Рокас: Очекувам овој пат и ЕУ да може да испорачува резултати со забрзана динамика

Од новиот состав на Европската Комисија треба да очекувате многу напорна работа, изјави денеска шефот на Делегација на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.

На прес-конференција во Битола, евроамбасадорот Рокас нагласи дека очекува овој пат и Европската унија да може да испорачува резултати со забрзана динамика.

- Од новиот состав на Европската Комисија треба да очекувате многу напорна работа. Процесот на проширување на Европската унија е врвен приоритет за самата Европска унија. Како сведоштво или како доказ за тој врвен приоритет е тоа што имаме комесар за проширување, а имаме и политички директор кој што ја има функцијата за проширување. Значи ги имаме сите алатки на раполагање и треба да ги ставиме во дејство од првиот ден на работата на новиот состав на Европската комисија. Ние како Делегација на ЕУ заедно со мојот тим и сите други членки на ЕУ тука присутни, остануваме посветени на самиот напредок за да може да ги искористиме сите можности кои ЕУ ги нуди. Имаме на располагање различни финансиски механизми, како што е Планот за раст на Европската комисија и исто така реформската агенда на самата Влада. Очекувам ние како ЕУ, овој пат и ние да можеме да испорачуваме резултати со многу забрзана динамика, истакна Рокас.

Шефот на Делегација на ЕУ во земјава денеска е во посета на Општина Битола и други институции во овој град.

Битиќи: Зошто Владата ја занемарува правичноста во зголемувањето на платите?

Владата да обезбеди правичност и системски пристап во зголемувањето на платите на работниците, порача пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи,  поставувајќи пратеничко прашање до министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Посочувајќи на контрадикциите во предложениот Буџет за 2025 година, Битиќи истакна дека бруто платите за 359 вработени во Владата се предвидени да се зголемат за речиси 54%, од 90.488 денари на 137.226 денари, со нето просечни плати кои ќе достигнат 90.000 денари. За вработените во новоформираното Министерство за енергетика, се предвидува просечна нето плата од 105.000 денари.

„СДСМ и идеолошки а и принципиелно секогаш е за зголемување на платите и го поздравува секое унапредување на правата на работниците и работничките – но не’ зачудува тоа што за вработените во Собранието е предвидено е намалување на платите, што дополнително отвора прашања за принципите на правичност и усогласеност при планирањето на буџетот“, рече Битиќи

Битиќи истакна дека за јавноста е клучно да разбере како Владата ги дефинира приоритетите при планирањето на буџетот и кој е принципот што води до овие големи разлики во пристапот кон различни категории на вработени. Притоа тој потсети дека Владата го отфрли предлогот на СДСМ за зголемување на минималната плата на 450 евра, што ќе овозможеше подобрување на животниот стандард на над 22.000 работници.

„Кои се принципите што ги следите во распределбата на јавните средства и планирањето на платите? Како се осигурува правичноста и транспарентноста при дефинирањето на приоритетите, особено кога гледаме големи разлики помеѓу различните сектори? Како Владата планира да обезбеди системски мерки кои ќе го подобрат стандардот на сите граѓани, а не само на одредени категории во јавниот сектор?

И чуму ваков, ад-хок пристап на зголемување на платите на неколку институции, наместо изнаоѓање на системско решение“, праша пратеникот Битиќи и појасни дека како пример треба да се земе Општиот колективен договор за јавниот сектор, во кој минатата година заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија се поставија основите за просечната плата да биде „коефициентот 1“ за платите во јавниот сектор од јануари 2025-та година, се наведува во партиското соопштение.

Витина: Ако има иницијатива, Славески мора да свика вонредна седница на Советот

Советничката во Град Скопје, Ирена Витина ја оквалификува како неточна изјавата на претседателот на Советот Трајко Славески во врска со иницијативата на приватните превозници за зголемување на надоместот на услуга по километар. 

- Од иницијативата која ви ја прочитав советникот бара да отпочнеме постапка во која што ќе ги разгледаме сите можности за ние како советници да утврдиме дали постои оправдана причина за покачување на цената на приватните превозници по километар или не постои. Како на советници, од страна на претседателот на Советот ни е ускратено правото што го имаме согласно Статутот и Деловникот да разгледуваме иницијативи и да постапуваме по нив. Ги уверувам граѓаните дека единствено ние како советници во Советот на Град Скопје можеме да донесеме таква одлука, изјави Витина.

Советничката кажа дека право на советниците е да ги разгледаат иницијативите на приватните превозници, со претходна подготовка и податоци кои би ги побарале од службите и приватниците. Смета дека треба да се почне дебатата за иницијативата и дека по којзнае кој пат тоа право како на советници им се ускратува.

- Уште еднаш ќе повторам, мислењето на градоначалникот е едно, но нашето право на одлука е наше. Обврска ни е пред граѓаните на Град Скопје, пред приватниците да не играме дворски игри и да бидеме одговорни, рече Витина.

Кажа дека советникот Горан Арсов доставил иницијатива, а градоначалничката дала мислење и дека нема пречка да се закаже вонредна седница, бидејќи како што вели „околностите се вонредни“.

Романскиот Уставен суд ќе бара пребројување на гласовите од првиот круг на избори

Романскиот Уставен суд ќе побара пребројување на гласовите во првиот круг од претседателските избори, јавува денеска ТВ Диги24, повикувајќи се на судски извори. Портпаролот на Уставниот суд не сакаше да го потврди или негира извештајот.

По едноцифрената поддршка од гласачите во анкетите спроведени пред гласањето во неделата, екстремно десничарскиот независен политичар Калин Георгеску (62) извојува победа што го покрена прашањето како е можно вакво изненадување во Европската унија и во земја членка на НАТО, пренесуваат агенциите

Тој ќе се натпреварува со лидерката на опозицијата Елена Ласиони во вториот круг од претседателските избори на 8 декември. Георгеску доби многу гласови од младите гласачи и Романците кои живеат во странство, а неговата кампања во голема мера се потпираше на платформата за споделување видеа ТикТок.

Заменик-шефот на Романската агенција за телекомуникации, Павел Попеску рече дека денеска ќе започне официјален процес за суспендирање на платформата ТикТок низ цела Романија во очекување на истрага за улогата што таа ја одигра во првиот круг од претседателските избори во неделата. /МИА

притисни ентер