САД потрошиле рекордни 17,9 милијарди долари за воена помош за Израел од 7 октомври 2023

Извештајот беше објавен денеска, на годишнината од терористичкиот напад на палестинскиот Хамас од Газа во јужен Израел.

САД потрошиле рекордни 17,9 милијарди долари за воена помош за Израел од почетокот на војната во Газа пред една година и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, се вели во извештајот за проектот на Универзитетот Браун наречен „Трошоци на војната“.

Извештајот беше објавен денеска, на годишнината од терористичкиот напад на палестинскиот Хамас од Газа во јужен Израел.

Дополнителни 4,86 милијарди долари се потрошени за зголемени американски воени операции во регионот од нападот на 7 октомври 2023 година, велат истражувачите.

Како што пренесува Бета, повикувајќи се на агенции кои имале увид во извештајот, во документот се вклучени трошоците за кампањата предводена од членови на морнарицата, специјализирани за запирање на нападите на јеменските бунтовници Хути врз товарни бродови.

Хутите тврдат дека овие напади ги изведуваат во знак на солидарност со исламистичкиот Хамас, кој е поддржан од Иран.

Најголем дел од американското оружје испорачано во текот на изминатата година се артилериски гранати, наведувани бомби и т.н. уништувачи на бункери од 900 килограми и муниција.

Според извештајот, четири милијарди долари се потрошени за реставрација на противракетните системи „Железна купола“ и „Давидова прачка“, за пушки и гориво за авиони.

САД јавно објавуваат податоци за воената помош за Украина, но невозможно е да се дознаат сите детали за испораките на Израел, така што 17,9 милијарди долари, по голема веројатност, не се единствениот трошок.

Како причина се наведуваат напорите на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден да ги скрие информациите за висината на помошта.

Ахмети да се адаптира во опозиција, на ДУИ им требаат реформи, вели Таравари

 Прво му треба на господинот, Ахмети реформи, адаптација и кауза, да излезе и да ни каже што сака.

Неколку пати повторувам дека на господинот Ахмети, пред се, му треба адаптација во опозиција, а потоа му требаат реформи, а за седнување кога сака ќе седнеме, истакна денеска министерот за здравство, Арбен Таравари на прашањето дали ќе одговори на повикот на лидерот на ДУИ, да излезат од Владата и да формираат заедничка коалиција.

- Ќе седнеме, ама не знам што ќе правиме. Прво му треба на господинот, Ахмети реформи, адаптација и кауза, да излезе и да ни каже што сака. Ние за седнување сме отворени и комуницираме со сите политички партии, без исклучок. Така што немаме ништо против и со него да комуницираме. Меѓутоа нека почне со реформи. Тоа ни е многу битно нам, вели Таравари.

Прашан дека ова е истото што го кажа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, Таравари со одговор дека не знае што кажал вчера премиерот, бидејќи не го слушнал. Но, како што вели Таравари, одамна на лидерот на ДУИ, Ахмети му укажува дека треба да смени нешто во партијата, која не функционира, бидејќи 107.000 албански гласови беа против него, односно беа за ВЛЕН.

-Тоа се гласови, кои никогаш ниедна албанска опозиција не добила од 1991 година, од кога се одржуваат избори во Македонија, вели Таравари.

Прашан за излегувањето на Мендух Тачи од Европскиот фронт, Таравари кусо одговори дека Тачи е посебен, дека тоа е негова одлука и не би сакал да коментира.

Фудбалски тим од третата грчка лига останал без опремата додека со траект патувал

Фудбалски тим од третата грчка лига останал без опремата додека со траект патувал од Крит за Атина.

Членовите на фудбалскиот клуб Ретимниакос од грчкиот остров Крит, останале без нивната опрема, што ги вклучува и дресовите, додека со траект патувале кон Атина за одигрување натпревар од третата фудбалска лига на Грција, а торбите, како што објавија од тимот на Фејсбук, им ги украле патници од Романија, јави дописничката на МИА од Атина.

Опремата била украдена од специјалниот простор за багаж во траектот што сообраќал од градот Ираклио кон атинското пристаниште Пиреас, а Романците, како што објаснија од ФК Ретимниакос, „преправајќи се дека се членови на тимот, ги зеле торбите, ги натовариле во комбето со кое патувале и исчезнале во непознат правец“.

Фудбалерите натпреварот го одиграле со позајмени дресови од домашниот тим од Атина, а кусо пред завршувањето на дуелот, биле информирани дека опремата била пронајдена.

Мицкоски-Вучевиќ: Силно го поддржуваме заедничкиот пат кон ЕУ

Силно го поддржуваме заедничкиот пат кон ЕУ, неопходно е да работиме за стабилност и безбедност на целиот регион.

Споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи. Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката-прес-конференција со неговиот српски колега Милош Вучевиќ.

Мицкоски рече дека разговарале за предизвиците со кои се соочува регионот, и посочиле дека е неопходно „во овие турбулентни времиња, да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион“.

-Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања. Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот, рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека зборувале и во делот за енергетското поврзување на двете земји.

-Ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа, нагласи Мицкоски.

Српскиот премиер од своја страна, исткна дека Македонија и Србија имаат традиционално добри односи, и се согласи со Мицкоски дека клучно за Србија е изградбата на интерконекторот и нов пат за снабдување со природен гас за Србија, преку Македонија.

-Силно го поддржуваме заедничкиот пат. Србија верува во заедничка европска иднина на целиот регион. Даваме целосна поддршка на Македонија на нејзиниот европски пат. Сметаме дека ЕУ мора од поодамна да даде можност на Македонија за нејзиниот напредок кон Унијата, тоа јавно сакаме да го кажеме и веруваме во заедничката европска судбина или приказна за целиот регион. Овој регион заслужува шанса и поддршка од целата Европска Унија, рече Вучевиќ, кој е во официјална посета на земјава.

притисни ентер