Се подготвува правилник за премин на доктори од приватното во јавното здравство

Има интерес од доктори кои работат во приватни здравствени установи, да се вратат во државните.

Во Министерството за здравство се подготвува правилник за премин на доктори од приватна во јавна установа. Ова ќе важи само за доктори специјалисти кои ќе бидат потребни во јавното здравство, информираше денеска на прес-конференција, министерот за здравство Арбен Таравари.

- Има интерес од доктори кои работат во приватни здравствени установи, да се вратат во државните. Имаше забрана од Влада од јули или од август 2022 година, да не можат да се вработат - од приватна да поминат во јавните здравствени установи. Јас би сакал да информирам и официјално дека пред три недели го поминавме на Влада, да се тргне таа забрана и сега подготвуваме правилник во Министерството за здравство. Не може сите доктори, туку само докторите кои се специјалисти по одредена специјалност - медицина, фармацевти специјалисти и стоматолози специјалисти, но, само доколку директорот на Клиниката ни каже дека има потреба, појасни министерот.

Тој додаде дека тоа би требало да бидат кадри кои се докажани и кои во одреден период си заминале, а сега сакаат да се вратат во јавното здравство.

- Само кај мене се јавени околу десет доктори кои се врвни стручњаци во нашата држава и кои полека почнуваме да ги враќаме и ќе се вратат. Ова е навистина добар чекор. Јас се надевам дека идната година повторно ќе продолжиме со вакви доктори кои изразуваат интерес да се вратат во јавното здравство, истакна Таравари на прес-конференцијата 100 дена Влада.

Во однос на тоа на што најмногу се жалат граѓаните, Таравари рече дека околу 60 до 70 отсто од граѓаните се задоволни од докторите кои работат во јавните здравствени установи.

- Но, новинарите не прават вести со тие пациенти кои се задоволни. Околу 20 до 30 проценти од пациентите кои не се задоволни, имаат разни забелешки, некои оправдани, некои неоправдани. Здравствениот систем постои за пациентите и тие се центарот во орбитата на здравствениот систем. Секако и докторите и другиот медицински персонал се многу битни. Ние треба да ги мотивираме и здравствените работници, не секогаш да кажуваме лошо за нив, туку некогаш и да ги пофалиме. Има одредени забелешки што држат и се обидуваме во разговор со колегите тоа да го амортизираме и да не се повторува. Ако се повторува од ист колега повеќепати, повеќе пациенти да се жалат, тогаш ќе преземеме мерки што може да ги преземе Министерството за здравство, рече Таравари.

За спојувањето на Клинички центар, рече дека во подготовка е стратегија и се надева дека тоа ќе се реализира во 2026 година.

- Советодавното тело во Министерството работи на процесот на спојување на Клинички центар и во подготовка на стратегија. Тука се вклучени и правници во подготвување нов закон за здравствена заштита. Нема да биде веднаш, ќе биде во комуникација со сите комори, здруженија на пациенти, фактори во здравството, за кога ќе го споиме Клиничкиот центар, јас се надевам јануари 2026 година, тогаш да биде подготвен и новиот закон, рече Таравари.

Централен совет на ДС: Коренити изборни и судски реформи и силна борба против криминалот

Централниот совет на Демократскиот сојуз денеска одржа седница на која се расправаше за актуелната политичка состојба во Македонија, како и за приоритетите во наредниот период.

-Демократскиот сојуз смета дека транзицијата на власта се одвива согласно програмските определби на Владата. Притоа се забележува засилен фокус врз справувањето со проблемите и дубиозите што ги остави претходната власт, почеток на расчистување на криминалните афери поврзани со неа, економска стабилизација како основа за натамошен економски развој и привлекување странски инвестиции, засилена дипломатска активност за откочување на европските интеграции со заштита на македонските национални интереси, стои во соопштението на партијата.

Во наредниот период, Демократскиот сојуз смета дека приоритет треба да имаат следните чекори - прво, коренити изборни реформи, Македонија да биде една изборна единица и да се укине таканаречаната „Пржинска влада“.

