Познатиот холивудски актер Џорџ Клуни (63) се најде на жестоки критики по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Критичарите го обвинуваат дека придонел за последната победа на поранешниот американски лидер, и покрај тоа што тој ги поддржуваше демократите и нивниот кандидат Камала Харис.
Имено, во јули славниот актер напиша авторски текст во „Њујорк тајмс“ со кој го повика тогашниот претседател Џо Бајден да се повлече од претседателската трка.
- Со овој претседател нема да победиме во ноември - порача тогаш актерот.
Неколку дена подоцна, Бајден навистина се повлече и местото кандидат ѝ го препушти на Камала Харис, која беше поразена на изборите во вторникот.
Сепак, по нејзиниот дебакл, демократските приврзаници сега го обвинуваат Клуни дека влијаел врз изборите и му „помогнал“ на Трамп да дојде на власт.
- Некој нека ми го доведе Џорџ Клуни. Мора да... разговараме.
- Му благодариме на Џорџ Клуни.
- Треба добро да му се дотера умот.
- Човекот заслужува сè најлошо.
– Трамп не треба да заборави да им се заблагодари на познатите холивудски личности. Особено на Џорџ Клуни – беа само дел од иронични коментари на социјалните мрежи, а пренесува „Дејли мејл“.
Клуни не се огласи по повод победата на Трамп, а според приврзаниците на републиканците, актерот се крие во глувчешка дупка. Клуни не е единствениот кој се замери со Трамп. Актерот Роберт де Ниро јавно го нарече кловн.
- Го сакам овој град, не сакам да го уништам. Доналд Трамп не само што сака да го уништи овој град, туку сака да ја уништи и земјата и, на крајот, би можел да го уништи светот. Тој е кловн кој би можел да стане тиранин – порача Де Ниро на митинг во Њујорк, зад кого стоеше изборниот тим на Бајден.
Трамп не му остана должен на познатиот актер, па го нарече „патетичен лудак“.
Инаку, многу познати личности ја поддржаа Камала Харис. Така, пејачката Џенифер Лопез пред изборите ги повика гласачите да не гласаат за Трамп на американските избори, но милијардерот Илон Маск, веднаш ѝ одговори и „ја закопа“ со два збора потсетувајќи дека таа беше во врска со уапсениот П. Диди, обвинет за тешки кривични дела.
- Џеј Ло му беше девојка и сега решава да ги предупреди луѓето против Трамп?! Колкумина предупреди за Пи Диди? Нула. Што значи дека можеби не треба да веруваме во она што таа го кажува – изјави Илон Маск во подкастот на Џо Роган.
Камала беше јавно поддржана и од Кети Пери, која се сретна со неа непосредно пред изборите заедно со нејзиниот партнер Орландо Блум. Пери е цврста демократка која пред четири години им делеше пари на луѓето во Лос Анџелес за да гласаат за Бајден.
Сепак, сето ова не помогна. Доналд Трамп победи на изборите во вторникот, замолчувајќи ги сите оние кои ја поддржуваа Камала Харис.