Сондата „Паркер“ очекува шесто прелетување над Венера

Сончевата сонда „Паркер“ на американската Национална воздушно-вселенска администрација - НАСА, како што се предвидува, oвој месец ќе го направи своето шесто прелетување над Венера.

Леталото ја користи гравитацијата на планетата за самото да се доближи до Сонцето. Лабораторијата за применета физика „Џон Хопкинс“ во Лорел, Мериленд, САД, и тимот на мисијата испратиja серија команди што му овозможија на „Паркер“ да изврши кус и прецизен маневар на 3 август како подготовка за шестото блиско прелетување над Венера в понеделник, 21 август.

Вселенското летало така ќе се наоѓа на 7,2 милиони километри од Сонцето и ќе достигне брзина поголема од 635.275 км/ч. Според НАСА, тоа ќе значи соборување на својот рекорд во брзина и во оддалеченост од нашата ѕвезда. Сондата во јуни беше на 8,3 милиони километри од површината на Сонцето.

НАСА натаму планира уште едно прелетување на Венера и приближување до Сонцето на околу 6,2 милиони километри. За споредба, нашата Земја е оддалечена 149 милиони километри од него. „Паркер“ притоа треба да достигне брзина од 700.000 км/ч, но тоа е предвидено за 2024 година.

Според науниците, секоја таква можност нуди собирање вредни податоци за врелата, џиновска огнена топка и нејзиното влијание врз Сончевиот Систем.

Сондата полета во 2018 година, а во 2021. стана првото вселенско летало направено од човек, што „го допрело“ Сонцето... Тоа значи дека леталото навлезе низ тн. Корона, т.е. горната атмосфера на нашата ѕвезда. Сондата е заштитена со напреден штит што може да ја издржи топлината и зрачењето од Сонцето.

Научниците во оваа мисија се обидуваат да разоткријат што повеќе сознанија за нашето Сонце, како што е зголемената температура на Короната во однос на површината на ѕвездата. Тие, исто така, сакаат да го проучат Сончевиот ветер што постојано се менува, и исфрла наплив од интензивно наелектризирани честички во Вселената. /МИА

Кризата на пазарот на недвижности во Германија се пренесува и во банкарскиот сектор

Консултантската и ревизорската компанија „Делоит“ анкетираше 100 високи менаџери и претставници на управните одбори на банки во Германија. 

Темните облаци кои се надвиснаа над пазарот на недвижности во Германија се згуснуваат и над банкарскиот сектор во земјата откако голем број германски банки стравуваат дека ќе се соочат со пораст на бројот на нефункционални хипотекарни кредити со недвижен имот, јави ДПА повикувајќи се на ново истражување.

Консултантската и ревизорската компанија „Делоит“ анкетираше 100 високи менаџери и претставници на управните одбори на банки во Германија. Меѓу учесниците во истражувањето, 78 проценти посочија дека очекуваат нивната финансиска институција да доживее зголемување на нефункционалните заеми во текот на следните 18 месеци. Ова го објави влијателниот германски економски дневен весник „Ханделсблат“, кој добил прелиминарен пристап до податоците од истражувањето на Делоит. Само 19 отсто од шефовите на банките не очекуваат влошување на лошата состојба со хипотеките.

Уште повеќе, четвртина од учесниците во истражувањето на најавуваат „значително“ или дури „премногу значајно“ зголемување на бројот на нефункционални хипотекарни заеми во Германија.

„Тоа е лош знак за состојбата на самите кредитни институции“, забележува Кристоф Росле. Тој е партнер во Делоит и коавтор на студијата.

Кредитите дадени за изградба или стекнување на недвижен имот го сочинуваат најголемиот дел од кредитните портфолија на банките, посочуваат експертите.

Германскиот финансиски регулатор БаФин претходно овој месец предупреди на тешкотиите со кои се соочуваат банките во земјата поради кризата во секторот на недвижности. Некои од нефункционалните хипотекарни заеми дадени за комерцијални имоти може да ја загрозат стабилноста на финансиската институција доколку инвестирала во ризични проекти. Ова го забележува германскиот финансиски регулатор во својот извештај „Ризиците во 2024 година“.

Наспроти ова, голем број германски банкарски компании значително ги зголемија средствата што ги издвоија за покривање на потенцијалните ризични заеми дадени за инвестиции во недвижнини.

Сојузното здружение за купување и кредитирање на Германија (БКС) очекува нефункционалните заеми за инвестиции во комерцијални недвижности да достигнат 3,6 отсто од сите заеми до крајот на 2024 година. Прогнозата за крајот на 2025 година е дека нивниот удел ќе порасне на 3,7 отсто.

