Спасовски по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик: Креираме јазични политики кои се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници

Во организација на премиерот Оливер Спасовски, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одржа јавна дискусија во рамките на подготовките за донесувањето на Програма за покренување на јавната свест за примена на Законот за употреба на јазиците.

На дискусијата, покрај премиерот Спасовски воведни обраќања имаа и потпретседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедници Садула Дураки, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Илхан Рахман и директорот на Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Македонија Илбер Села, а модератор на настанот беше заменикот на Генералниот секретар на Владата Тахир Хани.

Во обраќањето, премиерот Спасовски истакна дека оваа дискусија е уште еден заеднички чекор на најдобар можен начин да се промовира и практикува владината стратешка определба за изградба на концептот „Едно општество за сите", инспириран од големата европска идеја – Обединети во различностите.

„Од формирањето во 2017-та година, Владата континуирано работи на создавање на одржливо граѓанско општество во кое е афирмирана и воспоставена меѓусебна почит меѓу сите етнички заедници во земјата, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики. Оваа цел во себе ги обединува посебноста и суштината на нашето заедништво, и во таа насока убеден сум дека сите учесници на денешната дискусија ќе го дадат значаен придонес во таа насока", наведе премиерот Спасовски.

Тој истакна дека тргнувајќи од Националната стратегија за развој на концептот на едно општество и интеркултурализам, како и од обврската од Законот за употреба на јазиците, Владата е задолжена да развие Програма за покренување на јавната свест за доследна примена на Законот за употреба на јазиците.

„Примената на Законот за употреба на јазиците се заснова на промовирање на основните човечки вредности, еднаквост на слободите и човековите права и на почитување на различностите. Концептот на разноличност во Македонија треба да се прифати како мост помеѓу различните етнички заедници во земјата. Како истоветна слика на концептот на Европската Унија и НАТО, како организации кои во различноста го пронајдоа и го јакнат единството и заедништвото", истакна премиерот Спасовски.

Воедно тој подвлече дека Владата од 2017 година, е определена да им овозможи на сите граѓани полесно да функционираат во секојдневниот живот и во комуникацијата со институциите.

„Се определивме за политики што ја градат Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други заедници. Креираме јазични политики кои се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници. Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, туку добива Македонија, како граѓанска и демократска држава", нагласи премиерот Спасовски.

Тој истакна дека Македонците како мнозински народ во нашата земја ја имаат одговорноста да креираат политики и атмосфера за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на сите останати јазици на припадниците на граѓаните кои живеат во нашата земја.

„Македонскиот јазик денес е признаен во целиот свет. Рамноправен со сите светски јазици. Запишан како македонски јазик во личната карта и во каталогот на нациите во Обединетите Нации. Како што е посебен и рамноправен и македонскиот народ во заедницата на народите", подвлече премиерот Спасовски.

Во обраќањето претседателот на Владата Спасовски наведе дека на централно ниво, со примена на Законот за употреба на јазиците се употребува македонскиот јазик и неговото писмо, и албанскиот јазик и неговото писмо, додека на локално ниво, се употребуваат повеќе јазици освен македонскиот јазик.

„Албанскиот јазик се употребува во 25 општини, турскиот јазик во 10 општини, српскиот јазик во 3 општини, ромскиот јазик во 2 општини, босанскиот јазик во 2 општини и влашкиот јазик во една општина. Ова покажува отвореност на општеството на нашата држава на сите рамништа, особено земајќи во предвид дека во неколку од општините во кои се употребуваат повеќе јазици, тоа е направено со одлука на советот, а не поради законска одредба, што ја покажува желбата на институциите да бидат отворени и пристапни кон своите граѓани", наглaси премиерот Спасовски.

На крајот од обраќањето премиерот Спасовски по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик освен на македонски упати честитки на турски, ромски и на албански јазик.

Министерот Дураки во својот говор се осврна на примената на Законот за употреба на јазиците, при што наведе дека значаен сегмент во неговата имплементација е постоењето на волја и свест кај граѓаните за јазичниот диверзитет и истакна дека на јазичните различности треба да се гледа како на вредност, а не како на пречка.

