Социјалните мрежи собираат лични податоци за корисниците и ги споделуваат со трети лица

Социјалните мрежи и видеоплатформите собираат огромни количини лични податоци на корисниците и ги споделуваат со широк опсег на трети лица, потврдува нов извештај на американската Федерална комисија за трговија (ФТЦ).

Извештајот, објавен вчера, ги разгледува практиките за собирање податоци на девет компании: „Фејсбук“, „Ватсап“, „Јутјуб“, „Дискорд“, „Редит“, „Х / Твитер“, „Амазон“, „Снеп“ и „Тикток“, меѓу јануари 2019 и 31 декември 2020 година. Наодите на ФТЦ ги потврдуваат долгогодишните сомнежи и наводи за „длабочината и широчината“ на практиките на „надзор на корисниците од голем обем“, пишува „Гардијан“.

ФТЦ му препорачува на Конгресот на САД да усвои федерални прописи за приватност врз основа на она што е документирано. Конкретно, агенцијата ги повикува законодавците да признаат дека деловните модели на многу од овие компании не прават доволно за да поттикнат делотворна саморегулација или да ги заштитат податоците на корисниците.

- Препознавањето на овој основен факт е важно и за спроведувачите и за креаторите на политиките, бидејќи секој напор да се ограничи или регулира тоа како овие компании собираат големи количини лични информации за луѓето ќе се коси со нивните деловни стимулации. Со цел да се создадат ефективни правила или решенија коишто го ограничуваат собирањето податоци, креаторите на политики ќе треба да се погрижат кршењето на законот да не е попрофитабилно од неговото почитување, рече претседателката на ФТЦ, Лина Кан.

Се препорачува, исто така, компаниите спомнати во извештајот да инвестираат во „ограничување на задржувањето и споделувањето податоци, ограничување на насоченото рекламирање и зајакнување на заштитата за тинејџерите“.

Овие компании собираат и демографски информации за корисниците: возраст, пол, јазик, но и податоци за приходите на домаќинствата, образованието, родителскиот и брачниот статус итн.

Во некои случаи, овие податоци се споделени со трети лица за што попрецизно насочени реклами и огласи.

Според ФТЦ, речиси сите компании соопштиле дека испраќаат лични податоци до автоматизирани системи, најчесто за опслужување на содржини и реклами. Од друга страна, скоро ниту една од нив „не понудила сеопфатно директно контролирање или откажување од користењето на податоците на корисниците со какви било алгоритми, аналитика на податоци или вештачка интелигенција“, се вели во извештајот.

Од компаниите велат дека е дури и невозможно да се состави комплетна листа со кого сѐ тие ги споделуваат туѓите лични податоци.

Сѐ на сѐ, ФТЦ ги нарекува овие практики - „ужасно несоодветни“, откривајќи дека некои компании не успеале да ги избришат информациите кога корисниците тоа го побарале. Дури и оние компании коишто навистина бришеле податоци - избришале само некои податоци, но не сите, се вели во извештајот.

- Тоа е најосновниот услов, рече Марио Трухиљо, адвокат. - Фактот што некои не го сториле тоа, дури и во услови на државни закони за приватност што го налагаат тоа, докажува дека е потребно посилна свест, особено кај самите потрошувачи.

Натаму, според наводите, ниту една компанија не пријавила практики за споделување податоци собрани за и од лица на 13 до 17 години, преку нејзините страници и апликации, поинаку од собирањето податоци за возрасните, иако податоците за малолетниците се почувствителни. Тоа секако значи уште помала заштитеност на малолетните корисници.

На 1 октомври почнува со работа терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи

Само неколку дена нè делат од почетокот на комерцијалната работа на станицата закажан за 1 октомври, датум кој официјално ќе го означи влезот во нова ера за улогата на Александруполи и Грција во енергетската карта во Југоисточна и Централна Европа.

Комерцијалната работа на терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи преку кој низа земји, меѓу кои и Македонија, ќе се снабдуваат со природен гас ќе започне на 1 октомври годинава, јави дописничката на МИА од Атина.

Извршниот директор на „Гастрејд“, компанијата-оператор на проектот, Костис Сифнеос, заедно со амбасадорите во Грција на земјите-членки на Европската унија и на Швајцарија и Норвешка го посетиле терминалот и како што пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, биле информирани за начинот на функционирање, за стратешките цели, како и за геополитичката важност.

