Роботакси удри во пешак, луѓето на страна на автомобилот

Робот такси во Кина удри во пешак, а луѓето на социјалните мрежи се на страната на производителот на автомобили затоа што лицето наводно поминало на црвено светло.

Операторот на возилото, кинескиот технолошки гигант „Baidu“, во изјава за кинеските медиуми рече дека автомобилот почнал да се движи кога светлото се запалило зелено и „имал мал контакт со пешакот“.

Лицето е префрлено во болница и нема сериозни повреди, се додава во соопштението на компанијата, пренесува агенцијата АП.

Несреќата се случила во Вухан и го истакнува предизвикот со кој се соочува автономното возење во сложени ситуации, пишува познат кинески весник.

Овој медиум објави изјава од експерт кој вели дека „технологијата може да има ограничувања кога станува збор за неконвенционално однесување“, мислејќи на други возила или пешаци кои ги прекршуваат сообраќајните закони.

Коментарите на социјалните мрежи во голема мера го поддржуваат „Baidu“, посочувајќи дека пешакот го прекршил законот, објави Шангај дејли на својот профил на Твитер.

Извор: Б92

Од топлотен удар почина жена на Кипар, три други хоспитализирани во сериозна состојба

Според портпаролот, трите жени на возраст од 25, 67 и 80 години се во сериозна состојба,.

Поради високите температури на Кипар, 64-годишна жена починала од топлотен удар, а три други се хоспитализирани, изјави за кипарската новинска агенција портпаролот на Државната организација за здравствени услуги Хараламбос Харилау, јави дописничката на МИА од Атина.

Според портпаролот, трите жени на возраст од 25, 67 и 80 години се во сериозна состојба, а поради топлотниот бран во изминатите денови „има зголемен број случаи на топлотна исцрпеност“ на сите возрасти од деца до стари лица.

Нови политики и поголем буџет за грижа и посветеност за талентираните ученици, најавува МОН

Менување на политиките за талентираните деца и обезбедување поголем буџет за нив, промени што ќе се случат наскоро, најавува министерката за образование и наука Весна Јаневска по новиот успех на македонски ученици на меѓународен натпревар.

Од штотуку завршената 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024) во Велика Британија, шест македонски ученици се враќаат со еден златен медал, два бронзени и три пофалници.

Златниот медал го освои 16-годишниот Дамјан Давков од Штип, кому ова му е второ злато на ИМО од пет учества на кои ја претставува нашата држава, на кои досега има освоено и два сребрени медала и една пофалница. На Олимпијадата по математика, која од 11 до 22 јули се одржа во британскиот град Бат, бронзени медали освоија Леонид Тодороски и Алексиј Тасиќ, а пофалници добија учениците Бранко Јангеловски, Ивано Божиновски, Никола Цветаноски.

Честитајќи им го успехот, министерката Јаневска истакна дека МОН и Владата почнуваат да ги менуваат политиките кои ќе значат грижа и посветеност кон талентираните ученици.

- Ќе ги смениме законите и ќе обезбедиме поголем буџет. Покрај паричните награди кои ги добиваат за освоено прво, второ или трето место, идентично како што дефинира Законот за основно образование, така ќе предвидиме можност за надомест на патните трошоци и котизацијата за учество на олимпијади/натпревари и за средношколците, со цел во иднина ниту тие, ниту некои нови суперталентирани деца, ниту нивните семејства и наставници - ментори, да немаат грижи како досега - дали ќе стигнат до таму. Веќе работиме на новото законско решение, објави министерката Јаневска на Фејсбук.

Идејата е во иднина со овие деца да се занимава центар или центри за поддршка на талентирани и надарени ученици каде што, наведува Јаневска, ќе им се обезбеди менторство и ќе се работи преку индивидуалнизирани програми, ќе се поддржуваат и родителите и ќе се поврзуваат со институции и ресурси.

