Сијарто ја критикуваше Фон дер Лајен поради отфрлувањето на Вархеји од функцијата еврокомесар

Министерот рече дека Унгарија ќе направи се што може „за да обезбеди што поскоро приклучување на земјите од Западен Балкан во Европската унија“.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска ја критикуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека го отфрлила Оливер Вархеји за комесар за проширување на ЕУ, велејќи дека нејзината одлука е дел од „лицемерието на Брисел“.

„Земјите од Западен Балкан чекаа 14,5 години за членство во ЕУ, што покажува колку мнозинството во блокот е против проширувањето“, рече Сијарто на заедничката прес-конференција одржана денеска во Будимпешта со српската министерка за економија Адријана Месаровиќ.

Тој смета дека јавните изјави на претставниците за проширување на ЕУ се во спротивност со она што тие го кажале зад затворени врати. Исто така, посочи дека земјите кои беа најнапредни во процесот на пристапување сакаат Вархељи да продолжи да ја врши својата сегашна функција.

Министерот рече дека Унгарија ќе направи се што може „за да обезбеди што поскоро приклучување на земјите од Западен Балкан во Европската унија“.

Според него, секоја земја членка има право да назначи комесар и да одлучи кого да именува. „Значи, ќе започнам со претпоставката дека фантастично посветените демократи во европските парламенти нема да го негираат ова суверено право...“, рече Сијарто. /МИА

Во три американски држави започна предвременото гласање за претседателските избори

 Во Минесота, Јужна Дакота и Вирџинија денеска започна предвременото гласање за претседателските избори во САД, со што започна шестнеделниот процес кој ќе заврши на 5 ноември.

До средината на октомври ќе гласаат уште десет сојузни држави.

„Кога би можел да мавтам со магично стапче во моментов, би сакал две работи, од сега до 5-ти ноември сакам да видам голема излезност и малку драма“, рече државниот секретар на Минесота, Стив Сајмон.

Директорот за избори во округот Ферфакс во Вирџинија, Ерик Спајсер рече дека околу една третина од локалните гласачи излегле на гласање на денот на изборите за време на претседателските избори во 2020 година, додека останатите гласале по пошта или порано.

Тој додаде дека очекува годинашниве претседателски избори да имаат голема излезност во Вирџинија.

Во Јужна Дакота, највисокиот изборен функционер во округот Минехаха предвидува конечна излезност од 80 проценти. Во зградата на администрацијата на округот во Сиукс Фолс е поставен простор за предвремено гласање.

Окружниот ревизор Леа Андерсон рече дека претседателските избори, како и неколкуте референдуми, особено оние кои се однесуваат на заштитата на абортусот и легализацијата на марихуаната, ќе привлечат гласачи.

Многу гласачи кои гласале порано сега може да се одлучат за рано лично гласање наместо гласање по пошта за да се осигураат дека нивните гласови ќе бидат пребројани, со оглед на големите проблеми со американската поштенска служба./МИА

Најнов извештај: Бугарија и натаму не ги почитува пресудите од Стразбур

Најнов извештај на Комитетот на министри на советот на Европа: Бугарија и натаму не ги почитува пресудите од Стразбур.

Комитетот на министри на Советот на Европа во својот најнов извештај истакна дека властите во Бугарија и натаму не ги почитуваат пресудите на европскиот суд за човекови права и не дозволуваат регистрација на здруженијата кои се залагаат за признавање на македонското малцинство во Бугарија.

„Одбивањата беа засновани врз заштитата на националната безбедност и јавниот ред, уставната забрана на здруженија кои остваруваат политички цели, како и врз неисполнувањето на формалните законски барања. За сето ова европскиот суд утврди дека е неоправдано и непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, бидејќи здруженијата кои се жалеле не се залагале за употреба на насилство или други недемократски средства за постигнување на нивните цели. “, стои во извештајот...

За него, македонското министерство за надворешни работи изразува задоволство, велат извори од МНР.

Кој е Ибрахим Акил кој беше убиен во денешниот напад врз Бејрут

Акил, познат и како Тахсин, е клучен оперативец на Хезболах од основањето на групата во раните 1980-ти, јави Ал Џезира.

Како и повеќето високи воени функционери на Хезболах, Акил беше фигура во сенка, не даваше јавни изјави, ниту имаше јавни настапи.

Според американскиот Стејт департмент, тој служел во највисокото воено тело на групата – Џихадискиот совет.

САД минатата година распишаа награда од седум милиони долари за информации што ќе доведат до негова идентификација или апсење. Вашингтон го обвини за вмешаност во самоубиствен бомбашки напад врз американските поморски касарни во Бејрут во 1983 година, во кој загинаа 241 Американец за време на либанската граѓанска војна.

Во 2019 година, САД го прогласи за „глобален терорист“.

Иако либанската група не го објавува рангот на своите членови, израелската војска тврди дека Акил бил шеф на единицата Радван, елитните сили на Хезболах. /МИА

притисни ентер