-Само неколку дена нè делат од почетокот на комерцијалната работа на станицата закажан за 1 октомври, датум кој официјално ќе го означи влезот во нова ера за улогата на Александруполи и Грција во енергетската карта во Југоисточна и Централна Европа со важни можности за диверзификација на изворите на снабдување, особено по неодамнешниот договор во врска што се однесува на обврзување на една четвртина од капацитетот на терминалот од американската компанија „Venture Global LNG“, рекол Сифнеос, според АНА-МПА.

Посетата на амбасадорите била на иницијатива на унгарската амбасада во Атина, со оглед на тоа што Унгарија е актуелен претседавач со Европската Унија.

Од „Гастрејд“ на почетокот на месецов соопштија дека комерцијалното работење на терминалот доаѓа „по успешното завршување на сите тестови за пуштање во употреба“.

- Проектот ќе ја зајакне водечката улога на Грција во енергетиката и ќе придонесе за диверзификација на изворите на природен гас, енергетската безбедност и создавање на регионален трговски центар за гас во Југоисточна и Централна Европа. Проектот, исто така, ќе го поддржи проширувањето и ќе ја зајакне перспективата на иницијативата Вертикален коридор, соопштија од компанијата.

На средината на декември минатата година во Александруполи пристигна специјално адаптираниот танкер „Александруполис“, односно пловната единица за складирање и регасификација (FSRU) што воедно, во голема мера, го означи финализирањето на изградбата на регионалниот проект.

Пловната единица се очекува да испорачува природен гас до грчкиот преносен систем и од таму до крајните потрошувачи во Грција, Бугарија, Романија, Македонија, Србија и понатаму до Молдавија и Украина на исток и Унгарија и Словачка на запад и да има максимален одржлив капацитет за регасификација од 5,5 милијарди кубни метри годишно.

Проектот е кофинансиран од средства на Европскиот фонд за регионален развој на Европската Унија преку Оперативната програма „Конкурентност, претприемништво и Иновации“ во рамките на НСРФ 2014-2020 година.

Во мај 2022 година во присуство на тогашните премиери на Северна Македонија, Грција, Бугарија, на претседателот на Србија, како и на претседателот на Европскиот совет во Александруполи се одржа свечена церемонија по повод започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас (LNG).

На крајот на март 2021 година, Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, откако беа потпишани Меморандуми за соработка на АД ЕСМ и АД Национални енергетски ресурси со компании од Грција,

Тогаш, од тогашната македонска Влада соопштија дека „согласно договорот нашата земја учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александруполи која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра“ и дека е предвидено учество и „со 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра во инвестицијата во гасниот терминал“.

Тошковски ја посети Комората за приватно обезбедување

- МВР навремено да ги детектира сите можни нови форми на соработка кои се подеднакво во интерес како на приватната, така и на јавната безбедност, потенцира министерот Тошковски при посетата на Комората на приватно обезбедување.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Комората за приватно обезбедување, каде истакна дека МВР, како надлежен регулатор на овој аспект во работењето, има за цел континуирано да биде во тек со сите потреби, активности и трендови во приватното обезбедување.

- МВР навремено да ги детектира сите можни нови форми на соработка кои се подеднакво во интерес како на приватната, така и на јавната безбедност, потенцира министерот Тошковски при посетата на Комората на приватно обезбедување.

Како што информира МВР, акцент беше ставен на потребата од постојаната стручна и професионална надградба, како на процесите така и на самиот човечки кадар во дејноста на приватното обезбедување и постојаниот контакт и размена на искуства и стручна соработка.

- За време на посетата на Комората на приватно обезбедување беше потенцирано дека соработката меѓу министерството и Комората е добар пример за меѓуинституционално партнерство со високо ниво на комуникација со конкретни резултати во функционирањето, се вели во соопштението од МВР.

Реконструкција на водоводната мрежа во Злокуќани

Град Скопје започна со реализација на уште еден проект за реконструкција на водоводната мрежа кој е од големо значење за граѓаните, со трајно решавање на повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето на жителите во населеното место Злокуќани.

Со градежните работи на реконструкцијата на водоводната мрежа на улицата Скупи 3 во општината Карпош, целосно се менуваат старите цолови цевки, кои се со незадоволителен профил и се поставува нова водоводна мрежа со профили кои соодветствуваат на потребите на локалните жители.

По инсталирањето на новата водоводна мрежа, истата се поврзува со постоечката главна мрежа на магистралната улица Скупи. На новата мрежа ќе се поврзат и постоечките корисници, со што несоодветната мрежа ќе биде напуштена.

Изведбата на овој проект преставува реализација на дел од програмата за обновување на градската водоводна мрежа, се овозможува квалитетно водоснабдување во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот.

Град Скопје

притисни ентер