ЛК: Комисијата за етички и правни прашања ќе ги разгледува извештаите за починатото бебе

Комисијата за етички и правни прашања ќе ги разгледува извештаите за починатото бебе во Скопје и родилката од Куманово.

Во текот на денешниот ден ќе се одржи состанок на Комисијата за етички и правни прашања, ќе се разгледаат извештаите за починатото дете и за извршениот надзор над стручната работа на ЈЗУ Општа болница - Куманово во врска со лекувањето и третманот на починатата родилка и нејзиното новороденче, подготвени од комисија формирана од министерот за здравство, информираат попладнево од Лекарската комора.

Оттаму појаснија дека вчера доцна попладне бил добиен извештај од извршен надзор врз стручната работа на Универзитетската Клиника за детски болести и ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата - „Козле“ во Скопје, во врска со лекувањето на починатото дете, подготвен од страна на комисијата.

- За овој случај, Комората исто така доби допис и од ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ - Скопје, каде оваа здравствена установа дава свое гледиште и став во врска со наводите од извештајот на Министерството за здравство, велат од Лекарската комора.

За исходот од работата на Комисијата и донесените одлуки за понатамошно постапување, дополнително ќе се излезе со информации.

МЗШВ и UN Women потпишаа Меморандум за разбирање за унапредување на еднаквите можности

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и UN Women потпишаа Меморандум за разбирање за продолжување на тековното партнерство и зајакнување на жените во руралните средини и земјоделскиот сектор.

Оваа соработка означува значителен напредок во политиките и програмите, осигурувајќи се дека жените во овие области ја добиваат потребната поддршка за да напредуваат.

Меморандумот за разбирање воспоставува рамка за соработка, при што двата партнери тесно ќе соработуваат за да го подобрат вклучувањето на еднаквите можности во главните политики, да го олеснат градењето капацитети и да го подобрат собирањето податоци во рамките на делокругот на Министерството. Овие напори се усогласуваат со релевантни закони и националните стратегии.

„Ние како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе работиме напорно преку различни мерки и програми за да се овозможат услови потребни за издигнување на улогата на жената од руралната средина во секојдневието и остварување на финансиска независност и имот, бидејќи жената е столбот на македонското општество“, истакна Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Глобалните заложби за родова еднаквост, унапредувањето на правата и зајакнувањето на жените и девојчињата бараат акција во секој сектор, вклучително и земјоделството и руралниот развој. Националната и локалната имплементација има влијание врз животите на луѓето. Жените во руралните средини се од витално значење за глобалната безбедност на храната и економската стабилност. Овој Меморандум за разбирање ја покажува нашата посветеност за исполнување на овие ветувања со тоа што ќе се осигураме дека нивните придонеси се признаваат и нивните потреби се адресираат преку насочени партнерства и активности на ниво на заедницата“, подвлече Нјарадзаи Гумбонзванда, помошник генерална секретарка на ОН и заменик-извршна директорка на UN Women за нормативна поддршка, системска координација на ОН и програмски резултати.

Ова партнерство ја нагласува заедничката посветеност за зајакнување на жените во земјоделството и руралните области. Преку нивните заеднички заложби, двете страни имаат за цел да поттикнат инклузивна средина каде што овие жени можат да пристапат до ресурси, да учествуваат во процесите на донесување одлуки и да придонесат за одржливиот развој на руралниот и земјоделскиот сектор во државата, соопчшти МЗШВ.

Борел ја критикуваше одлуката на САД за рокот за Израел за хуманитарната ситуација во Газа

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел денеска ги критикуваше САД што му дадоа еден месец на Израел да ја подобри хуманитарната ситуација во Газа, предупредувајќи дека за тоа време многу луѓе ќе загинат.

„САД му кажаа на Израел дека треба да ја подобри хуманитарната поддршка за Газа, но одложено за еден месец. Еден месец одложено со сегашната стапка на убивање луѓе. Тоа е премногу луѓе“, им рече Борел на новинарите на самитот на лидерите на ЕУ.

