СДСМ: Се редат пријави за лажни ТОЕФЛ сертификати како тој на Христовски

Се редат пријави за лажни ТОЕФЛ сертификати како тој на Христовски, Обвинителство мора да реагира.

Се редат пријави за лажни ТОЕФЛ сертификати од Пловдив, Бугарија. Медиумите јавуваат за поднесени нови пријави до ЈО како и за веќе завршени судски пресуди на директорки на јавни установи кои по кривична пријава од МВР се казнети затоа што приложиле сертификат од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“.

Станува збор за истото место и истото правно лице од каде што е и сертификатот на партиски назначениот директор на АНБ, Бојан Христовски.

За случаите со двете директорки, МВР постапило и воопшто не чекало да се изјасни Државната комисија за спречување на корупцијата туку реагирале.

МВР и Тошковски и во случајот со Христовски треба да реагира на истиот начин. Да не чека туку неселективно да постапи по закон и да му поднесе кривична пријава за основано сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистината содржина“.

И Јавното обвинителство мора да реагира, согласно своите надлежности да отвори истрага за утврдување на одговорност за скандалот со незаконското поставување на директор на АНБ.

СДСМ поднесе иницијатива и бараме свикување на собраниската Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР на којашто ќе биде поканет директорот на АНБ и ќе даде одговор на сите прашања и основани сомнежи.

СДСМ: Каде бил Христовски на денот кога тврди дека полагал англиски јазик?

СДСМ поднесе иницијатива со којашто бараме свикување на отворена седница на собраниската Комисијата за надзор над работата на АНБ.

На ова седница, отворена за јавноста треба да биде поканет директорот на АНБ и да даде одговор на сите прашања и основани сомнежи за неговото незаконско поставување, но и основани сомнежи за прекршување на законите.

Едно од тие прашања е врз основа на информацијата којашто е доставена до нас од свиркачи за тоа каде бил Бојан Христовски на денот кога тврди дека полагал за сертификат по англиски јазик?

Одговорот на ова прашање очекуваме да ги потврди основаните сомнежи за овој скандал.

Седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ е неопходна за јавноста да може да се увери дека после оставката на членовите на Комисијата за помилување, треба да следи уште една оставка на Бојан Христовски а потоа и да следи одговорност.

СДСМ

Гаши: За да почнат уставните измени треба договор и политичка волја

За да почнат уставните измени треба договор и политичка волја, за да имаме јасна перцепција.

Собранието во однос на процедурата е подготвено во секое време да ги отпочне уставните измени, но за да се отпочне тој процес треба политичка волја и договор за да имаме јасна перцепција, за да не почнеме нешто што нема да успее, изјави денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите.

- Во однос на Собранието, службите и процедурата ние сме подготвени. Се надеваме дека што побргу ќе дојдеме до тој политички договор за да се отпочне тој процес. Јас би сакал тоа да биде што побрзо затоа што мислам дека е од стратешко значење и важно да ги започнеме преговорите што побргу и да станеме полноправна членка на ЕУ, рече Гаши.

Во однос на оценката за Собранието во Извештајот на Европската комисија, според Гаши, таа е позитивна односно има мал напредок. Гаши рече дека во неговиот мандат нема злоупотреба на европското знаменце за носење на закони, како и дека големиот број на закони по скратена постапка се всушност усогласувања со Законот за организација и работа на органите на државната управа.

- Вчера од страна на амбасадорот на Европската унија, свечено во нашето Собрание пристигна Извештајот на Европската комисија. Во делот на Собранието можам да ви кажам дека вкупно оценката е позитивна. Има мал напредок. Наредната година ќе направиме се преку реформската агенда и преку сите препораки кои се дадени во Извештајот да ги имплементираме што побргу за следната година не само извештајот да биде позитивен туку тоа го правиме најмногу заради нас, да имаме пофункционално и потранспарентно Собрание и да бидат задоволни и пратениците и граѓаните од работата на Собранието, рече Гаши.

Се нотира, како што кажа, дека Собранието не го злоупотребува повеќе европското знаме, но дека се повторуваат скратените постапки.

- За жал, на почетокот на овој наш мандат заради новиот Закон за управа и работа на Владата повеќето од законите кои ни дојдоа во скратена постапка беа заради усогласување на имиња на институции и министерства. Затоа на почеток да имаме разбирање малку, но правам максимални напори со сите пратенички партии и пратеници, но и со Владата и со министрите, да ги убедиме да не предлагаат носење на закони по скратена постапка затоа што нема смисла и во насока на временските рокови, рече Гаши.

Нагласи дека Собранието закажува многу често седници, има предвидливост на седниците, така што дали три-четири дена порано или подоцна не се добива многу во време. - Ги убедуваме министрите повеќето или сите закони да ги предлагаат во редовна постапка затоа што мислам дека е добро и за нив, и за пратениците и за граѓаните и за заинтересираните страни за законите што ги носиме, рече Гаши во изјава за медиумите по брифингот.

Претседателот на Собранието рече дека нема информација од Владата кога ќе дојде Предлог-буџетот за 2025 година на дневен ред.