„Во јуни минатата година, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците започна со работа. Несомнено, во наредниот период, ова министерство, заедно со Агенцијата за спроведување на законот за употреба на јазиците и Инспекторатот за спроведување на законот за употреба на јазиците, ќе бидат клучни институции во креирањето и спроведувањето на политиките за употребата на албанскиот јазик во Македонија. Но, помошта на сите други институции во Јавниот Сектор, невладините организации и граѓаните на Македонија е повеќе од потребна во целосното спроведување на законот за употреба на јазиците", оцени Дураки.

На јавната дискусија се обрати и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Илхан Рахман, кој нагласи дека Македонија е успешен пример во однос на спектарот на употребата на јазиците на заедниците. Воедно тој посочи дека е потребно преку дополнителни системски решенија и мерки да се заштитат јазиците на помалите заедници, особено оние со мал број на говорители како влашкиот јазик.

Свое обраќање на дискусијата имаше и директорот на Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Македонија Илбер Села, кој во нагласи дека ширината на употребата на јазиците е рефлексија на демократските капацитети на едно општество, но и основно човеково право.

Директорот Села се осврна и на предизвиците околу практичната имплементација на Законот за употреба на јазиците и нагласи дека тоа треба да се спроведува низ разбирање, дијалог и толеранција за различностите.

На јавната дебата во Владата присуствуваа голем број претставници од општествената јавност и дел од нив во работната дискусија ја поздравија Иницијативата да се разговара за унапредување и почитување на употребата на мајчиниот јазик со негување на различностите и почитување на јазиците на сите народи.

Ширум светот денеска и утре, под покровителство на Обединетите Нации и УНЕСКО, се организираат настани преку кои се промовираат негувањето и афирмацијата на сите јазици што ги користат народите во светот. Темата што ја предложи УНЕСКО за одбележување на годинашниот Меѓународен ден на мајчиниот јазик е „Јазици без граници".

Стојчевски: ЗНАМ ќе направи темелна промена во правосудниот систем

Даниел Стојчевски носител на кандидатската листа во ИЕ2: ЗНАМ ќе направи темелна промена во правосудниот систем, со кој правдата ќе е столб на општеството и ќе нема место за корупцијата.

Носителот на листата на кандидати за пратеници од ИЕ 2, Даниел Стојчевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, денеска одржа прес конференција на која се задржа на мерките од програмата „Проглас за достоинствена Македонија“ во однос на правдата и борбата со криминалот и корупцијата.

Стојчевски рече дека граѓаните сега имаат можност да направат избор со кој ќе видат дека има начин за да биде подобро, а изборите што се прават сега ќе ја одредат иднината на нацијата. Тој потенцира дека изборите овој пат не се само за тоа кој ќе управува, туку се за враќање на довербата во институциите, како и за создавање на Македонија која е посилна, почесна, и поправедна.

„Ние сме тука да предложиме конкретни решенија за трајни промени. Нашата програма, "ПРОГЛАС ЗА ДОСТОИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА", се залага за темелна промена во правосудниот систем, каде што правдата е столб на општеството и каде за корупцијата нема место.

Првата мерка е зголемувањето на казните за злоупотреба на службена положба и овластувања, со казна затвор од минимум 10 години. Ние сметаме дека казните треба да бидат строги за да се обесхрабри секој обид за корупција и злоупотреба.

Втората, ќе воведеме принцип на незастарување за делата на криминал и корупција. Престапите против државата и нејзините граѓани не треба и не смеат да бидат заборавени или игнорирани со текот на времето.

Третата, зајакнување на капацитетите и интегритетот на судскиот систем преку избор на судии и обвинители кои имаат докажано искуство и знаење, со минимално 10 години стаж и завршена Академија за судии и јавни обвинители.

