Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Кабинетот на Штајнмаер : На Османи ѝ беше кажано дека се потребни конкретни чекори за ЗСО

Сојузниот претседател дополнително ја подвлече важноста од конкретни чекори кон формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство од страна на косовските власти“, изјавија за „Газета експрес“ од канцеларијата за медиуми на германскиот претсе

Кабинетот на германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмаер потврди во изјава за порталот „Газета експрес“ дека тој, во телефонскиот разговор со неговата косовска колешка, Вјоса Османи нагласил дека за зачленување на Косово во Советот на Европа потребни се конкретни чекори во правец на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) во Косово.

Во изјавата за приштинскиот портал се вели дека претседателот Штајнмаер ја истакнал поддршката на Германија за евроинтеграциите на Косово, за апликацијата на Косово во Советот на Европа, за значењето на продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ, како и за целосна имплементација на Охридскиот договор.

„Во телефонскиот разговор со претседателката на Косово, Сојузниот претседател на Германија ја истакна поддршката на Сојузната влада за европската интеграција на Косово, апликацијата на Косово за членство во Советот на Европа, како и значењето на продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија со посредувањето на ЕУ и на целосното спроведување на Охридскиот договор. Сојузниот претседател дополнително ја подвлече важноста од конкретни чекори кон формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство од страна на косовските власти“, изјавија за „Газета експрес“ од канцеларијата за медиуми на германскиот претседател.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Османи на 15 мај објави дека ден претходно имала телефонски разговор со германскиот колега, при што ја истакнала големата важност за успешно завршување на процесот за членство на Косово во Советот на Европа.

„Вчера разговарав со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, за да дискутираме за членството на Косово во Советот на Европа. Ја истакнав критичната важност за успешно завршување на овој процес, да обезбедиме што поскоро корист за сите наши граѓани од инструментите на Советот. Нашето членство не само што би било победа на човековите права во Косово, туку и победа на нашиот континент и на вредностите на кои тој цврсто стои“, објави косовската претседателка на својата официјална страница на „Икс“ на 15 мај.

Телефонскиот разговор меѓу Османи и Штајнмаер се случи неколку дена пред состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа и кога беше познат цврстиот став на Владата на канцеларот Олаф Шолц дека Косово треба да преземе конкретни чекори кон формирање на ЗСО со цел да се добие поддршката од сојузниците да влезе на дневен ред на Комитетот на министри на СЕ и да ги добие потребните гласови за членство.

Тен Хаг ги потврди лошите вести за Манчестер Јунајтед

Повредата на левиот бек, Лук Шо е покомплицирана од очекуваното и тој нема да може да игра на неделниот дуел со Брајтон од последното коло во Премиер лигата, призна менаџерот Ерик тен Хаг.

Оваа сезона, 28-годишниот дефанзивец има само 15 настапи за Манчестер Јунајтед. Тој моментално има повреда на мускулот и се очекуваше да се врати на терените пред крајот на сезоната, но се чини дека тоа нема да се случи. Сепак, постојат некои шанси англискиот репрезентативец да биде во тимот за финалето на ФА Купот против Манчестер Сити на 25 мај на „Вембли“.

Победата над Сити во финалето ќе го одведе Манчестер Јунајтед во Лига Европа. Во спротивно, „црвените ѓаволи“ ќе се надеваат дека ќе забележат подобар резултат против Брајтон отколку Њукасл против Брентфорд, за да се искачат на седмото место во Премиер лигата и да остварат пласман во Конференциската лига.

-Не можам да кажам дали Хари Мегваер или Лук Шо ќе играат за Англија на Европското првенство. Но, се надеваме дека и двајцата ќе бидат во ред за финалето на „Вембли“. Хари има поголеми шанси да учествува на натпреварот. Со Лук ситуацијата е посложена и да речеме дека има минимални шанси да игра, изјави Тен Хаг.

Тој исто така откри дека централните бекови Рафаел Варан и Виктор Линделоф веќе тренираат и најверојатно ќе бидат достапни за настап против Манчестер Сити. Ова е дополнителен бонус кон враќањето на Лисандро Мартинез. Аргентинецот се појави против Њукасл во неделата по долгиот третман на повреда. /МИА

Хамилтон кажа кој би сакал да го замени во Мерцедес

Позицијата во Мерцедес што Луис Хамилтон ќе ја ослободи на крајот од сезоната во Формула 1 е една од најжестоко дебатираните на пазарот на возачи во 2025 година.

Откако беше објавена разделбата на Хамилтон со Мерцедес, имињата на многу возачи се поврзуваат со местото на седумкратниот шампион. Сепак, некои од нив се тргнаа од равенката откако потпишаа нови договори со нивните сегашни тимови.

Ова е случај со Фернандо Алонсо и Алекс Албон, кои ги продолжија договорите со Астон Мартин, односно Вилијамс во последните недели. Така, вистински претенденти за местото покрај Џорџ Расел остануваат двајца - Карлос Саинц, чие место во Ферари ќе го заземе Хамилтон и Андре Кими Антонели.

И пред почетокот на викендот за Големата награда на Емилија-Ромања, Хамилтон зборуваше за медиумите во Имола и го именуваше Антонели за свој претпочитан наследник. Во моментов 17-годишниот Италијанец се натпреварува во Формула 2 и прави приватни тестови со Мерцедес, во кои импресионира со своето темпо.

-Искрено, не знам какви се плановите на Тото (Волф), но да бев јас, би го земал момчето. Да беше моја работа, би се обложил на Андреа Кими Антонели, изјави Британецот.

Во однос на Карлос Саинц, Хамилтон смета дека тој е добар возач и ќе биде голема предност за секој тим.

-Тој ќе биде позитивен адут за тимот што го зема, додаде пилотот.

притисни ентер