Единствениот регистар на сметки во фокусот на средбата на гувернерката и директорката на УЈП

Достапноста до овие важни податоци и информации во регистарот ќе ја зголеми ефикасноста во извршувањето на задачите од страна на двете институции. 

Новиот Единствен регистар на сметки којшто се очекува да биде воспоставен согласно одредбите од Законот за платежни услуги и платни системи бил во фокусот на разговор на средбата на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова.

Регистарот ќе содржи податоци и информации за платежни сметки, депозити и сефови, до кои достапност ќе имаат релевантните државни институции во земјата, вклучувајќи ги Народната банка и Управата за јавни приходи.

- Достапноста до овие важни податоци и информации во регистарот ќе ја зголеми ефикасноста во извршувањето на задачите од страна на двете институции. Овој регистар се очекува особено да ја зголеми ефикасноста на процесите за присилната наплата преку обезбедување релевантни информации за платежните сметки за потребите на новиот електронски систем за присилна наплата, којшто исто така е предвидено да се воспостави согласно Законот за плетжни услуги и платни системи. Воспоставувањето на електронскиот систем за присилна наплата ќе го дигитализира и олесни процесот на комуникација помеѓу органите на присилна наплата и давателите на платежни услуги, обезбедувајќи поцелосни и понавремени информации за расположливоста на паричните средства за присилна наплата со што ќе придонесе за намалување на бројот на блокади и поголема заштита на граѓаните, појаснуваат од Народната банка.

На средбата, како што информираат од централната банка, била истакната важноста на соработката меѓу институциите во финансискиот систем, како и дека преку координација и споделување на финансиски податоци, засилено управување со ризикот и проактивен став против финансиските неправилности, ќе се делува кон натамошното јакнење на економската отпорност.

Биле разгледани и иницијативи за унапредување на протоколите за размена на податоци и за полесно следење на монетарните и фискалните трендови и дека двете институции се залагаат за финансиски екосистем којшто поддржува отчетност, транспарентност и доверба, како основа за градење на поотпорна економија и одржлив економски раст.

На средбата одржана во Народната банка, била изразена подготвеност за продлабочување на натамошната соработка меѓу двете институции во рамки на нивнитенадлежности за обезбедување подобар пристап до финансиски услуги на граѓаните и компаниите.

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 231,3 милиони евра

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 231,3 милиони евра, раст на консолидираниот извоз од 12 % и инвестиции од 16,5 милиони евра во периодот јануари – септември 2024.

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2024 година продажбите достигнуваат 9.997.468.062 денари, што е за 9 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 14.236.125.924 денари, што е за 14 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 20 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 %. Компанијата, преку своите застапувања на производите на светски реномирани фармацевтски производители, активно учествува во обезбедувањето најсовремени ретки и специфични терапии, со што како докажан партнер на јавното здравство обезбедува значителна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 32 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 19 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени на Кипар, кои се зголемени 36-пати; потоа во Грузија, каде што се зголемени 2,5-пати, во Велика Британија, каде што се зголемени 2,4-пати, како и во Литванија, каде што продажбите се удвоени. Потоа следуваат оние во Украина (раст од 80 %), Чиле (раст од 78 %), Јордан (раст од 27 %), во Ерменија (раст од 19 %), Албанија (раст од 18 %), САД (раст од 16 %), во Хрватска (раст од 14 %), Босна и Херцеговина (раст од 11 %), Црна Гора (раст од 10 %), во Словенија (раст од 9 %) итн.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 27 %, препаратите ОТЦ со 18 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри Фармација, Козметика и Билкарство, додека, пак, кај Хемија има намалување во споредба со остварените во истиот период од 2023 година. Сегментот фармација бележи раст од 15 %, хемија пад од 3 %, козметика раст од 7 %, а билкарство раст од 11 %.

Инвестиции

Во 2024 година, во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, АЛКАЛОИД АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории. Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него АЛКАЛОИД вложи вкупно 19,4 милиони евра.

Во првото полугодие од годинава се реализираше стратешка инвестиција и во ПЦ Козметика. Инсталирана е нова производствена линија за производство и за пакување влажни марамчиња, во вредност од 1,7 милиони евра. Новата производствена опрема за производство на влажни марамчиња е со капацитет од 120 парчиња/минута и е дополнета со целосно автоматизирани линии за пакување. На овој начин се овозможи удвојување на капацитетите за производство на влажни марамчиња и се прошири палетата на производи кои може да се произведуваат и да се пакуваат.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2024 година изнесуваат 1.017.349 илјади денари.

Вложувања

Во 2024 година АЛКАЛОИД АД Скопје регистрираше ново друштво во Хрватска, со назив АЛКАЛОИД ФАРМА ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДОО Загреб. Имајќи предвид дека 68 % од пласманот на производите на компанијата се наменети за извоз, од исклучително значење е присуството на производствената програма на пазарите во ЕУ, како и проширувањето на нови пазари. Во таа насока, новоотворениот правен субјект е осми по ред кој е основан во рамките на земјите членки на Европската Унија.