-Знам дека темата е сензитивна. Реакциите во јавноста се сосема оправдани, бидејќи години наназад никој не им помогнал на овие деца колку што заслужуваат. Јасно е дека талентот нема време за чекање. Но, сакам и да уверам дека младите се наш фокус и центар на сите политики, бидејќи без нив, државата нема иднина. Само 20 дена изминаа од нашиот мандат, а веќе преземаме крупни чекори. Промените за поддршка на талентираните, законски и практично ќе се случат наскоро, наведува министерката за образование и наука.

Таа им го честита успехот на шесте ученици и нивните ментори кои на Интернационалната математичка олимпијада во британскиот град Бат (11 - 22 јули 2024) освоија награди и вели дека се „предводници на своите генерации“.

-Гордо стојат на македонската химна и го веат знамето на татковината, додека организаторите на меѓународни научни олимпијади и престижни ученички натпревари им доделуваат награди и признанија за постигнатите успеси. Искрено им честитам на достигнувањата и им благодарам што со своите знаења, достојно ја претставуваат Македонија во светот, истакнува Јаневска во објавата на Фејсбук.

Во текот на август, како што вели, ќе организира средба со ученици и со сите здруженија на наставници кои ги подготвуваат за натпревари бидејќи некои натпревари се уште се во тек. За оваа намера веќе се контактирани дел од здруженијата.

На 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024) во Бат, Велика Британија, од 11 до 22 јули се натпреварувале 609 ученици од светот во решавање шест математички проблеми во текот на два натпреварувачки дена.

Пред учеството на ИМО 2024, македонските ученици поминале еден месец подготовки организирани од Сојузот на математичари на Македонија (СММ) на кои разработувале напредни теми и техники за решавање проблеми од математичките области: алгебра, комбинаторика, теорија на броеви и геометрија.

Од СММ истакнуваат дека ова е исклучителен успех за нашата земја, која во конкуренција на 109 држави екипно се пласира на 28 место според освоени одличја, односно на 46. место според освоени поени.

- Успехот на овие шест златни деца е успех за целата татковина. Ова е само второ македонско злато на ИМО во досегашните 32 учества на Македонија како независна држава. Штипјанецот Дамјан Давков со освоениот златен медал, втора година по ред се вбројува во светската математичка елита. Ова 16-годишно момче е несомнено најуспешниот македонски олимпиец на сите времиња – во досегашните пет учества има освоено два златни медала, два сребрени медала и една пофалница – и цврсто чекори кон тоа да стане еден од најуспешните олимпијци во историјата на ова престижно светско натпреварување, велат од Сојузот на математичарите на Македонија.

Монитор: Недостигот на работна сила во Албанија го пополнуваат пензионерите

Од година во година се зголемува бројот на ангажирани пензионери во Албанија, како потреба да се покрие празнината што ја оставија младите на пазарот на трудот.

- Според податоците од анкетата за работна сила на државниот Институт за статистика (ИНСТАТ), во 2023 година над 16 отсто од луѓето над 65 години, или 82.000 биле вработени. Стапката на вработеност на возрасни лица-пензионери, се зголемува во текот на последната деценија, од 8,6 отсто во 2015 година на 16,3 отсто во 2023 година, се наведува во анализата на списанието „Монитор“ под наслов „Надеж кај старите. Младите се заменети со пензионери, работат 16 отсто од луѓето над 65 години“.

Според истиот извор вработувањето на постарите лица доаѓа во време кога во истиот период е зголемена невработеноста кај младите.

Стапката на невработеност за возрасната група од 15 до 24 години во 2023 година е многу висока и изнесува 25,6 отсто. Истата година, младите од возрасната група од 15 до 29 години, кои се невработени, не посетуваат училиште или стручна обука, сочинуваат 24,6 отсто.

- Експертите на пазарот на труд тврдат дека постарите лица на возраст за и по пензионирање ги покриваат потребите на бизнисите кои вообичаено не ги претпочитаат младите, како што се чувари на приватни објекти и професиите за кои не е потребна голема вештина и енергија. Од друга страна, ниските износи на старосни пензии ги охрабруваат сè повеќе постарите луѓе да работат за да ги покријат основните потреби, наведува „Монитор“.

Исто така поради недостиг на кадар, посебно во здравствениот и образовниот сектор многу медицински лица и просветни работници работат и по пензионирањето.

притисни ентер