Таравари: На терен се инспектори за да се испитаат сите факти околу смртта на 14 месечното дете

На терен се инспектори и членови на Комисијата за да се испитаат сите факти околу смртта на 14 месечното дете.

Инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат од утринава вршат инспекциски надзор во болницата Козле и Детската клиника во Скопје, откако завчера почина 14 месечно дете, а претходно неговите родители барале да биде хоспитализирано, но не е примено на Детската клиника во Скопје, потврди денеска министерот за здравство, Арбен Таравари, кој по одбележување на Денот на органодарителството одговараше на новинарски прашања. Министерот за здравство, Таравари истакна дека утринава имал состанок со директорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

-Првиот состанок утрово беше со директорот, екипата веќе е на терен. Комисијата веќе е формирана и се наоѓа на работа, на терен за да ги испита сите факти и аргументи, изјави Таравари.

Тој потврди дека инспекторите на ДЗСИ и на Комисијата која е формирана од негова страна веќе од 9 часот се во двете болници во Скопје.

Инаку, министерот за здравство, Таравари вчера потврди дека детето кое почина на Детската клиника претходно било одбиено да се хоспитализира и истакна „некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“ .

МЕПСО: Јавната набавка за хортикултурно уредување, е од претходното раководство

Јавната набавка за хортикултурно уредување, е постапка која ја распишала и  ја спровело претходното раководство на АД МЕПСО и наша определба е да не се потроши ниту еден денар за овој целосно непотребен трошок.

Потребата за ваква набавка е наведена во планот на јавни набавки за 2024 г., истата е објавена во месец мај а одлуката за избор на најповолна понуда е донесена на крајот на јули од страна на менаџерскиот тим во заминување. Бидејќи постапката беше во финална фаза, а соочени со можноста од правни последици, АД МЕПСО ја потпиша истата.

Инаку станува збор за рамковна спогодба склучена за временски период од 12 месеци што значи дека не постои обврска за искористување на средствата. Како нов менаџерски тим цениме дека набавката за хортикултурно уредување не е неопходна и за истата нема да се доставуваат нарачки. До овој момент не постојат финансиски импликации по однос на оваа спогодба и уверуваме така ќе биде до истекот на спогодбата.

Оттука цениме дека денешната прес конференција е само блед обид на ДУИ преку напади на кадрите на Села, компанијата да ја вовлече во партиски препукувања.

Ја повикуваме јавноста да ја следи реализацијата на набавката преку електронскиот систем за јавни набавки затоа што јавноста има право да знае како се трошеле и трошат средствата на компанијата која е во државна сопственост.

Инаку ова не е прв пример за непотребно трошење пари од страна на претходниот менаџерски тим ако се знае дека од буџетот на компанијата се трошеле пари за донации и спонзорства и таму каде што не било неопходно при што за оваа намена буџетот е пречекорен за околу 10 милиони денари.

Со почит,

АД МЕПСО

Градоначалникот Ѓорѓиевски на изложба на изработки на децата со церебрална парализа

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес ја посети изложбата на изработки подготвени од децата со церебрална парализа, по повод одбележување на Светскиот ден на лицата со церебрална парализа. 

Поставена е во Домот на култура “Билјана Беличанец”, каде овие дечиња се дружеа со градоначалникот и останатите посетители.

-Секогаш тука за моите најдраги пријателчиња! По повод Светскиот ден на лицата со церебрална парализа, денес се одржа изложба подготвена од вредните рачиња на овие мои најдобри другарчиња. Темата на која твореа е Македонија, а тука беше претставено целото наше културолошко непроценливо наследство и традиција кои се дел од нашата историја, корени и нашата иднина гледана преку очите на лицата и децата со церебрална парализа. Овој ден е само уште еден повод да се сретнеме и да си го разубавиме секојдневието, бидејќи нашите дружби се доста чести. Следејќи ги нивните потреби, им отворивме клуб како соодветен простор за игра и дружење, кој е целосно финансиран од мене и мојот тим. Внимаваме на нивната социјализација, на нивната инклузија и како човек и градоначалник секогаш ќе бидам тука за нив. Сите заслужуваат еднаква шанса. Ви благодарам за денешниот ден и прекрасните подароци-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Отворена првата Канцеларија за родителство

Во рамки на основното училиште „Јан Амос Коменски“ во скопски Карпош, од оваа недела започнува со работа Канцеларијата за родителство која воедно е првата установа од овој тип во нашата земја. 

Станува збор за Канцеларија која ќе работи еднаш неделно (секоја среда) од 17 до 19 часот, и истата ќе биде достапна за родителите чиишто деца (од 6 до 10 годишна возраст) учат во основните училишта во Карпош. Имено, Канцеларијата ќе нуди поддршка за родителите преку индивидуални средби во вид на психолошко советување, како и поддршка и третман на деца и родители. Овие средби ќе бидат реализирани со ангажирање на стручни семејни советници од Експертскиот центар за родителски вештини - „Алтернатива“.

Канцеларијата за родителство е дел од проектот „Советувалиште за родители при Општина Карпош“ кој го реализира Експертскиот центар за родителство – „Алтернатива“, а истиот е дел од годишната Програма на локалната самоуправа за еднакви можности меѓу жените и мажите за 2024 година. За оваа намена Општината издвои 300.000 денари од својот буџет за оваа година со единствена цел, да даде сериозна поддршка и помош на родителите во совладување и унапредување на родителските вештини.

На денешното свечено отворање присуствуваше и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода ја истакна важноста од функционирањето на оваа Канцеларија.

- Ми претставува особено задоволство фактот што токму во Карпош се отвора првата Канцеларија за родителство, чија основна цел е да понуди конкретни услуги за зајакнување на родителските вештини. Согласно издвоените финансиски средства од страна на Општината, Канцеларијата за родителство ќе работи до крајот на учебната 2024-2025 година. Меѓутоа нашите заложби се да издвоиме доволно финансиски средства и за наредните години, за да може да ја направиме Канцеларијата одржлива и постојана и да имаме континуитет во поддршката на родителството за сите наши сограѓани“ – посочи Јакимовски.

Хронолошки следено, проектот се одвиваше во три фази при што во првата се организираа обуки за стручните служби од сите 10 основни училишта. Во таа насока, лицата кои посетуваа обуки се стекнаа со сертификати за фасилитатори за родителски вештини на родители на деца од 6 до 10 години. Во втората фаза, беа одржани трибини за родителите од основните училишта на кои се дискутираше околу ставовите, практиките и предизвиците на родителите со деца од погореспоменатата возрасна група. Во третата фаза се отвора Канцеларијата за родителство која непосредно ќе работи со индивидуални семејства нудејќи им совети во однос на справување со сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат тие.

Инаку, работата на Експертскиот Центар е поддржана од Обединетите Нации, од Глобалната иницијатива за поддршка на родители (GISP), вклучувајќи ги СЗО и УНИЦЕФ, како и од Родителство на целоживотно здравје (PLH), и од Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата (EVAC) .

Оттука, Општина Карпош со целосната реализација на овој проект се наметнува како пионер во оваа иницијатива која ги вклучува образовните институции, родителите и основците. Конечниот исход треба да резултира со поефикасна превенција на насилството врз децата од секаков вид, но и со создавање на психолошко здрави и стабилни личности.

ОПШТИНА КАРПОШ

притисни ентер