По времената мерка за замрзнување на примена на алатката, Министерството за јавна администрација им даде инструкции на институциите да ги запрат оние огласи за работни места за кои е наведена конкретна етничка припадност како критериум..
-Веќе започнатата постапка за вработување во инситуциите од јавниот сектор се прекинува, ако јавниот оглас за вработување е изготвен согласно актите односно одредбите кои се опфатени во точка 1 од решението на Уставен суд, (т.е. во јавниот оглас се наведува припадност на заедница, а пак кандидатот се обврзува во пријавата да истакне припадност на заедница) – стои во одлуката доставена до сите инситуции.
Ова нема да важи за огласите во кои не се бара истакнување на етничката припадност и тие постапки за вработување ќе продолжат.
Додека се чека финалната одлука на уставните судии, етничките прашања остануваат тема и на политичко ниво. Вицепремиерот Изет Меџити изјави дека тоа се нерешени прашања од минатото кои требало да се затворат од претходната влада.
-Се соочивме со деструктивна опозиција која секојдневно критикува, со право и без право. Oтвориja некои работи од минатото кои не ги затвориja како што треба, како што се законот за јазици, балансерот, бадентер… Имаа доволно време, осум години, да ги решат, но не ги решија и сега злоупотребуваат и судска власт за дневна политика. За жал, ги инструментализираат за дестабилизација и за сеење магла за да се спасат од одговорност-Изет Меџити – вицепремиер.
Веќе подолг период од Коалицијата Вреди најавуваат закон за правична застапеност како подобро решение кое ќе го замени балансерот и како што велат, ќе ги унапреди правата на Албанците и другите заедници. Сепак, во Собранието таков закон досега не е поднесен.
Во меѓувреме, согласно договорот на власта со ДУИ, во среда треба да биде фомрирана Комисијата за следење на правичната застапеност во јавниот сектор во рамки на Собранието. Со неа, според предлогот, ќе раководи Талат Џафери.