Свен Крамер со трета олимписка титула на 5.000 метри

Свен Крамер го освои својот трет златен медал во лизгање на 5.000 метри откако заврши на првото место на ЗОИ во Пјонгчанг.

Холанѓанецот, шампион од Сочи и Ванкувер и освојувач на сребрен медал од Торино, стана победник со олимписки рекорд.

Крамер стартуваше во претпоследната двојка, откако пред него светскиот рекордер Тед-Јан Блумен ја предводеше табелата за Канада по победата со две илјадити делови од секундата против Свере Лунде Педерсен од Норвешка. Крамер сепак ја заврши својата серија со време 6:09.76 минути и го подобри олимпискиот рекорд од Сочи 2014, кога ја сопре штоперицата на 6:10.76.

Ова беше втор златен медал за Холанѓаните на турнирот за брзо лизгање во Пјонгчанг и вкупно 34-ти за земјата. Тед-Јан Блумен, роден во Холандија, но се натпреварува од 2014-та година за Канада, остана на второто место со 6:11.616 минути, а Педерсен заврши трет со 6:11.618.

Рангирање од трката на 5.000 метри брзо лизгање (мажи):

1. Свен Крамер, Холандија - 6:09.760 минути, олимписки рекорд
2. Тед-Јан Блумен, Канада - 6:11.616
3. Свере Лунде Педерсен, Норвешка - 6:11.618
4. Питер Мајкл, Нов Зеланд - 6:14.07
5. Сон-хун Ли, Република Кореја - 6:14.15
6. Барт Свингс, Белгија - 6:14.57.

Заокружена серијата мурали во духот на заедницата, кои го отворија 19. издание на АКТО фестивал

Со последните два мурала во Кичево и Скопје е заокружена серијата мурали во духот на заедницата, кои го отворија 19. издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во организација на Здружението Факултет на работи што не се учат - ФРУ од Скопје.

Како што информира Факултет на работи што не се учат - ФРУ од Скопје, во центарот на Кичевската чаршија, на Центарот за култура „Кочо Рацин“, на надворешната и предна фасада е реализиран мурал од уметницата Ивана Самандова во соработка со уметниците Александар Џинго и Методиј Исков. Идејата зад муралот, како што се наведува, е да поттикне размислување околу потребата за соработување меѓу луѓето, особено во полето на уметничките и креативни контексти/дејности.

- Во соработка со ФРУ - Скопје, идејата за овој мурал е делумно инспирирана од релјефот на Јордан Грабулоски, македонски академски вајар и уметник, кој го има изработено на спомен-костурницата во Кичево. Од истиот тој релјеф, композициски се презема инспирацијата да се преобрази во еден поинаков контекст преку кој се нагласува хармонична соработка помеѓу луѓето (во сооднос со самата порака), но и ја доловува функцијата на Домот на култура - како простор каде што се негува културата и уметноста иницирана од индивидуалци и групи. Кога заедно би создавале и негувале услови кадешто сите би се чувствувале поддржани едни меѓу други, низ заедничката соработка би се развила и здрава потреба за творештво во заедница кадешто едни со други, меѓугенерациски, си помагаме и го потхрануваме нашиот заеднички и индивидуален развој, се вели во соопштението.

Во март 2024 година во Скопје се реализираше мурал на зградата која се наоѓа на булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Од ФРУ - Скопје посочуваат дека тоа побудило позитивни чувства и резултирало со уште една иницијатива за реализација на мурал, како вид завршно заокружување на целиот проект и подарок кон станарите.

- Поткрепени со ентузијазмот на станарите во зградата и поддршка од ФРУ, уметницата Ивана Самандова во соработка со Ана Трајковска и Доротеј Нешовски реализираа мурал на зградата бр. 37. На овој мурал е поставен цитат од Бертхолт Брехт кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови кои ги ослободуваат сите!“. Со овој мурал, фокусот е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување, се наведува во соопштението.

Серијата мурали (во Скопје, Прилеп и Кичево), од кои два се во соработка со две јавни културни институции и уште два со две заедници по нивно барање, се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода. /МИА

Во црквата во Пустец наскоро заедничка богослужба на митрополитите г. Петар и г. Јован

 Наскоро заедничка богослужба во црквата „Свети Архангел и  Михаил“ во Пустец ќе одржат Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар и корчанскиот митрополит Јован.

Ова е договорено на велигденската средба во седиштето на Митрополијата на Корча, на лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ Васил Стерјовски и митрополитот Јован.

- Во Корчанската митрополија бев на традиционалната посета по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. На митрополит Јован му го честитав празникот и му посакав добро здравје, радост, мир и спокојство. На средбата меѓу другото се договоривме за заедничка богослужба во црквата во Пустец на митрополитите Петар и Јован, информираше Стерјовски за МИА.

Од негово и од име на партијата и Македонците, тој упатил честитка и до сите верници кои го слават празникот, посакувајќи им многу здравје, среќа, благосостојба.

- Исто така, со корчанскиот митрополит Јован разговаравме и за состојбата со македонските верници и со верските објекти во Мала Преспа и единствениот манастир во ова подрачје „Света Марина“ во Туминец, каде со благослов на митрополитот Јован и донации на Македонците од Канада е изградена камбанарија, што на манастирот му недостигаше, рече тој.

На средбата Стерјовски бил придружуван од Атанас Плоча, заменик градоначалник на општина Пустец. /МИА

Двајца загинати, 21 повреден во нападот со нож во кинеска болница

Две лица загинаа, а 21 се повредени во напад во болница во југозападна Кина, јави ДПА.

Полицијата во округот Женксионг, во југозападната провинција Јунан, денеска соопшти дека маж од локално село ги извршил нападите со нож непосредно пред пладне.

Нема дополнителни информации за можните мотиви за нападот, ниту за идентитетот на жртвите.

Кинеските државни медиуми претходно објавија за 10 жртви, без да го прецизираат бројот на загинати и ранети.

На кинеската платформа за социјални медиуми Веибо кружеа видеа на кои се гледа апсењето на осомничениот сторител.

На други слики од местото на настанот се гледаат повредени жртви на земја. Полицијата соопшти дека повредените се пренесени во болница.

Обвинителството отвори истрага за инцидентот, соопшти полицијата.

притисни ентер