Заокружена серијата мурали во духот на заедницата, кои го отворија 19. издание на АКТО фестивал

Со последните два мурала во Кичево и Скопје е заокружена серијата мурали во духот на заедницата, кои го отворија 19. издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во организација на Здружението Факултет на работи што не се учат - ФРУ од Скопје.

Како што информира Факултет на работи што не се учат - ФРУ од Скопје, во центарот на Кичевската чаршија, на Центарот за култура „Кочо Рацин“, на надворешната и предна фасада е реализиран мурал од уметницата Ивана Самандова во соработка со уметниците Александар Џинго и Методиј Исков. Идејата зад муралот, како што се наведува, е да поттикне размислување околу потребата за соработување меѓу луѓето, особено во полето на уметничките и креативни контексти/дејности.

- Во соработка со ФРУ - Скопје, идејата за овој мурал е делумно инспирирана од релјефот на Јордан Грабулоски, македонски академски вајар и уметник, кој го има изработено на спомен-костурницата во Кичево. Од истиот тој релјеф, композициски се презема инспирацијата да се преобрази во еден поинаков контекст преку кој се нагласува хармонична соработка помеѓу луѓето (во сооднос со самата порака), но и ја доловува функцијата на Домот на култура - како простор каде што се негува културата и уметноста иницирана од индивидуалци и групи. Кога заедно би создавале и негувале услови кадешто сите би се чувствувале поддржани едни меѓу други, низ заедничката соработка би се развила и здрава потреба за творештво во заедница кадешто едни со други, меѓугенерациски, си помагаме и го потхрануваме нашиот заеднички и индивидуален развој, се вели во соопштението.

Во март 2024 година во Скопје се реализираше мурал на зградата која се наоѓа на булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Од ФРУ - Скопје посочуваат дека тоа побудило позитивни чувства и резултирало со уште една иницијатива за реализација на мурал, како вид завршно заокружување на целиот проект и подарок кон станарите.

- Поткрепени со ентузијазмот на станарите во зградата и поддршка од ФРУ, уметницата Ивана Самандова во соработка со Ана Трајковска и Доротеј Нешовски реализираа мурал на зградата бр. 37. На овој мурал е поставен цитат од Бертхолт Брехт кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови кои ги ослободуваат сите!“. Со овој мурал, фокусот е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување, се наведува во соопштението.

Серијата мурали (во Скопје, Прилеп и Кичево), од кои два се во соработка со две јавни културни институции и уште два со две заедници по нивно барање, се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода. /МИА

Фјури побара реванш, Усик прифати

Британскиот боксер Тајсон Фјури, по поразот од Украинецот Олександр Усик во главниот меч на боксерската вечер во Ријад, потсети на клаузулата во договорот која предвидува реванш.

По објавувањето на резултатот, боксерите разговараа за одржување на реванш во октомври.

Усик, кој стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век, одговори: „Подготвен сум“.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој освои 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Триесет и седумгодишниот Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

Инцидент при слетувањето на хеликоптерот со кој патуваше претседателот на Иран, Раиси

Иранската државна телевизија објави дека хеликоптерот, со кој се превезувал претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, имал „тврдо слетување“.

Телевизијата не соопшти детали за инцидентот, само дека спасувачи се обидуваат да стигнат до хеликоптерот со кој се превезуваа Раиси и други функционери, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан.

Раиси патувал во иранската провинција Источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.

На социјалните мрежи се појави и видео од насобрани луѓе кои се молат за здравјето на Раиси.

Сафади: Јордан бара меѓународна истрага за можни воени злосторства во Газа

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади денеска соопшти дека неговата земја бара меѓународна истрага за наводните бројни воени злосторства извршени за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Сафади, кој денеска во Аман се сретна со шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини, на заедничката прес-конференција рече дека одговорните за документираните злосторства треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

Минатиот месец, Советот за човекови права на Обединетите нации усвои резолуција со која Израел се повикува на одговорност за можни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.

За резолуцијата гласаа 28 земји, 13 беа воздржани, а шест гласаа против резолуцијата, вклучително и САД и Германија.

Резолуцијата ја нагласува „потребата да се обезбеди одговорност за сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за заштита на човековите права со цел да се стави крај на неказнивоста“. /МИА

притисни ентер