Променливо облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни и поројни, проследени со појава на грмежи. 

Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 15, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.

Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд, попладне пообилни проследени со грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 22 степени.

Според УХМР, утре ќе се задржи променливо облачно време со врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни и поројни, проследени со појава на грмежи. Во сабота во западните делови ќе има услови за слаб локален дожд. Потоа, во следните денови, времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен благ пораст.

Мицотакис за планот за набавка на четврта фрегата: Грција станува сè посилна

 Грција станува сѐ посилна, напиша на Фејсбук грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Грција станува сѐ посилна, напиша на Фејсбук грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за одлуката да набават уште една, четврта по ред фрегата Белара, што според него е „неопходна за заштита на земјата и приоритет за кој не се преговара“, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на вчерашната церемонија на бродоградилиштата на компанијата „Навал груп“ во Лорен, Франција, за лансирање на втората фрегата Белара, министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас соопшти дека земјата има намера да започне преговори за набавка и на четврта фрегата.

- Додека нашата земја се подготвува да ја пречека првата фрегата Белара, на денот кога втората беше лансирана во бродоградилиштата на „Навал груп“ во Лорен, додека третата се гради, започнуваат процедурите за набавка на четврти брод од овој тип. Така, се реализира големата програма за зајакнување на вооружените сили што лично ја најавив. Трошоците за купувањето се буџетирани на начин што не ја нарушува нашата фискална конзистентност. Сепак, беше оценето дека е неопходно бидејќи заштитата на татковината е приоритет за кој не се преговара. Грција станува сѐ посилна, напиша Мицотакис на Фејсбук.

Пред три години Грција и Франција потпишаа Договор за воспоставување стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка, во кој беше вклучена набавката на три модерни француски фрегати Белара.

Пронајдено досега непознато дело на Моцарт

Досега непознато дело на Волфганг Амадеус Моцарт, за коешто се претпоставува дека настанало кога тој бил тинејџер, е откриено во библиотека во германскиот град Лајпциг.

Истражувачите го откриле овој ракопис во Градската музичка библиотека додека го составувале најновото издание на каталогот „Кохел“ - комплетната листа на музичките дела на познатиот композитор. Ракописот се состои од темно-кафеаво мастило на рачно изработена бела хартија, а листовите се поединечно врзани. Делото датира од 1760-тите, се состои од седум минијатурни ставови за гудачко трио и трае околу 12 минути, соопштија Општинските библиотеки во Лајпциг.

Делото во каталогот се спомнува како „Многу мала ноќна музика“ (Ganz kleine Nachtmusik).

Како што наведува, новооткриениот ракопис не е на самиот Моцарт, туку се работи за препис направен околу 1780 година. Нептпишаниот запис „е сочуван во еден примерок, во којшто атрибуцијата на авторот посочува дека делото е напишано пред првото патување на Моцарт во Италија“, се вели во описот.

Композицијата денеска ја изведе гудачко трио на откривањето на новиот каталог „Кохел“ во австрискиот град Салцбург. Во Германија премиерно ќе биде изведена утре во операта во Лајпциг, пишува „Гардијан“.

Социјалните мрежи собираат лични податоци за корисниците и ги споделуваат со трети лица

Социјалните мрежи и видеоплатформите собираат огромни количини лични податоци на корисниците и ги споделуваат со широк опсег на трети лица, потврдува нов извештај на американската Федерална комисија за трговија (ФТЦ).

Извештајот, објавен вчера, ги разгледува практиките за собирање податоци на девет компании: „Фејсбук“, „Ватсап“, „Јутјуб“, „Дискорд“, „Редит“, „Х / Твитер“, „Амазон“, „Снеп“ и „Тикток“, меѓу јануари 2019 и 31 декември 2020 година. Наодите на ФТЦ ги потврдуваат долгогодишните сомнежи и наводи за „длабочината и широчината“ на практиките на „надзор на корисниците од голем обем“, пишува „Гардијан“.

ФТЦ му препорачува на Конгресот на САД да усвои федерални прописи за приватност врз основа на она што е документирано. Конкретно, агенцијата ги повикува законодавците да признаат дека деловните модели на многу од овие компании не прават доволно за да поттикнат делотворна саморегулација или да ги заштитат податоците на корисниците.

- Препознавањето на овој основен факт е важно и за спроведувачите и за креаторите на политиките, бидејќи секој напор да се ограничи или регулира тоа како овие компании собираат големи количини лични информации за луѓето ќе се коси со нивните деловни стимулации. Со цел да се создадат ефективни правила или решенија коишто го ограничуваат собирањето податоци, креаторите на политики ќе треба да се погрижат кршењето на законот да не е попрофитабилно од неговото почитување, рече претседателката на ФТЦ, Лина Кан.

Се препорачува, исто така, компаниите спомнати во извештајот да инвестираат во „ограничување на задржувањето и споделувањето податоци, ограничување на насоченото рекламирање и зајакнување на заштитата за тинејџерите“.

Овие компании собираат и демографски информации за корисниците: возраст, пол, јазик, но и податоци за приходите на домаќинствата, образованието, родителскиот и брачниот статус итн.

Во некои случаи, овие податоци се споделени со трети лица за што попрецизно насочени реклами и огласи.

Според ФТЦ, речиси сите компании соопштиле дека испраќаат лични податоци до автоматизирани системи, најчесто за опслужување на содржини и реклами. Од друга страна, скоро ниту една од нив „не понудила сеопфатно директно контролирање или откажување од користењето на податоците на корисниците со какви било алгоритми, аналитика на податоци или вештачка интелигенција“, се вели во извештајот.

Од компаниите велат дека е дури и невозможно да се состави комплетна листа со кого сѐ тие ги споделуваат туѓите лични податоци.

Сѐ на сѐ, ФТЦ ги нарекува овие практики - „ужасно несоодветни“, откривајќи дека некои компании не успеале да ги избришат информациите кога корисниците тоа го побарале. Дури и оние компании коишто навистина бришеле податоци - избришале само некои податоци, но не сите, се вели во извештајот.

- Тоа е најосновниот услов, рече Марио Трухиљо, адвокат. - Фактот што некои не го сториле тоа, дури и во услови на државни закони за приватност што го налагаат тоа, докажува дека е потребно посилна свест, особено кај самите потрошувачи.

Натаму, според наводите, ниту една компанија не пријавила практики за споделување податоци собрани за и од лица на 13 до 17 години, преку нејзините страници и апликации, поинаку од собирањето податоци за возрасните, иако податоците за малолетниците се почувствителни. Тоа секако значи уште помала заштитеност на малолетните корисници.

притисни ентер