Ирскиот премиер Сајмон Харис изјави дека ЕУ не прави доволно за да ја заврши војната и дека ќе продолжи да работи со Шпанија за да се измени динамиката во ЕУ со 27-те земји-членки.

„Европа сè уште не искористила се што и е на располагање за да се постигне прекин на огнот“, рече тој, според извештаите на израелските медиуми.

По пристигнувањето во Брисел, германскиот канцелар Олаф Шолц ги истакна разликите во Европа во врска со војната во Газа, велејќи дека безбедноста на Израел не би требало да биде загрозена.

Разбиена организирана криминална група за вршење проституција и илегална трговија со дрога

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР спровел координирана акција во рамки на која е целосно разоткриено злосторничко здружување во западниот дел од земјата.

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР заедно со истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, а под раководство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спровеле координирана акција во рамки на која е целосно разоткриено злосторничко здружување во западниот дел од земјата.

Во акцијата од слобода се лишени 13 лица, а едно лице, соопшти денеска МВР, е недостапно на органите на прогонот. Извршени се претреси на 17 локации во тетовскиот регион и во Охрид.

При претресите пронајдени и одземени се патнички возила, поголема количина на пари и злато, ресивери, нож, гасен пиштол, 3 лаптопи, радио врски, книги за евидентирање на гости и сметководствена документација. Во угостителските објекти пронајдени се 35 девојки по потекло од Украина, Русија, РС Македонија, Србија, Молдавија, Албанија и Колумбија.

Групата одреден временски период се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела припадниците на групата ги прикривале со перење пари и други приноси од казниво дело. Организираната група, се појаснува во соопштението, ја создал 35-годишник од селото Боговиње, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата и во угостителски објекти во с. Жеровјане, с. Горно Седларце и во Охрид наведувал на проституција девојки-странски државјанки кои работеле како танчерки во стриптиз-клубови.

- Фактичкото работење на два од клубовите го организирал и раководел неговиот брат (второосомничениот), додека третиот осомничен раководел и ја организирал работата на стриптиз-клубот во Охрид. Четвртиот осомничен учествувал во наведувањето на проституција на девојките во угостителските објекти и бил задолжен за организација на нивното патување и влез во нашата земја, како и за олеснување на процедурите за добивање на документи за легален престој за странските државјанки, а давал и насоки за криминалните активности на другите припадници на групата во однос на сместување и превоз на девојките. Петмина припадници на злосторничкото здружување биле задолжени за обезбедување и неовластена продажба на дрога, најчесто кокаин, на девојките и гостите во угостителските објекти. Едниот од нив ги помагал и олеснувал активностите за пренос на дрогата и посебно бил ангажиран за предупредување при полициските контроли и бил задолжен да го следи движењето на полицијата на патот кон клубовите за што ги информирал членовите на групата, соопшти МВР.

Двајца осомничени припадници на групата учествувале во наведувањето на проституција на девојките. Тие биле задолжени за обезбедување на девојки кои ќе работат во стриптиз клубовите, ги наоѓале преку нивни контакти во странски држави, веб страници и на интернет, го организирале нивниот влез во земјава, организирале изработка на лажна документација за фиктивен престој на девојките по хотели во нашата земја, со што ги заобиколувале процедурите за добивање легален престој од управните органи.

За превоз на девојките од аеродром и автобуските станици до стриптиз клубовите каде престојувале и биле сместени, како и превозот при нивното движење пред и по работата во ноќните клубови, соопштија од МВР, бил задолжен дванаесеттиот осомничен.

- Дел од криминалната група биле и две службени лица - затворски службеник од Затворот во Тетово и полицаец – виш инспектор од Тетово кои користејќи ја својата позиција и контактите, ја предупредувале групата за полициски акции, а вршеле влијание и за олеснување на прекршочните постапки кон групата и кон странските државјанки. Со повеќемесечни координирани дејствија на истражителите од Истражниот центар на ОЈОГОКК и припадниците на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР активностите и задолженијата на секој член во ова злосторничко здружување се детално документирани и утврдени, појаснуваат од МВР.

притисни ентер