ЕФЈ ја напушта мрежата Х кога Трамп официјално ќе стане претседател

Европската федерација на новинари (ЕФЈ) одлучи да не објавува ништо на платформата X на Илон Маск од 20 јануари 2025 година, кога Доналд Трамп официјално ќе стане 47-ми претседател на САД.

Како и многу европски медиуми и новинарски организации, ЕФЈ смета дека повеќе не може етички да учествува во социјалната мрежа која нејзиниот сопственик ја претвори во дезинформативна и пропагандна машина, објавија тие.

„Не можеме да продолжиме да учествуваме во социјалната мрежа на човек кој прогласи смрт на медиумите, а со тоа и на новинарите“, рече претседателката на ЕФЈ, Маја Север.

„Социјалната мрежа Х стана вектор за теории на заговор, расизам, екстремно десничарски идеи и мизогинска реторика. X е платформа која повеќе не служи на јавниот интерес, туку на одредени идеолошки и финансиски интереси на нејзиниот сопственик и неговите политички сојузници“.

„Уредувачката еволуција на X, откако беше купена од Илон Маск, едноставно е во спротивност со нашите хуманистички вредности, нашата посветеност на слободата на медиумите и медиумскиот плурализам и нашата борба против сите форми на омраза и дискриминација. Одлуката да се отстрани нашата сметка @EFJEUROPE ни се чинеше очигледна и ги повикуваме сите подружници и организации кои ја бранат слободата на изразување да се префрлат на други платформи“, рече генералниот секретар на ЕФЈ, Рикардо Гутиерез.

Веднаш по изборот на Трамп, Илон Маск, кој беше активен во американската политика и како финансиски поддржувач на Трамп, изјави дека „традиционалните медиуми се мртви“, тврдејќи дека „поголемиот дел од традиционалните медиуми ја лажеле јавноста“.

Србин постави чадори за своите сограѓани, како гест на љубезност

 Лука Алериќ од Панчево, Србија, ги освои своите следачи на Тикток со неодамнешниот свој гест. 

Имено, за време на дождливите и снежните денови, тој постави бесплатни чадори во центарот на градот, сакајќи да им помогне на своите сограѓани, особено оние кои не беа подготвени за новите временски услови.

- Се надевам дека барем малку им помогнав, напиша 25-годишниот Лука.

Под неговото видео, следеа коментари: „Лука е прекрасен, многу луѓе треба да се угледаат на него“, „Браво, вака се сака градот“, „Само продолжи така“, „Прекрасно е што мислиш на своите сограѓани“, „Среќа е кога некој мисли и се грижи за тебе - тоа се луѓе со душа“, „Браво, секоја чест за тебе“, „Ти си крал“...

@aleric.luka Nadam se da sam im pomogao malo #fy #foryou #pancevo #lukaaleric #pancevo❤️ #foryoupage #srbija #balkan #serbia ♬ original sound - aleric.luka

Лука привлекува внимание со слични гестови на љубезност и добрина кон другите луѓе. За него, тоа се „најслатко потрошени пари, бидејќи се дадени со љубов“, како што рече самиот во друго видео.

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски на средба со претставници на ТИКА

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски и судијата Скендер на работна средба со претставници на ТИКА.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, и судијата Фатмир Скендер оствариле работна средба со претставници од Турската агенција за координација и соработка (ТИКА), предводени од главната координаторка за Скопје, Шејма Бабајигит.

Како што соопшти Уставниот суд, на средбата била констатирана успешната соработка помеѓу Судот и ТИКА во изминатите години.

-Претседателот Костадиновски изрази голема благодарност за поддршката што ТИКА во континуитет ја дава на Уставниот суд од аспект на зајакнување на техничките капацитети и опрема за поефикасно работење. Претседателот ги запозна присутните со тековните проекти кои се во насока на унапредување на дигитализацијата во Судот, по што од страна на координаторката Бабајигит беше истакнат интерес за идна соработка и поддршка на процесот на доопремување на Судот со техничка опрема, со цел зголемување на ефикасноста на работата, се наведува во соопштението.

На средбата е договорено соработката да се интензивира во текот на наредната година, за што ќе претстојат повеќе средби за утврдување на конкретните потреби и можности за нивна реализација.

-Последната донација од ТИКА за Уставниот суд беше реализирана во февруари оваа година, кога Судот доби техничка опрема составена од компјутери и печатачи за вработените. На оваа соработка претходеше опремување на салата за состаноци и прес-конференции во 2020 година, како и обезбедување техничка опрема во 2013 година, информира прес-службата на Уставниот суд.

Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог“ во Рим, Италија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчера и денеска, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, е во работна посета на Рим.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчера и денеска, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, е во работна посета на Рим каде учествуваше на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог“ и се обрати на панелот „Нова Европска комисија, стари европски приоритети“, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

„Медитерански дијалог“, појаснуваат оттаму, е годишна конференција на високо ниво за медитеранска геополитика, организирана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка и ISPI (Италијански институт за меѓународни политички студии). Нејзината цел е да се преиспитаат традиционалните пристапи кон медитеранската област и да се адресираат заедничките предизвици на регионално и меѓународно ниво.

Во обраќањето, министерот Муцунски ја потенцирал посветеноста на Владата за исполнување на реформската агенда и финализирање на европското досие. Нагласил дека е потребно поблиско вмрежување и интеграција на нашата држава во европските структури што го покриваат медитеранскиот басен, како и зголемена интеракција со земјите од Европската Унија. Муцунски, меѓу другото, истакнал дека Република Северна Македонија, преку својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, придонесува за стабилноста на Југоисточна Европа, промовирајќи европски вредности, добрососедски односи и регионална соработка.

Муцунски, исто така, нагласил дека геополитичките реалности, како војната во Украина и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, ја нагласуваат потребата од колективни решенија кои ги надминуваат индивидуални напори на поединечни држави. Муцунски ја истакнал важноста на поврзаноста на Северна Македонија со Европа и поширокиот Медитеран, особено преку Коридорите VIII и X, дел од новиот Европски транспортен коридор за поврзување на Југоисточна и Централна Европа.

Дополнително, тој го посочил потенцијалот за обновливи извори на енергија, кој ја позиционира нашата држава како лидер во зелена транзиција во регионот.

притисни ентер