Премиера на комедијата „Жени во црвено“ во режија на Бојана Лазовиќ

 На сцената на Националната опера и балет во Скопје вечерва ќе се прикаже премиерата на комедијата „Жени во црвено“, во режија на Бојана Лазовиќ.

Како што информираат од JEС Продукција од Скопје, комедијата „Жени во црвено“ на комичен начин ги обработува темите на долгови, финансиски кризи и животните предизвици, истовремено потсетувајќи на важноста од солидарноста, пријателството и заедничкото справување со проблемите.

Во претставата играат актерките Олга Одановиќ, Дубравка Мијатовиќ, Анастасија Мандиќ и Сена Ѓоровиќ.

-Претставата раскажува за четири жени кои се наоѓаат во комична, но истовремено и сериозна ситуација. Поранешната стјуардеса Тамара и нејзината сестра Нора, која е невработена, се соочуваат со финансиски тешкотии и неможност да го платат својот станбен кредит. Динка, службеничка од банката, доаѓа со намера да го конфискува имотот, но се соочува со неочекуван отпор од сестрите. За да го задржат својот дом, тие преземаат драстични чекори, додека надвор од нивната зграда полицијата и специјалните единици го заоструваат конфликтот. Во меѓувреме, на местото на настанот пристигнува полицајката Анѓа, со свој личен проблем. Нивната изведба ветува вечер полна со смеа и забава, соопштуваат од JEС Продукција од Скопје.

Франциск: Лицемерните земји кои зборуваат за мир, а произведуваат оружје се виновни за војните

 Папата Франциск ги обвини „лицемерните“ земји кои зборуваат за мир, а истовремено произведуваат оружје, за конфликтите во Украина и палестинските територии.

- Сакам да ги споменам неуспесите на човештвото – Украина и Палестина, каде што луѓето страдаат, а ароганцијата на освојувачите победува над дијалогот, изјави папата.

Римокатоличкиот поглавар повика на дијалог и потенцираше дека младите имаат посебна способност да донесат мир. Неговите зборови беа изречени на средба по повод 40-годишнината од примирјето меѓу Аргентина и Чиле.

Акција за пошумување кај Гевгелија, засадени над 5.000 дрвца багрем и чемпрес

Со акција за пошумување насловена „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“, во близина на месноста Топлик кај Гевгелија, засадени се над 5.000 дрвца багрем и чемпрес, информираа денеска од Општина Гевгелија преку нивната официјална страница.

Акцијата ја организираше Општина Гевгелија во соработка со ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, Шумско стопанство „Кожуф“ и ОО на Црвен Крст од Гевгелија и со голем број волонтери,претставници на Советот на Општина Гевгелија, државните и локалните институции и граѓанскиот сектор.

На акцијата, покрај градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, учествувала и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашковска.

- Гевгеличани масовно и сплотени покажаа дека градот се сака со конкретни дела. Заштитата на животната средина е важен сегмент за здрава средина. Ова е поттик за сите нас ваквата иницијатива да прерасне во традиција и да се случува често, стои во изјавата на Сарамандов.

Во информацијата од Општината се додава дека акцијата треба да прерасне во традиција и има за цел да го надомести недостигот и намалувањето на шумската маса заради преголемата суша и предизвиканите пожари на подрачјето на општина Гевгелија, но и да ја подигне јавната свет за важноста на зелените површини и нивната улога во животната средина.

Четвртина млади Европејци работат за време на школувањето

Во 2023 година, 25,7 отсто од младите Европејци на возраст од 15 до 29 години биле вработени додека учеле, соопшти Евростат.

Како што се наведува, 71,4 отсто од младите кои студираат лани не учествувале на пазарот на труд, додека 2,9 отсто активно барале вработување.

Процентот на млади луѓе кои студираат и работат во исто време значително варира меѓу земјите-членки на ЕУ. Најголем удел на вработени млади во текот на образованието е забележан во Холандија 74,5 отсто, Данска 52,6 отсто, Австрија 46,2 отсто, а најмало во Романија - само 2,3 отсто, Словачка 5,8 отсто и Унгарија 6,1 отсто.

Дополнително, најголем удел на млади кои се во образование и во исто време активно бараат вработување е забележан во Шведска 13,8 отсто, Финска 8,3 отсто и Данска 6,9 отсто. За разлика од нив, најмал удел на младите од споменатата категорија е регистриран во Унгарија 0,4 отсто, Чешка 0,8 отсто и Полска 0,9 отсто.

притисни ентер