Компанијата регистрираше и ново капитално поврзано друштво во Казахстан, со назив АЛКАЛОИД КАЗАХСТАН ДОО, кое е прва подружница на компанијата во Азија. Отворањето на ова друштво претставува исклучителна можност за искористување на големиот потенцијал за пласирање фармацевтски производи на овој пазар, чија вредност на годишно ниво изнесува над 2 милијарди евра. Казахстан е пазар со 19,6 милиони жители и е економија со најдобри перформанси во Централна Азија. Портфолиото на АЛКАЛОИД во Казахстан за почеток ќе опфаќа антибиотици и додатоци во исхраната наменети за бремени жени. Во иднина компанијата планира проширување на асортиманот, како и присуство и во други земји од тој регион на интерес. Подружницата во Казахстан, лоцирана во градот Алмати, е 26-то по ред капитално поврзано друштво на АЛКАЛОИД.

АЛКАЛОИД АД Скопје како интернационална генеричка фармацевтска компанија тежнее да биде присутен во сите сегменти на овој бизнис и да им понуди на здравствените системи и на пациентите достапност до што поголемо портфолио и типови на лекови по прифатлива цена. Покрај вообичаените генерички лекови, АЛКАЛОИД АД Скопје има стратешка цел да настапи на пазарот и со биослични лекови. За навреме да настапи во овој растечки бизнис-сегмент во фармацевтската индустрија, АЛКАЛОИД АД, преку докапитализација на своето новоформирано друштво АЛКАЛОИД ФАРМА ИНТЕРНАЦИОНАЛ од Хрватска, вложи во јужнокорејската истражувачко-развојна компанија Rophibio преку купување малцински удел. Преку ова вложување во Јужна Кореја, во противвредност од 1 милион американски долари, АЛКАЛОИД АД, покрај сопственичкиот удел во компанијата, ќе добие и право на првенство при лиценцирање на производите за регионите во кои има свои операции. Земајќи го предвид потенцијалот на пазарот, како и искуството на тимот кој ја предводи компанијата Rophibio, АЛКАЛОИД АД донесе одлука за инвестиција во оваа истражувачко-развојна компанија, која во моментов е во напредна фаза на развој на биослични лекови.

Иновации

АЛКАЛОИД изминативе години започна процес на редизајнирање на постојните генерички фармацевтски производи за нови индикации, со цел создавање лекови со додадена вредност кои овозможуваат третирање и задоволување на потребите на индивидуални или на специфични групи пациенти. Стратешките инвестиции за модернизација на производственото портфолио доведоа до успешен развој на првиот патентиран лек со додадена вредност на АЛКАЛОИД, наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ). Лекови од прв избор во третманот на рефлуксниот езофагитис и на ГЕРБ се т.н. инхибитори на протонска пумпа, група во која спаѓа и Омепразолот, кои најчесто се достапни во форма на гастрорезистентни таблети и капсули, како и на прашок за растворање. За првпат во историјата АЛКАЛОИД разви течна форма на лекот Омепразол, готов за употреба.

За пероралниот раствор Омепразол АЛКАЛОИД го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност (Value Added Medicine – VAM), а првите одобренија за ставање во промет на овој иновативен лек веќе се доделени за македонскиот пазар, како и за пазарите во Обединетото Кралство, Ирска, Холандија, во Португалија, Унгарија, Романија, во Словенија, Хрватска, Бугарија и на Косово. Во тек се регистрациските постапки за другите земји во Европа и за пазарите во Европската Унија, при што се очекува добивање одобренија за ставање на лекот во промет и за негово последователно лансирање.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.295.936.326 денари, бележи зголемување од околу 9 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.435.396.154 денари и е, исто така, зголемена за 10 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.339.118.233 денари и бележи раст од 5 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.381.386.743 денари е зголемена за 7 %.

При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

Вработени

Во периодот јануари – септември 2024 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 222 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2024 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 40.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.023 вработени, од кои 2.298 се во земјава, а 725 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2024 година се движеше од 18.151,00 до 22.700,00 денари или просечно 20.751,37 денари за една акција. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со друштвото и на генералниот тренд на раст на глобалните и на регионалните берзи. На 30.9.2024 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.766 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 31,9 милијарди денари.

На 1 април 2024 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2023 година во износ од 772.931 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2024 година започна исплатата на дивидендата во износ од 540 денари бруто, односно 486 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2023 година е поголема за 10,2 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2022 година.

Бизнис-план за 2024 година

Бизнис-планот за 2024 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2023 година, предвидува инвестирање на околу 10 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 10 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2023 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2023 година.

Бизнис-планот за 2024 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2024 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2024 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали.

Очекуваме во 2024 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и во усовршување на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градење таленти. Во согласност со досегашните резултати, при непроменети услови на пазарите во кои функционира АЛКАЛОИД, менаџментот на компанијата проценува надминување на планираните консолидирани продажби за 2024 година и за првпат реализирање износ од над 18,5 милијарди денари.

АЛКАЛОИД АД

притисни ентер