„Наспроти ова, многу банки се повеќе размислуваат дали да ги продадат или не овие побарувања“, вели Кристоф Росле од Делоит.

Многу германски банки веќе целосно или делумно се откажаа од финансирање проекти во секторот на недвижности. Ова го покажуваат податоците од студијата спроведена од Меѓународната бизнис школа за недвижнини на Универзитетот во Регенсбург. Се заснова на податоци обезбедени од голем број големи кредитни институции, вклучувајќи ги Landesbank Baden-Württemberg (LBBW), Deutsche Pfandbriefbank и Bayern Landesbank (BayernLB).

Во 2023 година во Германија на јавна продажба се објавени 12.332 куќи, станови и парцели под хипотека, покажуваат податоците на специјализираниот онлајн портал „Аргетра“. Нивната вредност (3,87 милијарди евра) е за 15 отсто повисока од онаа на недвижниот имот ставен на јавна продажба во 2022 година.

Цените на комерцијалните недвижности во Германија паѓаат од средината на 2022 година поради повисоките стапки на кредитирање и повисоките трошоци за изградба.

Побарувачката за канцелариски простор слабее поради трендот на многу компании да им дозволат на вработените делумно или целосно да работат од дома. Интересот за малопродажните места, исто така, опаѓа, бидејќи онлајн купувањето добива се поголема популарност.

Во јуни 2024 година се издадени 17.600 одобренија за станбена градба. Ова претставува пад од 19 отсто во споредба со јуни 2023 година и е еднакво на 4.300 дозволи помалку, според веб-страницата на федералниот завод за статистика Дестатис. Споредено со јуни 2022 година, падот годинава е 42,1 отсто, што е еднакво на 12.800 помалку одобренија за градба.

Само 106.700 нови станови се одобрени за градба во Германија во првата половина од годинава. Тие одобренија за градба се за 21,1 отсто помалку од првите шест месеци од 2023 година.

Целта на германската влада од 400.000 нови станови годишно не може да се постигне во догледна иднина, забележуваат пазарните аналитичари.

Многу луѓе во Германија веќе не можат да си дозволат да поседуваат сопствен дом. За големите инвеститори инвестициите во станбени згради не се исплатливи, а оние со комерцијална намена им носат се поголеми загуби, посочува ДПА.

Хезболах тврди дека гранатирал израелски касарни во северниот дел

Либански Хезболах соопшти дека денеска истрелал ракети врз две воени позиции во северен Израел, во момент кога израелската војска соопшти дека извршува нови напади врз цели на Хезболах.

Во одделни изјави, групата поддржана од Иран рече дека истрелала „ракети Катјуша“ врз две касарни „како одговор“ на израелските напади „на јужни села и цивилни куќи“.

Западни медиуми јавија за силни израелски напади во неколку области на јужен Либан.

Хрватска: Приходите на трговските синџири зголемени за речиси две милијарди евра

Со споредување на податоците за изминатите неколку години, евидентно е дека тој раст на приходите, што секако беше под влијание на инфлаторните движења, е брз, јавија хрватските медиуми. 

Според најновото истражување во Хрватска на Агенцијата за заштита на пазарната конкуренција (АЗТН), најважните трговци на мало, вкупно 44 од нив, лани оствариле приход од 7,73 милијарди евра, што е 1,07 милијарди евра или 16,1 отсто повеќе во споредба со 2022 година.

Со споредување на податоците за изминатите неколку години, евидентно е дека тој раст на приходите, што секако беше под влијание на инфлаторните движења, е брз, јавија хрватските медиуми. Од 2022 година, процентот на раст на малопродажниот пазар на намирници, имено, почна да се изразува во двоцифрени износи. Официјалните податоци на АЗТН покажуваат дека во 2018 година растот на приходите во тој сектор во однос на претходната година бил 7 отсто, во 2019 година бил 6 отсто, во 2020 година бил 0,8 отсто, а во 2021 година - 8,4 отсто во однос на претходната година. Споредено со 5,76 милијарди евра, што ги постигнаа најважните трговци од примерокот на АЗТН, во 2021 година, нивниот приход ќе скокне на 6,6 милијарди евра во 2022 година, што е зголемување од 15,7 отсто, а тој тренд на раст од минатата беше уште посилен оваа година.

Кога ќе се соберат и одземат, приходите во продавниците за малопродажба во Хрватска во изминатите две извештајни години скокнале за речиси две милијарди евра номинално - од 5,76 на 7,73 милијарди евра остварени лани, наведуваат медиумите во Хрватска.

притисни ентер