Порака од Брисел: Македонија има можност да се приклучи на Еу, ако ги спроведе обврските

Сега е клучно да се спроведат досегашните обврски, да се почитуваат правнообврзувачките договори и одлучно да се продолжат реформите поврзани со ЕУ – пишува на платформата Х претседателот на Советот на Европската Унија, Шарл Мишел

Сега е клучно да се спроведат досегашните обврски, да се почитуваат правнообврзувачките договори и одлучно да се продолжат реформите поврзани со ЕУ – пишува на платформата Х претседателот на Советот на Европската Унија, Шарл Мишел, по вчерашната средба со македонскиот премиер Мицкоски. Според него, за пофалба е европската ориентација и посветеноста во евроинтеграциите, и затоа треба, како што вели, Македонија да го искористи сегашниот моментум за проширување на унијата.

Но, премиерот Мицкоски и по враќањето од Брисел, повтори дека додека е тој премиер нема намера да прифаќа ултиматуми.. Смета дека доколку ЕУ навистина сака да ги почне преговорите, тоа е можно веднаш, врз основа на копенгашките критериуми..

Мицкоски вели дека во Договорот за добрососедство нема одредба што предвидува промена на Уставот, како што се бара со францускиот предлог и очекува тој да се почитува од Бугарија, како што тоа се бара од Македонија во случајот со Грција.

Посетата на Брисел на премиерот и министрите за надворешни работи и европски прашања Муцунски и Муртезани беше прва од изборот на новата влада, по повод планот за раст на Западен Балкан. Мицкоски заедно со лидерите од земјите од регионот, освен со Мишел, имаа средби и со претседателката на ЕК Фон дер Лајен, еврокомесарот за проширување Вархеји, како и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, Јан Копман.

ЗНМ за кривичната пријава од Владиката Григориј кон уредникот на „Религија“: Скандалозен случај

Случајот со кривичната пријава на Владиката Григориј против уредникот на Религија.мк, Марјан Николовски е еден од примерите на SLAPP (Стратешките тужби против јавно учество), кои имаат за цел да извршат притисок и закана врз новинарската професија.

Ова е еден од заклучоците од третата регионална онференција во организација на ЗНМ, насловена „Посилни заедно: Новинарите и правосудството ги штитат медиумските слободи„ која се одржа од 18-20 септември 2024 година во Маврово во која земаа учество повеќе од 70 новинари и претставници на правосудството.

-Еден од најголемите предизвици кои го разгледувавме е бробата против SLAPP тужбите кои се злупотребуваат да се замолчат новинарите и да се ограничи слободата на медиумите. Еден од таквите примери е неодамнешната кривична пријава поднесена од владика на МПЦ-ОА против новинар, нашиот колега Марјан Николовски, каде што се бара кривично гонење за ксенофобија, расизам, говор на омраза за јавно изразено мислење, за изречен збор, за новинарски текст. Ова е скандалозен случај кој го гледаме како обид за цензура, притисок и заплашување на медиумите од позиција на моќ. Очекуваме Обвинителството да ја отфрли оваа кривична пријава, меѓу другото и поради тоа што владиката доколку Владиката сметал дека е наклеветен, можел да тужи во грѓанска постапка, а не на овој начин да се обиде да се сокрие зад државата, или да го употреби системот на државата. Тоа е она од што најмногу стравуваме. За да ги демотивираме оние кои се обидуваат да им се закануваат на новинарите преку SLAPP тужби, може да преземеме три клучни чекори: правни реформи, одговорност и доследно постапување од судиите и обвинителите, кои можат да играат клучна улога во спречување на ваквите злоупотреби со тоа што нема да дозволат овие случаи да преминат во инструмент за заплашување на новинарите и гласна јавна осуда и подигнување на свеста за негативното влијание на SLAPP тужбите врз новинарството и демократијата, со што ќе создадеме општествен притисок кој ќе ги демотивира оние кои од позиција на моќ сакаат да ги злоупотребат правните инструменти“, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Извор: Религија.мк

Љутков - Вречко: Македонија и Словенија имаат одлични билатерални односи

Македонија и Словенија имаат одлични билатерални односи со акцент на економијата и културата

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во рамките на работната посета на Република Словенија денеска оствариЛ билатерална средба со министерката за култура Аста Вречко, во Љубљана. На средбата министрите се согласиле дека меѓу двете држави има одлични билатерални односи во сите општествени сфери, со акцент на економијата и културата.

Како што информираат од Министерството за култура, Љутков и Вречко го отвориле прашањето за културно-информативни центри во двете држави. Министерот Љутков ја информирал својата колешка за позитивните искуства што нашата држава ги има со културно-информативните центри во другите држави и потенцирал дека отворањето центар во Словенија ќе биде од стратешко значење за промоција на македонската историја, култура и туризам.

На денешната средба, министерот Љутков иницирал потпишување на нова програма за соработка во областа на културата меѓу двете министерства.

Министерството за култура и туризам најави дека во наредниот период ќе изготви нацрт-текст на програма кој ќе биде формално-правна рамка преку која ќе се развиваат културните врски меѓу двете држави. На средбата станало збор и за унапредување на односите во областа на туризмот и придобивките што македонската страна може да ги има со споделените искуства со Словенија во оваа област.

Салиу се сретна со германската амбасадорка Дрекслер

Во фокусот подобрување на општата состојба на Ромите.

Министерот задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Роми 2022-2030 Шабан Салиу денеска се сретна со германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер.

На средбата, како што информира Кабинетот на министерот Салиу, германската амбасадорка Дрекслер ја изрази својата загриженост и подготвеност за соработка во насока на подобрување на општата состојба на Ромите, со акцент на домувањето и проблемот со неевидентираните лица во матичната книга на родените.

- Амбасадорката беше запознаена со ингеренциите на Кабинетот и фактичката состојба од имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030. Дискутиравме и за заклучоците од Министеркиот состанок за ромската интеграција 2024, што се одржа во Берлин во организација на германската влада, се наведува во соопштението.

притисни ентер