Руте: Зеленски неправедно го критикува Шолц

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте изјави дека острите критики што украинскиот претседател Володимир Зеленски ги упати кон германскиот канцелар Олаф Шолц се „неправедни“, објавија денеска германските медиуми.

Иако Германија е сигурен сојузник на Украина, неподготвеноста на официјален Берлин да и испрати на Украина крстаречки ракети со долг дострел „Таурус“ беше причина за незадоволство во Киев.

-Често му кажував на Зеленски дека треба да престане да го критикува Олаф Шолц, бидејќи мислам дека тоа е неправедно“, рече Руте, додавајќи дека тој, за разлика од Шолц, ќе ја снабдува Украина со крстосувачки ракети „Таурус“ и нема да поставува ограничувања за нивната употреба. /МИА

Во Германија, девојче спиело пред градинка за да биде прва во редот

 Во германскиот град Уна, којшто се наоѓа источно од Дортмунд, четиригодишно девојче избегало од дома за да биде прва во нејзината градинка, јави ДПА, повикувајќи се на полициски извештај.

Таа, всушност, излегла од својот дом сред ноќ и преспала на влезот на градинката. И покрај студот и влажните временски услови, и со не повеќе од ќебенце, девојчето, просто седнало да го чека утрото и отворањето на градинката.

Случајна минувачка го забележала детето во 5:30 часот, пред зори - во една од најдолгите ноќи во годината, и ја известила полицијата во градот. Родителите биле вчудоневидени кога полицајците ги разбудиле - со нивната ќерка пред влезната врата.

Инаку, градинката не работи во недела. Згора на сѐ, установата и повеќе денови ќе биде затворена, поради Божиќ./МИА

Герасимовски: Предновогодишен концерт на Нокаут и DJ Александар Јорданов, во петок на Боемска

Општина Центар информира дека во петок, 27 декември организира голем предновогодишен концерт „Вечер под ѕвездите“ со познатите македонски музички ѕвезди, групата „Нокаут“ и диџеј Александар Јорданов.

Предновогодишната забава ќе почне во 20:00 часот, на локација „Боемска 1“.

Герасимовски информира дека за загревање на атмосферата ќе биде задолжен легендарниот диџеј Александар Јорданов, по што ќе следат единствените „Нокаут“.

„Качете се на временската машина на „Нокаут“ и запејте ги „Фатална опсесија“, „Лебедот бел“, „Телефонскиот број не постои“, „Илјада причини за крај“. Ветуваме убава атмосфера под новогодишните светилки на Боемска. Задолжителниот дрес код е добро расположение, насмевка и позитивни вибрации. Поканата важи за сите скопјани, Ве покануваме на добра македонска музика, заеднички да го прославиме крајот на годината“, истакнува Герасимовски.

Во среда, 25 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи и настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанска амбасада, кадешто граѓаните ќе имаат можност да слушаат џез верзија на македонските евергрини од Искра Србиновска квартет, но и да пробаат греано вино и печени костени.

Со почит,

Општина Центар

Ердоган повторно повика на нов устав

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган уште еднаш повика на усвојување на нов устав, јавуваат турските медиуми.

Тој ги повика особено опозициските партии да го поддржат предлогот на неговата Партија на правдата и развојот (АКП) за нов устав.

-Иако опозицијата не ги слуша нашите искрени повици, ни треба демократски, инклузивен и либерален устав направен од граѓаните, рече Ердоган викендот.

Тој ги отфрли обвинувањата дека иницијативата е диктирана од политички мотиви.

-Новиот устав не е луксуз за Турција, туку неопходност што е одамна задоцнета, рече Ердоган, цитиран од Хуриет.

Ердоган и АКП долго време го критикуваа постоечкиот устав, главно поради тоа што беше изготвен по воениот удар во 1980 година.

-Патот до усвојување на новиот устав е комплициран, бидејќи АКП го нема потребното парламентарно мнозинство за да го протурка предлогот. За да се организира референдум по ова прашање потребна е поддршка од повеќе од 30 пратеници од опозицијата.

Претседателот на парламентот Нуман Куртулмуш од почетокот на мај разговара со претставници на опозицијата за новиот предлог за устав./МИА

притисни ентер