СМС пораките биле испратени анонимно до жителите на Њујорк, Алабама, Калифорнија, Охајо, Пенсилванија, Јужна Каролина, Тенеси - тие имаа сличен тон, но некаде се разликуваа во текстот, објави Ројтерс.
Пораките им велат на оние што ги примиле да се пријават на плантажи за да „берат памук“, според Националното здружение за унапредување на правата на расните малцинства (NAACP).
Во некои пораки се споменува и новата американска администрација. ФБИ соопшти дека е во контакт со Министерството за правда, а Федералната комисија за комуникации исто така објави дека го истражува потеклото на СМС пораките во соработка со полицијата.
Таша Данам од Лоди, Калифорнија, рече дека нејзината 16-годишна ќерка добила порака во која се вели дека треба да се пријави на „плантажа“ во Северна Каролина. Таа вели дека никогаш не живееле таму, а кога подобро ја разгледале локацијата виделе дека таму има музеј.
„Многу е вознемирувачки, се обидувам да сфатам што значи ова? Дефинитивно сум исплашена и загрижена“, рекла мајката на 16-годишното девојче.
Прво мислеле дека некој се шегува, но емоциите станале интензивни по претседателските избори во вторникот, па сепак решиле да пријават во полиција.
"Јас не сум роб, мајка ми не беше роб, но ние сме само неколку генерации подалеку од тоа. Кога ќе размислите колку брутално и ужасно ропството беше за нашиот народ, навистина е вознемирувачки", вели Данам.
Претседателот на НААЦП Мисури Нимрод Чапел вели дека студентите кои се членови на организацијата добиле пораки во кои зборуваат за изборната победа на Доналд Трамп и ги повикуваат да одат „да берат памук“ следниот вторник.
„Тоа укажува на добро организирана група која има ресурси и е решена да ги таргетира Американците врз основа на бојата на нивната кожа“, рече Чапел.