Што донесе посетата на Фон Дер Лајен?

Пораките од претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен не се воопшто изненадувачки и се во рамки на веќе претходно кажаното од европските челници – вака дел од политичките аналитичари во земјава ја оценија нејзината посета на Скопје.

Според Марко Трошановски, Македонија како држава презела обврска да го промени уставот, а Европската Комисија нема да ја разгледува иницијативата за уставни измени со одложено дејство, барем додека не се избере стабилна влада во Бугарија. Смета дека Македонија во наредниот период мора да вложи максимални дипломатски напори во објаснување на своите позиции.

- Сега за сега комисијата иако можеби има разбирање, не би се нафатила да разговара и разгледува иницијативи од наша страна, во најмала рака барем додека не се консолидира стабилно владини мнозинство во Бугарија, бидејќи на крајот на краиштата тоа е страната со која треба да се разговараат овие идеи.- Марко Трошановски – Институт за демократија „Социетас Цивилис“

Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи во вчерашното издание на Само интервју го повтори ставот за уставни измени со суспензивна калузула, односно доколку во текот на преговорите официјална Софија продолжи да ја блокира земјава за работи кои не се поврзани со ЕУ, парламентот да ги блокира измените. Според него, идејата за одложено дејство била предлог во преговорите со Бугарија, но во разговорите приоритет бил ставен на македонскиот јазик.

-За ова одложено дејство, тоа беше нашиот предлог во преговорите со Бугарија. Меѓутоа во тие компромиси за јазикот нас ни беше поважно тука ние да биде нашиот став непроменет. Се разбира направивме одредени комрпомиси кога уставните измени... ако е таа грижата пост фестум ќе има, кој може да не спречи ние да ги корегираме тие уставни измени, па еве нека се додаде суспензивна клаузула било каде, што го слушнав премиерот дека тоа не држи. - Бујар Османи – Поранешен министер за надворешни работи

Од владата пак, велат дека предлогот за устанви измени со суспензивно вето се правно неиздржани. Министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани на брифинг со новинарите повтори дека промената на македонскиот устав и натаму е услов, но дека неодбивањето на Фон дер Лајен на владиниот предлог, значи дека има простор за некакво решение.

-Условот за уставни измени стои, промената се однесува на неодбивањето на претседателката на ЕК на нашиот предлог без при тоа да се конкретизира предлогот, меѓутоа неодбивањето значи дека се создава простор кој нас би можел да не води до потенцијално решение. Новината од вчерашната посета е тоа и мислам дека од вчера е конкретизирано дека таков простор постои и ќе се интензивира следната недела откако ќе завршат изборите во Бугарија.- Орхан Муртезани – Министер за европски прашања

Од опозицската СДСМ обвинија дека владата не успеала за време на посетата на шефицата на ЕК да ја презентира стратегијата за деблока на македонските евроинтеграции. Ја повикаа владата на одговорно однесување и да не се толкуваат туку да се спроведуваат пораките на Фон дер Лајен за уставните измени и коридорот 8.

Најмалку 76 загинати во тропската бура „Трами“ на Филипините, над 20 се исчезнати (ВИДЕО)

Бројот на загинати од тропската бура Трами на Филипините се искачи на 76, а уште најмалку 20 лица се водат како исчезнати, соопштија денеска властите.

Администраторот на Канцеларијата за цивилна одбрана Ариел Непомутено рече дека девет региони низ земјата пријавиле смртни случаи поврзани со тропската бура, објави Ројтерс.

Најголем број на загинати - 28 - е забележан во Бикол, регион југоисточно од Манила, по што следи регионот Калабарзон каде загинале 15 лица.

Трами, 11-тиот тајфун што ги погоди Филипините оваа година, помина над главниот остров Лузон, оставајќи трага на уништување со катастрофални поплави и лизгање на земјиштето во двата региона.

Националниот совет за намалување и управување со ризици од катастрофи соопшти дека Трами погодил повеќе од 2,6 милиони луѓе во најмалку 15 региони низ југоисточната азиска земја.

Се очекува дека бројот на загинати може да се зголеми, откако ќе се овозможи пристап до некои изолирани села. Според последниот владин извештај, во моментов непроодни се 293 патишта и 67 мостови низ државата, а некои региони немаат струја.

Државното метеоролошки биро соопшти дека Трами се движел западно-северозапад над Филипините, со постојани ветришта од 95 километри на час и налети до 151 километар на час. Според прогнозата, Трами ќе ги напушти Филипините до крајот на денот.

Ѓорѓиевски: Градoначалниците на Карпош и Струмица ги каниме во понеделник на состанок во ЗЕЛС

Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, одговарајќи на новинарско прашање информираше дека градоначалниците на Карпош и Струмица писмено ќе бидат поканети на средба во ЗЕЛС во понеделник. 

Уште еднаш кажа дека ќе се вклучи како медијатор во процесот за надминување на недоразбирањата и дека е оптимист околу исходот од оваа ситуација.

