Со портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ за германската поетеса Катрин Пиц, „Браќа Миладиновци“ за македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова и „Млада Струга“ за Филипа Сара Попова денеска продолжува програмата на 63. издание на „Струшките вечери на поезијата“.
Во рамки на програмата предвидени се и поетски читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, промоција на преведеното издание на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци" за 2023 година и на Антологијата „Од поети за поети“, чествување на годишнините на петмина македонски поети, како и поетско кафе „Версополис“.
Фестивалот продолжува утре со поетски читања во манастирскиот комплекс „Калишта“, поетски портрет на Бенгт Берг и промоција на изборот поезија, како и претставување на добитникот на наградата „Стојан Христов“ за 2023 година и традиционалниот поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Манифестацијата почна вчера со традиционалното садење дрво на добитникот на „Златен венец“ истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон во Паркот на поезијата. Официјално синоќа ја отвори министерот за култура и туризам Зоран Љутков, по традиционалното читање на Константиновата Т`га за југ од слепо лице со помош на Брајово писмо, во чест на годинашното мото на фестивалот „Допир на убавината“, со кое се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо. Покрај ресорниот министер на свеченото отворање присуствуваше и претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.
- Струшките вечери на поезијата сведочат за културните вредности што се создаваат на македонските простори и на светските меридијани. Тие се динамична и жива антологија на светската поезија и најголем промотор на македонската и современата светска поезија, истакна Љутков.
Манифестацијата, според него, има глобално значење, почитувана е и верификувана од светска културна јавност.
- Континуирано, веќе шеесет и три години, поети од целиот свет, овде, во Струга, ја пренесуваат убавината на пишаниот збор и во единствен, хармоничен глас, испраќаат јасна порака до светот – дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури. Над реката Дрим, Струшките вечери на поезијата ги сплотуваат стиховите на јазикот на цивилизациското разбирање, јазикот кој сите ние мораме да го зборуваме и да го почитуваме, рече Љутков.
Изрази задоволство што за францускиот поет Жан-Пјер Симеон, Струга и Македонија ќе бидат инспирација за многу нови стихови, како слики и пејзажи од срцето на Балканот.
Вети дека Министерството за култура и туризам, со поддршка од Владата, ќе продолжи да ги промовира универзалните цивилизациски и културни вредности.
- Ќе останеме доследни на заложбите заеднички да ги прославуваме неодминливите успеси на овој фестивал со космополитски и универзален концепт, да градиме нераскинливи културни врски меѓу народите и да ја негуваме традицијата на обединување на светот низ поетскиот збор. Уште многу години творечкиот дух нека говори од Мостовите на Струга, порача Љутков.
Поетската порака од Фестивалот ја испрати македонскиот поет Веле Смилевски, според кој, Струшките вечери на поезијата во изминатите децении одиграа значајна улога во одржувањето на чувството за потреба од пораките на поетите од сите меридијани, во мисија за запознавање и зближување на народите, литературите и културите од светот.
Смилевски забележа дека поезијата е потисната во, како што кажа, овој бескрупулозен свет оптоварен со ужаси, страв и неизвесност за својата иднина.
- Но факт е дека силата на поезијата е во проникливата и истрајна потрага по смислата на животот. А токму во тоа е надежта која е жива и животворна, оти поетите се во постојана мисија на патот кон новиот поредок во кој ќе владеат слободата и љубовта. Затоа поезијата, како вечна свежина, на патот кон, на изглед, невозможното, му е потребна на овој уморен и суров свет, истакна Смилевски во поетското послание.
Фестивалот завршува в недела на манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, со поетски читања и врачување на највисоките признанија, наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“ на годинашните лауреати Жан Пјер Симеон, Катрин Пиц, Катица Ќулафкова и Филипа Сара Попова.