Се гласа во сите избирачки места во Тетово, на две места со употреба на УВ-ламба

Во едно избирачко место во ОУ „Лирија“ во Тетово гласањето почна во 8.40 часот откако беше утврдено дека не функционира апаратот за идентификација. 

Нефункционалноста на апаратот за идентификација е причина гласањето на две избирачки места во Општина Тетово да почне со стариот метод со кој се зема отпечаток од прст на графитно перниче, па се остава отпечаток во избирачки список, а се користат спреј и УВ-ламба за проверка.

- Во едно избирачко место во ОУ „Лирија“ во Тетово гласањето почна во 8.40 часот откако беше утврдено дека не функционира апаратот за идентификација. Со одлука на Државната изборна комисија (ДИК) се користи стариот метод со отпечаток од прст и УВ ламба. Истото е направено во едно избирачко место во село Бозовце каде гласањето почна во 9.22 часот, информираше Зулќуфли Реџепи, претседател на ОИК Тетово

Во Општина Тетово за парламентарните избори право на глас имаат 86.550 граѓани, додека за вториот круг за избор на претседател на државата може да гласаат вкупно 86.405 луѓе.

Од вкупнте бројки, вчера имаа можност да гласаат 54 затвореници, како и 181 лице пријавени за болни и немоќни со право на глас.

Мундо Депортиво: Во понеделник ќе се решава судбината на Чави во Барселона

Раководството на Барселона утре ќе одлучи за иднината на тренерот на тимот Чави, пишува Мундо Депортиво.

Според шпанскиот спортски весник, 44-годишниот фудбалски стручњак ќе се сретне со претседателот на каталонскиот клуб, Жоан Лапорта. Се наведува дека средбата може да има каков било исход.

Чави во јануари најави дека ќе ја напушти Барселона на крајот од актуелната сезона. Во април тој објави дека се премислил и ќе продолжи да работи во клубот.

Подоцна, се појави информација дека Барселона не е задоволна од јавните коментари на Чави за финансиските проблеми на клубот.

По 36 одиграни кола, Барселона (79 бодови) е на второто место во шпанската Ла Лига. /МИА

Велешанец собирал печурки, во коленото му влегол проектил од огнено оружје

 Велешанец при собирање печурки почувствувал убод во левата нога. По лекарски преглед,  од коленото му бил изваден проектил од огнено оружје.

- Во СВР Велес вчера во 11 часот, 63-годишниот Д.Ј.од Велес, пријавил дека при собирање печурки во атарот на село Лисиче, Општина Чашка, почувствувал убод на левата нога, по што во Општа болница Велес му бил извршен преглед и од коленото му бил изваден проектил од огнено оружје, информира денеска Татјана Ѓуровска од СВР Велес.

Таа додаде дека за настанот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес и дека се преземаат мерки за негово расчистување.

На три европски банки во Русија ќе им биде одземен имотот

 Русија ќе го заплени имот на трите европски банки „Дојче банк“ (Deutsche Bank), „Комерцбанк“ (Komercbank) и „УниКредит“ (UniCredit). Тие ќе останат без речиси една милијарда евра имот во Русија.

Како официјална причина за заплената на имотот на трите банки се наведува тоа што се повлекле од финансирањето на постројка за преработка на гас во руското пристаниште Уст-Луга на Балтичко Море.

Според судските документи во Санкт Петербург, на „Дојче банк“ и се одземаат хартии од вредност, недвижен имот и средства во износ до 238 милиони евра, вклучувајќи го и имотот на банката и нејзината филијала во Русија.

Додека на „Комерцбанк“ и е запленет имот во вредност од 93,7 милиони евра, хартии од вредност и зградата на банката во центарот на Москва.

Додека на „УниКредит“ запленет и е имот во висина од 463 милиони евра.

Постројката за преработка на гас не се изгради поради санкциите од западните земји кон Русија воведени поради војната против Украина. Како одговор на санкциите Русија заплени имот на голем број западни компании и инсталираше нов менаџмент во руските подружници.

Компаниите кои се повлекуваат од Русија се принудени да ги продаваат своите деловни проекти на руски компании по драстично ниски цени. Често за нив симболично се плаќа само една рубља. /МИА

притисни ентер