Принцот Хари пред британскиот суд изјави дека медиумите имаат крвави раце

Принцот Хари рече дека медиумите имаат крвави раце додека сведочеше на суд против издавач на таблоид што го тужеше за хакирање телефони и други незаконски активности.

Со тоа тој стана првиот висок член на кралското семејство што сведочеше на суд по повеќе од еден век.

Хари, кој е петти по редот за тронот, накратко се насмевна додека минуваше покрај мноштвото фотографи и камери по пристигнувањето во судскиот комплекс Ролс билдинг во центарот на Лондон.

Тој и повеќе од 100 други ги тужат весниците Мирор Груп (МГН), издавач на Дејли мирор, Сандеј Мирор и Сандеј Пипл, обвинети за хакирање телефони и други незаконски активности помеѓу 1991 и 2011 година.

Помладиот син на кралот Чарлс III. Се појави како сведок, за да биде подложен на повеќечасовно вкрстено испрашување од страна на адвокатот на МГН, Ендрју Грин, за 33 написи во весниците за кои Хари рече дека се засновани на незаконско добиени информации.

Грин го започна сослушувањето со лично извинување до Хари во име на неговиот клиент за случај во кој тој призна дека собирал незаконски информации.

„Тоа никогаш не требаше да се случи и никогаш нема да се повтори“, рече тој, додавајќи дека ако судот утврди дека МГН извршиле други злосторства, Хари „ќе има право и ќе добие поцелосно извинување“.

Адвокатот го испраша Хари за дел од неговата писмена изјава во која се осврнува на „грозоморното“ однесување на британските медиуми.

„Колку повеќе крв ќе ги обои нивните прсти пред некој да стави крај на ова лудило?“, напиша Хари.

Грин го праша дали мисли дека новинарите на МГН, кои ги напишаа написите за кои ги тужи, се одговорни за нечија смрт, а Хари одговори: „Некои од уредниците и новинарите, кои се одговорни за предизвикување многу болка, се вознемирени, а во некои случаи, можеби ненамерно, предизвикале смрт“.

Принцот е првиот висок член на британското кралско семејство кој сведочел на суд во последните 130 години. Тој зборуваше од истото место на сведоци во судницата број 15, каде пејачот Ед Ширан и француската актерка Ева Грин неодамна се појавија во одвоени и неповрзани случаи.

Судењето на МГН започна минатиот месец, а адвокатите на тужителите сакаа да докажат дека информациите биле незаконско собрани со знаење и одобрение на главните уредници и шефовите.

Случајот на Хари е еден од четирите случаи, а неговите конкретни наводи се во центарот на првите три дена од оваа недела.

Сепак, тој вчера не се појави на суд, бидејќи само претходната вечер ги напушти Соединетите држави, каде што сега живее со својата сопруга Меган, и каде што беше во неделата за роденденот на неговата ќерка Лилибет. Судијата Тимоти Фанкур рече дека е изненаден од неговото отсуство.

Хари изгледаше сериозно и тивко рече дека има илјадници, можеби милиони приказни напишани за него откако Грин го прашал дали ги прочитал предметните написи на МГН.

Принцот признал дека тој и неговите адвокати ги избрале најнаметливите написи и оние кои предизвикуваат најголема болка.

На прашањето дали се сеќава дека го прочитал првиот текст за кој се пожалил, а тоа е за неговата мајка која го посетила за неговиот 12-ти роденден, Хари рече: „Бев дете, бев на училиште, тие написи беа крајно инвазивни. Секој пат кога една од тие статии беа напишани, имаше ефект“.

Адвокатот на Хари, Дејвид Шерборн, вчера изјави дека неговата покојна мајка принцезата Дијана исто така била жртва на хакирање, а принцот го споменал тоа во својата изјава, обвинувајќи го Пирс Морган, поранешниот уредник на Дејли Мирор.

Тој рече дека помислата дека Морган и неговата „банда новинари“ ги прислушуваат пораките на неговата мајка „го прави неутешен и го прави уште порешителен да ги повика одговорните, вклучително и г-дин Морган, да одговараат за нивното гнасно и целосно неоправдано однесување“.

Морган, сега познат новинар во News Corp на медиумскиот магнат Руперт Мардок, отсекогаш негирал вмешаност или знаење за хакирање телефони или други нелегални активности.

MGN претходно призна дека нивните документи биле вклучени во хакирање телефони, но Грин рече дека нема докази дека Хари некогаш бил жртва.

Издавачката куќа исто така тврди дека некои од личните информации ги споделиле високи соработници на кралското семејство, вклучително и еден од највисоките поранешни соработници на неговиот татко.

На првата годишнина од анексијата на четирите украински региони, Путин вети обнова

На првата годишнина од руската анексија на четирите украински региони Херсон, Запорожје, Доњецк и Луганск, рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе ги обнови регионите зафатени од војна.

„Училиштата, болниците, станбените згради и патишта, музеите и спомениците“ ќе бидат обновени и реконструирани, рече Путин во видео пораката објавена денеска од Кремљ.

Сите руски региони ќе ја дадат својата „братска помош“ во напорите за обнова, додаде тој. Путин, кршејќи го меѓународното право и по референдумите кои меѓународно беа исмејувани како измама, потпиша договор со окупационите лидери на четири региони на 30 септември 2022 година да станат дел од Руската Федерација.

Украина ја продолжува својата контраофанзива со надеж дека ќе ги ослободи териториите од руската окупација.