-Со колегата Јакимовски имавме една неформална средба на која заеднички констатиравме дека тој нема забелешки на работата на ЗЕЛС, туку на одредена несоработка со поедини министри од централната власт. Како Претседател на ЗЕЛС, се понудив заедно со моите потпретседатели, Висар Ганиу и Перо Костадинов, да влезам на еден цивилизиран начин во процесот и да помогнам преку медијација. Исто така, денес, како ЗЕЛС ќе упатиме писмена покана до двајцата градоначалници за средба и состанок во понеделник во просториите на ЗЕЛС, заедно со раководството и со директорката на ЗЕЛС, на која ќе разговараме и ќе видиме кои се причините, кои се проблемите со кои се соочуваат и ќе се обидеме да најдеме решение. Јас сум оптимист, сметам дека тоа беше една нивна брза и непресметана реакција и мислам дека ќе најдеме начин, како и за многу други прашања претходно, заеднички да ги надминеме недоразбирањата и од сето тоа победници да бидат граѓаните-изјави Ѓорѓиевски

На прашањето дали струмичкиот градоначалник официјално го известил за истапувањето од ЗЕЛС и дали очекува тој да се појави на понудената средба во ЗЕЛС во понеделник, Ѓорѓиевски наведе дека од дописот кој вчера доцна попладнето пристигнал нема прецизни причини за кои би имало простор за лутина и преземање на вакви драстични чекори. Наведе дека е оптимист околу изнаоѓањето на решение, но исто така посочи дека за излез од ЗЕЛС не одлучуваат лично градоначалниците туку советниците во советите на Општината.

-До ЗЕЛС вчера доцна попладнето пристигнаа две изјави од страна на градоначалникот на Струмица и од Општина Струмица во која не известуваат дека ќе се изземат од работата на ЗЕЛС, без да се наведе ништо прецизно и конкретно. Како проблем градоначалникот Костадинов го наведува она што се случи со водоводот во Струмица и недобивањето на средства од Владата при апликација за проект, за што и самиот вели дека не бил известен дека не може да се аплицира со веќе започнат проект. Сметам дека тоа не е причина за која треба да се лути. Она што треба да го знаат и двајцата градоначалници е дека тие одлуки, за излез од ЗЕЛС се носат со гласање на советот, односно за тоа може да одлучат советниците во рамките на советите. Јас најпрво се надевам дека и двајцата ќе се одзват на поканата за средба во понеделник и дека ќе ги затвориме проблемите на еден цивилизиран начин, на начин на кој никој нема да изгуби и дека заедништвото и понатаму ќе биде наша одлика. Доколку одлучат поинаку, се надевам дека и тоа ќе го направат онака како што треба и ќе видиме што имаат да кажат советите околу излегувањето од ЗЕЛС-истакна Претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски.

Урсула фон дер Лајен во Белград: Партнерството меѓу Србија и ЕУ станува сѐ посилно

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави денеска во Белград на прес конференција со претседателот Александар Вучиќ дека ЕУ е трговски партнер број еден на Србија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави денеска во Белград на прес конференција со претседателот Александар Вучиќ дека ЕУ е трговски партнер број еден на Србија, која има се подобри економски резултати и истакна дека е на добар пат од следната година да стане дел од единствената зона за плаќање во евра, што ќе го олесни трансферот на пари и ќе ги направи побрзи, побезбедни и поевтини, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ посочи дека се надева оти Србија до крајот на годинава ќе го отвори кластерот 3 во преговорите за пристапување во Унијата.

Претседателката на ЕК на пррес конференцијата нагласи три иницијативи, меѓу кои е и Планот за раст на Западен Балкан, кој, според неа, треба да ги приближи економиите од регионот до економијата на ЕУ и да го интегрира регионалниот пазар со единствениот европски пазар.

-Принципот е многу едноставен. Ја отвораме вратата за српските компании во одредени сектори. За возврат, потребни се реформи за фер услови на пазарот, кои ќе бидат поддржани со дополнителни инвестиции од ЕУ, изјави претседателот на ЕК, која додаде:

„Драг Александар, сакам да ви се заблагодарам на вас и на вашиот тим за одличната работа кога станува збор за агендата. Тоа е одлична реформска агенда. Сега ние треба да започнеме со имплементација на 1,6 милијарди евра што Србија ќе ги добие во рамки од Планот за раст“.

Фон дер Лајен истакна дека Србија е веќе една од најнапредните земји во процесот на пристапување, поради што во тек е отворањето на кластерот три и посочи дека Србија може да биде сигурна, како идна членка на ЕУ, дека Унијата ќе ја почитува и заштити „нејзината прекрасна природа“ кога станува збор за критичните минерали.

-Ќе работиме со локалните заедници за да се применат европските стандарди, рече фон дер Лајен.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Фон дер Лајен побарала од Србија многу поголемо усогласување со декларациите за надворешната политика на ЕУ и почитување на некои други прашања.

Тој истакна дека инфраструктурните проекти на кои работи со ЕУ се исклучително важни за Србија, истакнувајќи ја пругата Белград-Ниш како најважен проект, дека се гради и пругата Ниш-Димитровград, како и дека ќе се гради од Ниш-Брестовац, па се до Прешево и границата со Северна Македонија.

-Значи, тоа е крвотокот на нашата земја и верувам дека во следните неколку години ќе го завршиме овој проект кој е од огромно национално значење со ЕУ, рече Вучиќ.

Тој кажа дека со претседателот Фон дер Лајен не разговарал за литиум, минералните суровини, но дека верува дека подоцна вечерва ќе разговараат и за тоа.

притисни ентер