станува збор за Чаби Алонсо (Леверкузен), Микел Артета (Арсенал), Луис Енрике (ПСЖ), Луис де ла Фуенте (репрезентација на Шпанија) и Пеп Гвардиола (Манчестер Сити).

Покрај нив во конкуренција се и: Карло Анчелоти (Реал Мадрид), Џан Пјеро Гасперини (Аталанта), Симоне Инзаги (Интер) и Лионел Скалони (репрезентација на Аргентина).

На веб-страницата на „Globe Soccer Awards“ започна отвореното гласање меѓу навивачите, кое ќе ги одреди финалистите.

Доделувањето на наградата ќе се одржи на 27 декември 2024 година во Дубаи.

За опозицијата, Предлог-буџетот е неразвоен, скратени се средства за енергетиката ....

Опозицијата денеска на првиот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година оцени дека се работи за безидеен буџет кој ќе генерира нови долгови и ќе имаме уште една изгубена година на економски план. 

Лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека фискалната политика што ја предлага власта во Буџетот за 2025 година ќе ја уништи финансиската стабилност на земјата. Во Предлог-буџетот, според Филипче, има проектирано нереални високи стапки за економскиот раст кои не се ништо друго освен изговор за планираната зголемена буџетска дупка и нови задолжувања. Според лидерот на СДСМ, од ветувањата на Владата, нема ништо.

- Владата предвидува раст на БДП од 3,7 проценти за 2025 година. Народната банка го проектираше растот на 3,3 проценти, а Светската банка е уште попесимистична со 2,5 проценти. Буџетскиот дефицит е поставен на 4 проценти од БДП, што директно го нарушува Законот за буџетите. И ова мора да биде јасно, таквиот пристап не значи развој. Тоа значи дека Владата планира да троши повеќе отколку што заработува. И кој ќе го враќа тој долг? Ќе ги зголемиме ли даноците? Ќе ги скратиме ли јавните услуги? Ќе се задолжуваме?, праша Филипче.

Според Филипче, во Предлог-буџетот нема развојни проекти, се води нефер политика со домашните компании и нема никаква визија за енергетската независност на државата.

- Пред некој ден премиерот Мицкоски најави гасна когенеративна централа со која ќе се намали загадувањето. Министерке, Ве прашувам: Каде се овие гасни централи во буџетот? Во која ставка се алоцирани овие средства? Да Ве потсетам, во буџетот што Вие го браните овде, во делот на енергетиката има помалку предвидени средства за развој на енергетиката од 406.331 на 243.100 милиони денари. Но, затоа имате предвидено повеќе средства за искористување на природните ресурси, потенцираше Филипче.

Упати критика и за планирањето на буџетските средства во Министерството за животна средина каде што, како што потенцираше, повеќе средства се одвојуваат за плати и вработувања, отоколку за заштита на животната средина.

- Заштита на животната средина, намалување од 611.387 на 442.065 милиони денари, или намалување од 27,7 проценти, за квалитет на воздух, намалување од 46.415 на 22.771 милиони денари, или намалување од 51 процент. Тука не се правдајте со донации од надвор, прашањето е: зошто Владата не издвојува повеќе средства за решавање на овој горлив проблем“, праша Филипче.

притисни ентер