Пуштена во употреба голема соларна електрана кај Кавадарци

 Групацијата ГЕН-И ја пушти во употреба својата втора голема соларна електрана во земјава, изградена во близина на Кавадарци. 

На претходно деградирано земјиште од 70.000 квадратни метри, инсталирани се 17.612 фотоволтаични модули, што зафаќаат вкупна површина од 60.000 квадратни метри. Нивната максимална вкупна моќност во зависност од временските услови изнесува 12 мегавати.

-Во зависност од бројот на сончеви часови, овие модули можат годишно да произведат до 15.500 мегават часови енергија без јаглеродни емисии. Со оглед на просечната потрошувачка на едно домаќинство, оваа количина енергија ги задоволува потребите на околу 3.400 домаќинства. Ова значи заштеда од 7.574 тони јаглероден диоксид годишно, велат оде Групацијата ГЕН-И.

Словенечката групација, која како меѓународен трговец со електрична енергија работи на 24 пазари, ги проширува своите активности и во областа на обновливите извори на енергија. Во Словенија веќе имаат изградено повеќе од 10.000 мали соларни електрани, а со проектот во Кавадарци ја пуштија во употреба својата втора голема соларна електрана во странство. Првата голема електрана ја изградија во октомври 2022 година во Амзабегово, општина Свети Николе, со вкупна моќност од 17 мегавати и производство од 25.000 мегават часови зелена енергија.

Протестот на опозицијата во Тирана ќе го обезбедуваат најмалку 1.500 полициски службеници

 Албанската опозиција, предводена од Демократската партија, со националниот протест закажан за вечерва, во 18 часот, во Тирана, под мотото „Марширање кон Тирана-или сега или никогаш“, како што објави, ја започнува граѓанската непослушност.

Во дописот што Демократската партија го испратила до полицијата, се бара четиричасовна дозвола за митингот, од 18 до 22 часот. Во овој документ само се прецизира дозволата за протестот пред владата. Организаторите најавуваат „само марширање, но не и обраќања“ и тоа од седиштето на ДП, преку плоштадот „Народни херои“ па се до владата.

За безбедноста на протестот ќе бидат задолжени најмалку 1.500 полициски службеници, од сите сектори, вклучително и единицата за брзо распоредување „Шлипоња“. Во готовност ќе бидат и силите на специјалната единица „Ренеа“ за да интервенираат во случај на каков било инцидент.

Цистерни со вода ќе бидат лоцирани зад објектот на владата и на уште неколку точки во близина на институциите каде се очекува да минуваат учесниците на протестот. Ќе има и противпожарни и возила за брза помош.

Жестоките реакции од опозицијата, вклучително и хаосот во законодавниот дом, следуваат по изречена затворска казна на пратеникот Ервин Салиањи. Ова не е прв протест на опозицијата, но според организаторот се очекува да биде најмасовен.

Утрово зајакнато е обезбедувањето на владата, каде денеска во својот кабинет се врати премиерот Еди Рама по оперативниот зафат од минатата недела, но сè уште не планирал никакви јавни активности.

Директорот на државната полиција, Илир Прода побара од полициските сили, да не потпаѓаат под влијание на евентуални провокации од демонстрантите и да интервенираат само во случај на потреба.

„Внимавајте да не бидете испровоцирани од демонстрантите. Интервенциите треба да се минимизираат само во случаи на потреба, избегнувајте испровоцирани судири. Одржувајте го мирот и заштитата на објектите на институциите. Снимете ги и документирајте ги сите насилни и незаконски дејствија“, се наведува во наредбата на Прода.

Во последниот повик на лидерот на демократите, Сали Бериша, кој е во притвор, се наведува дека ова ќе биде најважната граѓанска битка во последните 32 години.

„Ова е битка на храбрите за нивното достоинство, за нивната слобода, за слободниот глас. Драги пријатели, без слободен глас нема слободен човек. Без слободниот глас, човечкото достоинство не постои. Без слободен глас, вашата судбина е во рацете на другите. Без слободното гласање, нацијата нема внатрешен суверенитет, туку е едноставно угнетено мнозинство на нарко-диктаторот Еди Рама“, порача Бериша.

Според него граѓанската непослушност ќе продолжи се до „формирање техничка влада, која ќе спроведување слободни избори“.

Ливерпул има намера да го продолжи договорот со Конате

 Управата на Ливерпул почна преговори со одбранбениот фудбалер Ибрахима Конате за нов договор, објави новинарот Фабрицио Романо.

Премиерлигашот го гледа 25-годишниот Французин како еден од клучните фудбалери на тимот и сака да го задржи.

Конате игра за Ливерпул од јули 2021 година. Во тековната сезона постигна два гола и направи една асистенција на девет натпревари за тимот во сите натпреварувања.

Договорот на Конате со Ливерпул е до крајот на јуни 2026 година.

„Јутјуб“: Кусите видеа ќе траат до три минути

Популарните „куси видеа“ (Shorts) на „Јутјуб“ ќе траат подолго. Поточно, од 15 октомври авторите ќе можат да снимаат кратки видеа во траење до три минути.

Кусите снимки ќе добијат и шаблони што ќе може да се испробаат со притискање на копчето „Ремикс“ на видеото и со избирање на опцијата „Употреби шаблон“ (Use this template). Исто така, како што се соопштува - наредниве месеци корисниците ќе можат да ремиксираат клипови од избрани содржини на „Јутјуб“, па дури и да извлекуваат делови од повеќе видеа.

Има нова страница „Шортс трендс“ (Shorts Trends) на мобилната верзија, па корисниците наскоро ќе можат да ги прегледуваат и коментарите во изворот на кусото видео.

Ако случајно не ви се допаѓаат овие куси видеосодржини, на почетокот сe воведува и опција за нивно прикажување во помал број и поретко. Но, ова ќе работи само привремено.

притисни ентер