„Имам забелешка на дикцијата на новата еврокомесарка, бидејќи кога рече – велите: ништо помалку и ништо повеќе, тоа ми личи на нешто како земи го или остави го. Тоа не е филозофија, тоа е софистицирано евромандаринство. Тоа ме плаши, бидејќи звучи како директно мешање во внатрешните работи“, истакна Сиљановска Давкова на заедничката прес-конференција со нејзиниот црногорски колега, Јаков Милатовиќ.
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос на 27 ноември изјави дека очекува Македонија да ги направи потребните уставни измени и да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
„Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно и после тоа навистина да го забрзаме процесот“, нагласи Кос, пренесе МИА.
Прашана дали после направени уставни може да се дадат гаранции дека ќе нема други блокади, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање.
Таа додаде дека еден од основните принципи на Европската Унија е почитувањето на уставните и политичките структури на земјите-членки и кандидатки.
Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, новата еврокомесарка рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.
„Да се зборува, што е можно повеќе, и со Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Македонија“, рече Кос.
Откажан Самитот на лидерите на Западен Балкан и ЕУ во Неум поради пропаднат тендер за организацијата
Македонската претседателката истакна дека Македонија е подготвена да направи чекори напред во процесот на уставни измени, но со одложено правно дејство.
„Ако се дозволи ветото да опстои, дури и најуспешните во чекорењето можат да се соочат со пречки на крајот“, предупреди таа.
Сиљановска Давкова нагласи дека иако ретко дава коментари на изјави од ваков тип, чувствува обврска да реагира на, како што рече, премногу бирократското перцепирање на Европската Унија.