Осветлени споменикот и бистите на 12 ваташки младинци во месноста Моклиште

 Осветлени се споменикот и бистите на 12 ваташки младинци во месноста Моклиште кај кавадаречкото село Ваташа, информираат од кабинетот на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.  

- Во рамките на проектот „Реконструкција и доградба на постоечката надземна мрежа за улично осветлување’’, одделението за улично осветлување при Општина Кавадарци постави ново улично осветлување на месноста викана „12 ваташки младинци’’ во Моклиште, нови енергетско ефикасни светилки со подобра илуминација. Се осветлија 12 бисти со 12 рефлектори поставени на земја и споменикот со дополнителни осум рефлектори исто така поставени на земја, појаснија од кабинетот на Јанчев.

Оттаму додадоа дека инвестицијата е дел од тендерот за нови нисконапонски инсталации за улично осветлување, со вкупна вредност од 65 милиони денари.

Градоначалничката на Град Скопје нема да се кандидира на претстојните локални избори

Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска нема да кандидира за нов мандат. 

Во изјава за медиумите дадена денеска по примопредавањето на шест нови еколошки автобуси за потребите на ЈСП, Арсовска рече дека ситуацијата во државата е крајно полазирана и дека не планира да соработува со луѓе кои знаат само да саботираат и блокираат.

- Би сакала да им посакам барем еднаш да покажат и да докажат прво пред граѓаните дека она што го кажуваат, ќе можат да го реализираат за да на следните избори имаат поддршка. Јас кога се кандидирав за градоначалник, ја имав поддршката од ВМРО-ДПМНЕ којашто, за жал, не успеа да се надмине себеси. Суетите се преголеми за да дозволите некој да работи без да му кажувате што и како да прави. Благодарам, но јас со такви луѓе кои знаат само да саботираат и да блокираат не би сакала никогаш повеќе да работам, рече Арсовска.

Прашана дали со последните случувања со ЈСП е отпочната кампањата за локалните избори, Арсовска рече дека нема да навлегува во политичките агенди, но дека граѓаните се доволно патентни и ќе можат да проценат кои се оние кои можеле да го решат пробемот со јавниот превоз во изминатите три години.

- Ако некој кажува дека овој проблем ќе го реши следната година по локланите избори, прашајте го затоа што не го решил досега. Затоа што Советот е оној којшто можел одлуката за набавка на нови автобуси да ја донесе пред три години. Зошто таква одлука не е донесена треба да ги прашате нив. Да можеше без одлука на Совет, Град Скопје да функциоонира и да можеше да направи јавна набавка, досега ќе беше направена, рече Арсовска.

Винарија Камник со најмногу освоени медали и два трофеи на саемот Винска визија на О.Балкан

Вранец Тероар 2020 Гранд Резерва, од Винарија Камник, доби трофеј за Најдобро автохтоно црвено вино, а „Pure Elegance 2023“ е добитник на трофеј за Најдобро розе вино на саемот Винска визија на Отворен Балкан.

Покрај трофејните признанија, на овој натпревар Винарија Камник се здоби и со дополнителни два платинум, четири златни медали и десет други медали. Со овие награди, Винарија Камник доби уште една меѓународна валоризација за создавање премиум вина.

Во склоп на саемот што се одржа изминатиот викенд во Белград, беа оценувани над илјада вина од меѓународно реномирани вински судии, вклучувајќи седум „Masters of Wine“, под претседателство на Каролин Гилби MW, експерт за балкански вина и вина од Југоисточна Европа.

„Во овие 20 години постоење, вештината и знаењето во создавањето софистицираност и елеганција изразени во сегментот на премиум вина, Винарија Камник ги издигна до највисоко ниво и потврда за тоа се бројните награди и освоени трофеи. Токму овие признанија ја даваат дополнителната вредност на нашите вина, кои што се почесто се дел од винските листи на бројни ресторани во регионот, Европа и пошироко на странските пазари, и на тој начин го промовираат и македонското виногорје и квалитетните вина што ги имаме. За успехот создаван 20 години најзаслужен е целиот тим на Винарија Камник кој безрезервно е посветен на развојот на врвни вина“, велат од Винарија Камник.

Винаријата Камник е еден од најуспешните македонски производители на вино и оваа година одбележа 20 години јубилеј, посветени на уметноста на создавање исклучителни вина. Во овој период Винарија Камник го изгради реномето и лидерската позиција во производство на висококвалитетни премиум вина со повеќе од 25 различни етикети од сортите Syrah, Merlot, Cabernet Sauvignon, Cabernet Franc, Carmenere, Montepulciano, Sangiovese, Pinot Noir, Vranec, Pinot Grigio, Chardonnay, Sauvignon Blanc, Muscat Petit Grain, Moscato Giallo, Viognier, Greco di Tufo.

Во производството на своите вина, Винарија Камник применува иновативни енолошки процеси, во комбинација со традиционални техники. Приоритетно во создавање на вината на Камник е зачувување на автентичноста и уникатноста на македонскиот тероар. Со внимателното следење на процесот на зреење во буриња од француски и американски даб, Винарија Камник создава вина кои содржат единствени зачински ноти и елегантни, софистицирани вкусови.

Со значителните инвестиции во модернизирање на производствената технологија и во капацитетот, Винарија Камник достигна до годишно производство од 300 000 литри вино, и преработува повеќе од 500 тони грозје кои созреваат во 500 дабови буриња и дополнителни дабови танкови од поголем капацитет. Винаријата располага со 40 хектари сопствени лозови насади, дел од кои се и 22 хектари на единствена локација, на 550 метри надморска височина, на микролокацијата Војница, каде што созрева исклучително ароматично и богато концентрирано грозје. Винаријата Камник изминатите години успеа да воспостави извозни релации со регионот, Европа, САД, Кореа, Бразил.

Во Албанија во полициска акција приведени високи полициски функционери, судии и новинари

По налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, во голема полициска акција против криминални групи албанската полиција уапси високи полициски службеници, поранешни судии, адвокат, како и двајца новинари.

Акцијата била спроведена во соработка со Европол и други албански и европски агенции за спроведување на законот, а бидејќи истата е во тек, од СПАК не даваат подетални информации.

-По приведувањето Специјалниот суд донесе 21 мерка за безбедност во контекст на истрагата за криминална организација од меѓународен обем, во која се вклучени членови на криминалната организација, високи полициски функционери, судии кои биле на должност за време на криминалната активност, адвокат и двајца новинари, објавија албанските медиуми.

За 18 од приведените лица, вклучувајќи ги и поранешните судии во Елбасан, Пајтиме Фетаху и Зихни Шаху, кој бил и претседател на судот во овој град, како и високи функционери на државната полиција, меѓу кои и началник на Полициски комесаријат во Тирана, определен им е затворски притвор, мерка домашен притвор му е изречена на адвокат, додека обврска за јавување на новинарите Артан Хоџа и Елтон Ќино.

При излегувањето од судот новинарите само кусо изјавиле дека бил извршен претрес во нивните домови, биле на распит неколку часа и оти им се одземени и телефоните. /МИА

притисни ентер