Фото: Дебитираше новиот спортски кабриолет „Mercedes“ со 442 „коњи“

„Mercedes“ го претстави „AMG CLE53 Cabrio“.

Станува збор за кабриолет со средна големина со четири седишта и шестцилиндричен бензински мотор поддржан од „лесен“ хибрид од 48 волти.

Моторот инаку е ажурирана верзија на 3.0-литарскиот шестцилиндричен мотор од моделот „CLE 450“.

Вкупната моќност на погонскиот систем е 442 КС, а максималниот вртежен момент е 560 Nm (600 Nm во кратки интервали).

„Благиот“ хибриден систем може да додаде 22 КС и 200 Nm вртежен момент на погонот, но тие му помагаат на моторот само при мали брзини.

Во комбинација со „AMG“ деветстепен менувач и погон на четири тркала, „CLE53 Cabrio“ може да забрза од 0 до 100 km/h за 4,4 секунди (или 4,2 секунди со опционалниот пакет „Dynamic Plus“).

Максималната брзина е 250 km/h (280 km/h со гореспоменатиот пакет).

Исто како и „Mercedes-AMG CLE53 Coupe“, „Cabriolet“ се одликува со сопствена каросерија која нуди значително поширока патека на тркалата.

Разликата е 58 mm напред и 75 mm назад, а тркалата се стандардни со дијаметар од 19 инчи, додека како опција се достапни 20-ки.

Зголемени се и сопирачките на дискови од 370 mm на предната оска и 360 mm на задната оска.

Елементите специфични за кабриолетот го вклучуваат паметниот систем „AirScarf“ на „Mercedes“ интегриран во предните седишта, додека самиот покрив е акустички слоевита ткаенина што може да се подига и спушта при брзина до 48 km/h.

Волуменот на багажникот зависи од тоа дали механизмот на покривот е складиран, при што стандардниот багажник од 385 литри е намален на 295 литри.

Извор: Б92

Фјури побара реванш, Усик прифати

Британскиот боксер Тајсон Фјури, по поразот од Украинецот Олександр Усик во главниот меч на боксерската вечер во Ријад, потсети на клаузулата во договорот која предвидува реванш.

По објавувањето на резултатот, боксерите разговараа за одржување на реванш во октомври.

Усик, кој стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век, одговори: „Подготвен сум“.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој освои 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Триесет и седумгодишниот Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

Инцидент при слетувањето на хеликоптерот со кој патуваше претседателот на Иран, Раиси

Иранската државна телевизија објави дека хеликоптерот, со кој се превезувал претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, имал „тврдо слетување“.

Телевизијата не соопшти детали за инцидентот, само дека спасувачи се обидуваат да стигнат до хеликоптерот со кој се превезуваа Раиси и други функционери, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан.

Раиси патувал во иранската провинција Источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.

На социјалните мрежи се појави и видео од насобрани луѓе кои се молат за здравјето на Раиси.

Сафади: Јордан бара меѓународна истрага за можни воени злосторства во Газа

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади денеска соопшти дека неговата земја бара меѓународна истрага за наводните бројни воени злосторства извршени за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Сафади, кој денеска во Аман се сретна со шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини, на заедничката прес-конференција рече дека одговорните за документираните злосторства треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

Минатиот месец, Советот за човекови права на Обединетите нации усвои резолуција со која Израел се повикува на одговорност за можни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.

За резолуцијата гласаа 28 земји, 13 беа воздржани, а шест гласаа против резолуцијата, вклучително и САД и Германија.

Резолуцијата ја нагласува „потребата да се обезбеди одговорност за сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за заштита на човековите права со цел да се стави крај на неказнивоста“. /МИА

притисни ентер