„Пред нас е голема задача и решение за тешките предизвици, спроведување на голема програма за обнова и социо-економски развој на нашите историски региони“, продолжи Путин во видео пораката. „И сигурно ќе ги постигнеме поставените цели“, додаде тој.

Рускиот претседател го нарече „историски и судбоносен настан“ анексијата на територијата, која не ја призна ниту една друга земја во светот. Тој им се заблагодари на граѓаните на териториите чија решителност ја направи Русија уште посилна: „Ние сме еден народ. И заедно надминуваме сè, наоѓаме одговори на сите предизвици“.

Дури и по повеќе од една и пол година војна, Русија не контролира целосно ниту еден од четирите анектирани региони. Украина успеа да врати некои окупирани делови од територијата за време на повеќемесечните борби.

Саудијците го плаќаат Нејмар половина милијарда евра, синоќа промаши пенал (ВИДЕО)

Ниту во четвртиот натпревар за Ал Хилал, Нејмар не успеа да постигне гол иако имаше идеална можност.

Тој во 37. минута од натпреварот од осмото коло на саудиското првенство против Ал Шабаб шутираше пенал, но го одбрани Ким Сеунг Ѓу. Тоа беше при резултат 0:0, но избраниците на Нејмар до крајот успеаја да победат со 2:0. Нејмар постави три гола на првите четири натпревари за својот нов клуб, но најскапиот фудбалер во историјата и напаѓач се уште нема постигнато гол.

Ал Хилал раскошно го плати ангажманот на Нејмар. На ПСЖ му дава отштета од 90 милиони евра, а Нејмар потпиша на две години за плата од 300 милиони евра. Вкупните трошоци за неговиот ангажман ќе надминат половина милијарда евра, вклучувајќи ги премиите, бонусите и луксузот со кој Саудијците го опсипуваат.

Нејмар доби вила со 25 соби, сауна, базен, осум работници да го чуваат и девет автомобили. Бразилецот пристигна во Саудиска Арабија со авион што му го испрати саудискиот принц Ал Валид бин Талал. Тоа е најлуксузниот Боинг 747-400 со неколку спални соби и златен трон.

Петровска ги посети припадниците на Армијата кои се дел од силите на НАТО во Бугарија

Припадниците на Армијата на Македонија кои се дел од мултинационалните сили на НАТО во Бугарија се на ниво на задачата.

Припадниците на Армијата на Македонија кои се дел од мултинационалните сили на НАТО во Бугарија се на ниво на задачата, мотивирани, посветени и исклучително професионални во остварувањето на единствената заедничка цел – да бидат гарант за безбедноста на секоја педа сојузничка територија, рече министерката Славјанка Петровска по посетата на армискиот вод кој е дел од силите на НАТО во Бугарија, во рамки на активностите на зголемена будност на Алијансата, воведени на вонредниот Самит на НАТО во Брисел во март 2022 година, по руската агресија во Украина. Целта на мисијата е гаранција на безбедноста на целата територија на Алијансата.

Во базата во Ново Село, министерката Петровска им се заблагодари на македонските, но и на бугарските и сите припадници на сојузничките армии кои се дел од мултинационалната група на НАТО во Бугарија за нивниот придонес кон безбедноста на НАТО.

„Чест и задоволство ми е што денеска заедно со мојот колега дојдовме тука да ги посетиме војниците од оваа група, меѓутоа исто така да им обрнеме особено внимание на нашите, на македонските и на бугарските војници. Особено ме радува и информацијата од брифингот кој го имавме од командантот, од успесите кои се забележани, од начинот на којшто двете армии во состав на оваа мултинационална сила заедно функционираат, заедно работат и се разбира заедно ги бранат интересите на НАТО алијансата“, рече министерката Петровска.

Министерката посочи дека сите политички одлуки кои беа донесени во рамките на Алијансата, во однос на безбедноста на НАТО алијансата, денеска војниците го спроведуваат тоа на дело.

„Уште повеќе ме радува што сите оние политички одлуки кои изминатиот период ги носевме во рамките на НАТО алијансата и како гаранција за мирот, безбедноста на секоја педа територија на земјите членки на Алијансата, војниците овде се подготвени тоа да го спроведат на дело. Секое едно вложување и инвестирање во нив значи инвестирање во нашата иднина и во нашата безбедност и затоа ја заслужуваат нашата поддршка“, подвлече министерката.

Бугарскиот министер за одбрана, Тагарев посочи дека во Ново Село со министерката Петровска беа сведоци на реалната примена на концептот за зголемена будност на НАТО и изградбата на мултинационалните борбени групи кои се елементи на капацитетот за одвраќање и одбрана на источното крило на НАТО.

„Овде, придонесуваат со војници седум земји, водечка земја е Италија со многу сериозен капацитет, но секој придонес на наш сојузник кон заштитата на НАТО и нашата територија е ценет, вклучително и на воените лица од Македонија. Јас сум многу благодарен што имам можност заедно со министерката Петровска да присуствуваме овде. Видовте воени лица од двете страни во еден строј, со знамињата, со почит еден кон друг“, рече бугарскиот министер.

Министерот Тагарев посочи дека војниците од двата контингенти одржуваат дневни контакти со кои се гради соработката и капацитетот заедно да ја гарантираме сигурноста на сојузот.

Македонскиот контингент во мултинационалните сили во Бугарија е во големина на еден вод. Во овие сили има над 1.000 припадници од сојузниците Македонија, Бугарија, Албанија, Грција, Црна Гора, Турција и САД, под водство на Италија.

притисни ентер