Сателитскиот интернет „Starlink“ стана профитабилен

Нема официјални податоци, но според информациите на аналитичка компанија специјализирана за сателитската индустрија, „Starlink“ е во плус.

Поминаа речиси десет години откако „SpaceX“ ги објави своите планови да испрати бројни сателити во вселената кои ќе им овозможат на луѓето од секој дел на Земјата можност за брз и стабилен Интернет. На почетокот, поради сложеноста и големите предизвици на еден ваков проект, многумина беа прилично скептични за плановите на Маск, особено што во тоа време најголемата констелација на сателити беше сателитската мрежа Иридиум со само 66 сателити.

Но, екипажот од „SpaceX“ беше упорен во она што го зацртаа и во мај 2019 година ги лансираа првите сателити во вселената и продолжија постојано да испраќаат нови сателити во последните пет години. Според податоците на аналитичката компанија специјализирана за пазарот на сателити, „Quilty Space“, таков успех каков што постигна „SpaceX“ со „Starlink“ не го очекуваа ниту најоптимистите, па затоа повеќето луѓе во индустријата се вчудоневидени. Во моментов има околу 5.200 сателити „Starlink“ во ниската орбита на Земјата, кои обезбедуваат услуги во 57 земји во светот, додека бројот на корисници на сателити е околу 2,7 милиони.

Иако цената на сателитски интернет е многу повисока во споредба со класичната оптика и мобилниот интернет, сепак има места во светот, вклучувајќи ги и руралните области во развиените земји, каде што сè уште не е достапен брз интернет. Во такви области, „Starlink“ делува како идеален начин за пристап до Интернет.

„Starlink“ е дел од „SpaceX“ и оваа компанија не ги објавува своите финансиски резултати, така што можеме да се потпреме само на неофицијални податоци од аналитички компании. Според податоците кои ги објави „Quilty“, „Starlink“ веќе е профитабилен и годинава очекуваат профит од речиси 3,8 милијарди долари (пред даноци и амортизација). Според проекциите на експертите на оваа компанија, приходите би требало да изнесуваат 6,6 милијарди долари, што е сосема неверојатно за компанија која пред четири години немала речиси никакви приходи.

Покрај големиот раст на приходите, аналитичарите го фалат и начинот на кој „SpaceX“ управува со трошоците, што резултираше со профит. Имено, компанијата развива и произведува сопствени сателити, па соработката со добавувачите и трети страни во производството е сведена на минимум. Исто така, успеале да направат нешто што досегашните производители на сателити никогаш не успеале, односно веројатно немале ниту потреба од тоа, а тоа е воспоставување производна линија за производство на голем број сателити.

Трошоците за производство на еден таков сателит, верзијата 1.0, се околу 200 илјади долари, но оваа година компанијата веќе ја планира верзијата 3.0 на сателитот, која нуди подобрени можности, вклучувајќи поголема брзина на Интернет и можност за поврзување на мрежата без потреба од специјални терминали.

И покрај тоа што оваа вест е охрабрувачка за „SpaceX“, треба да се нагласи дека ниту конкуренцијата не спие, а иднината носи и конкурентни сателитски мрежи, што веројатно треба да се одрази на намалувањето на цените на сателитски пристап до интернет и соодветно на намалувањето на профитните маржи на „Starlink“. /МИА

Воздушна тревога низ Украина, серија експлозии во Киев – има настрадани

Во Киев е прогласена воздушна тревога и се слушнале серија експлозии, јавија украинските медиуми, додавајќи дека едно лице загинало во напад со дрон.

Противвоздушните сили на Украина оперираат за пресретнување на проектили и беспилотни летала.

Воздушната тревога во овој и во другите региони се уште е во тек, објави украинскиот јавен сервис ТСН.

Како резултат на нападот во Киевската област, едно лице загинало, а четворица се повредени, соопшти в.д на шефот на Киевската ОВА, Никола Калашник.

Според него, загинал возач на камион.

Во друга област, урнатините од соборениот дрон паднале врз приватна куќа, при што бил запален покривот.Во друга населба во болница е пренесена жена поради повреди.

Препродавале луксузни, украдени автомобили- меѓу десетте и двајца вработени во МВР и еден Грк

Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката за обезбедување докази и поднесе обвинение против вкупно десет лица осомничени дека учествувале во дејствија на криумчарење на луксузни автомобили.

Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката за обезбедување докази и поднесе обвинение против вкупно десет лица осомничени дека учествувале во дејствија на криумчарење на луксузни автомобили, како и фалсификување службени и други исправи.

Во текот на 2021 и 2022 година, тие со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола.

Двајца од обвинетите се службени лица – референти од Одделението за управни работи во МВР, кои ја овозможувале постапката за регистрација на возилата во државава, иако знаеле дека се криумчарени.

Еден дел од возилата по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.

Во овие активности бил вклучен и 11-тиот осомничен, државјанин на Република Грција, за кого кривичниот прогон ќе биде отстапен грчките органи.

Заедно со поднесеното обвинение, надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за четворица од обвинетите.

По едно лице се трага со веќе распишана меѓународна потерница поради неговата инволвираност во друг сличен предмет со криумчарење луксузни возила кој го водеше Основното јавно обвинителство Скопје.

За еден обвинет на сила се мерки на претпазливост, соопшти Обвинителството.

Израел и Хамас подготвени за нови преговори во Катар, овој пат со големи шанси за успех

Израел и Хамас планираат да испратат преговарачи во Катар и да ги продолжат разговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа.  

Заливската држава, заедно со САД и Египет, посредува во разговорите, бидејќи Израел и палестинската милитантна група Хамас одбиваат директно да разговараат.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одобри испраќањето на преговарачка делегација. Хамас соопшти дека планира да испрати свои преговарачи, а висок функционер на групата изрази оптимизам.

-Постојат добри изгледи овој пат преговорите да бидат успешни, изјави Муса Абу Марсук за катарската организација Ал-Араби Ал-Џадид.

Тој не откри на што го темели својот оптимизам. Ќе биде тешко да се постигне компромис, бидејќи и Израел и Хамас сакаат меѓусебно да се уништат.

Израел бара список со имињата на живите заложници заробени во Газа. Хамас објави дека му е потребна пауза во борбите за да се утврди локацијата и здравствената состојба на заложниците, што Израел го смета за изговор, пренесуваат медиумите.

Војната започна со напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, при што загинаа околу 1.200 луѓе и беа заробени околу 250.

Според палестинските податоци, од почетокот на војната во Газа се убиени над 45.500 лица.

притисни ентер