Второ, додаваат оттаму, реформи на судскиот систем преку уставни измени, ограничување на мандатот на судиите на пет или седум години, бришење на уставниот амандман за неодговорност за одлуките што ги носат судиите, воведување на институт „сослушување“, при селекцијата на судии и јавни обвинители.

Според нив, мора да се изградат контролни механизми без да се наруши независноста на судската власт.

-Трето, да продолжи неселективната борба против тешките облици на криминал и висока корупција и да се формира независна Агенција за борба против криминалот, како гаранција за одржливост и ефикасност на системот, велат од партијата.

Демократскиот сојуз ги започнал и подготовките за локалните избори, при што партиските ограноци треба да ги евидентираат проблемите и потребите на граѓаните, врз основа на што ќе се подготви изборна програма.

На седницата, Зоран Димитровски е избран за генерален секретар на Демократскиот сојуз. За потпретседатели на Демократскиот сојуз се избрани Зоран Петров, Весна Стоименовска-Атанасов и Верица Филиповска-Нешевска, која ќе раководи со Економско-правниот совет.

За членови на Претседателството на Демократскиот сојуз се избрани: Владимир Кроневски, Борче Јакимовски, Даниел Ефтимов, Дејан Богоески, Елизабета Стефковска, Дејан Наумовски, Емил Димитровски, Игор Трајковски, Јасна Саздовска, Панче Стојановски, Славчо Јовановски, Елисавета Јаневска, Жаклина Савевска, Трајче Грков, Сузана Постоловска, Влатко Данев и Богоја Петровски.

На седницата присуствуваа членови на Централниот совет, претседатели на општинските организации на ДС, како и голем број на активисти на ДС.

Почна зимата

На северната хемисфера на Земјата денеска во 10 часот и 21 минута започна зимата и ќе трае до 20 март 2025 година.

Денеска е 356-иот ден во годината и до крајот на годината остануваат 10 дена.

Сонцето во Скопје изгреа во 6 часот и 59 минути, а ќе зајде во 16 часот и 6 минути. Ова е најкраткиот ден во годината и ќе трае трае 9 часа и 6 минути. Месечината, која е во фаза на полна Месечина нема да изгрее, а ќе зајде во 11 часот и 2 минути.

Зимската краткоденица е моментот кога Сонцето е на својата најниска позиција во хоризонтот и јужниот пол е најблиску до Сонцето. На северниот пол е спротивно, тој е најоддалечен од сонцето па затоа на северната полутопка ноќта е најдолга а денот е најкраток.

Од денеска ноќите постепено ќе стануваат пократки, а деновите подолги.

Зимскиот краткоденица го означува почетокот на календарската зима на северната полутопка, додека на јужната полутопка истовремено започнува летото.

Орбан: Унгарското претседателство беше успешно, не можевме да маневрираме околу Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска оцени дека унгарското претседателство со Европската унија е успешно.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска оцени дека унгарското претседателство со Европската унија е успешно, посочувајќи дека, меѓу другото, е фокусирано на војната во Украина, но Унгарија нема простор за маневрирање таму поради сериозни и длабоки несогласувања во унијата.

Унгарскиот премиер ја започна својата годишна прес-конференција изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите во терористичкиот напад на божиќниот пазар во германскиот град Магдебург.

Зборувајќи за унгарското претседателство со ЕУ и за критиките дека Унгарија е изолирана, Орбан рече дека не гледа изолација бидејќи половина свет е во Унгарија. Тој додаде дека Унгарија го организирала најголемиот дипломатски настан во својата историја.

Орбан тврди дека унгарското претседателство било ориентирано кон креирање политики, наместо на бирократски пристап и дека било фокусирано на руско-украинската војна, Шенген зоната и конкурентноста.

-Што се однесува до војната, Будимпешта немаше простор за маневрирање поради сериозните и длабоки несогласувања внатре во ЕУ за стратегијата за приближување кон конфликтот. И покрај тоа, сериозноста на ситуацијата ја принуди Унгарија да започне мировна мисија и да се обиде да постигне мир, рече Орбан.

притисни ентер