Четвртата, укинување на доживотниот мандат на судиите и јавните обвинители и воведување на систем за реизбор на секои шест години. Со оваа мерка, тие ќе мора постојано да ја докажуваат својата компетентност и посветеност кон правдата.

Петтата, сите нотари и извршители ќе станат државни службеници, што ќе придонесе кон поголема контрола и стандардизација на нивната работа.

Шеста, зголемување на платите за администрацијата во правосудните органи за 30 проценти за да се овозможи најдобрите кадри да останат во нив“, рече Стојчевски.

Тој нагласи дека оваа битка е битка за сите нас, битка за почесна и праведна Македонија, без корупција и неправда. Според него секој од нас е дел од решението и треба здружено да се работи за иднина во која правдата не е само идеал, туку ќе биде реалност за секој граѓанин на земјата.

„Ние сме подготвени да дадеме „Максимум за Македонија“ и да застанеме рамо до рамо во борбата за подобра иднина, водени од љубовта кон нашата земја и желбата за подобрување на животот на секој еден нејзин граѓанин“ рече тој.

Запрашан кој е ставот на Движењето ЗНАМ во однос на коалициите за идната влада, и дали е Движењето ево преговори со ВМРО ДПМНЕ, Стојчевски одговори:

„Уште пред почетокот на кампањата Движењето ЗНАМ како политичка партија најави дека на изборите учествува за граѓаните, ќе работи за нив и ја бара нивната поддршка. Ние сме можеби единствената партија која не е во коалиција со ниту една политичка партија на овие избори. За нашите идни коалиции ќе одлучува раководството веднаш по изборите.“

Стојчевски беше прашан и каков е коментарот во однос на изјавата, односно ставот на ВМРО ДПМНЕ дека се надеваат дека не постои тројански коњ на власта во опозицијата, за што изјави:

„Вие гледате дека во изминатите денови, а особено по првиот круг на претседателските избори, каде што многумина беа изненадени од освоениот број на гласови што ги доби Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, дека сме мета на напади од двете најголеми политички партии поради тоа што, претпоставувам, се загрижени поради бројот на освоени гласови. Ние сме политичка партија која работи во интерес на граѓаните и тоа го покажавме со нашето делување во изминатите неколку месеци“. Стојчевски исто така пред новинарите рече дека врвен државен приоритет е да се избере Претседател на Македонија.

„Двиежењето ЗНАМ ги повикува сите граѓани масовно да излезат и да гласаат за Претседател наМакедонија по сопствено убедување. Истовремено ги повикуваме граѓаните масовно да го поддржат Движењето ЗНАМ и да гласаат за број седум“, рече на денешната прес конференција Даниел Стојчевски, носител на кандидатската листа за пратеници во ИЕ 2 од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, се наведува во партиското соопштение.

Отец Владимир: Денот на смртта е најавата за христовото воскресение

Велики Петок денот кога Христос починал..

Кај верниците овој ден е со посебна жалост, но и денот на смртта е најавата за христовото воскресение.

За суштината на велики петок објаснува Отец Владимир од црквата Света Петка во Скопје.

Индонезија трајно ќе пресели 10.000 луѓе по серијата ерупции на вулканот Руанг

Индонезиската Влада трајно ќе ги пресели сите жители на островот Руанг, откако серијата ерупции на истоимениот вулкан предизвикаа загриженост поради опасноста од престој во иднина на истоимениот остров.

Индонезиската Влада трајно ќе ги пресели сите жители на островот Руанг, откако серијата ерупции на истоимениот вулкан предизвикаа загриженост поради опасноста од престој во иднина на истоимениот остров, соопшти денеска министерот за координација на хуманиот развој, Мухаџир Ефенди.

Околу 9.800 луѓе живеат на островот Руанг, во провинцијата Северен Сулавеси, но сите беа принудени да се евакуираат во последните неколку недели поради серија ерупции.

Властите ја подигнаа тревогата на највисоко ниво оваа недела, затворајќи го провинцискиот аеродром во Манадо и предупредувајќи за можно цунами доколку делови од планината се урнат во околните води.

притисни ентер