Поплави во Хрватска: Тешка состојба во Карловац, Бродарици и Борлин

 Градоначалникот на хрватскиот град Карловац, Дамир Мандиќ, денеска изјави дека од поплавите вода влегла во 25 семејни куќи, а многу дворови и деловни објекти претрпеле штета. 

Најтешка е состојбата во Бродарици и Борлин, како и на левиот брег на реката Купа.

Иако штетата е значајна, Мандиќ рече дека не се очекува прогласување на елементарна непогода, пренесува порталот Индекс.

- Штетата ќе ја процениме утре, но веќе сега знаеме дека не е толку голема како претходните години, изјави Мандиќ.

Тој нагласи дека водостојот паднал, граѓаните добиле сушачи за простории, а утре ќе се санира теренот. - Верувам дека до понеделник ќе имаме нормални услови за живот, истакна Мандиќ.

Фото: Индекс.хр

Израел ги напаѓа јужните предградија на Бејрут

Сведоци тврдат дека тоа се најинтензивните бомбардирања од почетокот на нападите.

Израелски воздушни напади ги погодија јужните предградија на Бејрут, при што е извршено најинтензивното бомбардирање на либанската престолнина откако Израел ја засили својата воена кампања против поддржаното од Иран - либанско шиитско движење Хезболах.

Во текот на ноќта силни експлозии одекнуваа низ различни делови на Бејрут, а небото беше осветлено со црвени и бели светла, како молњи, кои се гледаа од неколку километри.

„Ова е најголемиот напад од почетокот на израелската офанзива врз Бејрут,“ изјавија очевидци и воени аналитичари на локалните телевизиски канали. Денеска, градот е обвиткан со сива магла, а улиците на јужните предградија се полни со урнатини, додека чад се издига над областа.

„Изминатата ноќ беше најнасилна досега. Зградите околу нас се тресеа и прво помисливме дека се работи за земјотрес. Имаше десетици удари – не можевме да ги изброиме сите, а звуците беа оглушувачки,“ изјави Ханан Абдула, жителка на Бурџ ал Бараџне, во јужните предградија на Бејрут.

Израелската армија соопшти дека нејзините воздушни сили извршиле „серија прецизни удари врз складишта за оружје и терористичка инфраструктура на Хезболах во реонот на Бејрут.“

Либанските власти сè уште не соопштија кои објекти биле погодени и какви штети предизвикале ракетите. /МИА

Новинар се обиде да се запали во Вашингтон поради „израелскиот геноцид во Газа“

Маж по име Самуел Мена, кој се претставил како новинар, се обидел да изврши самозапалување во близина на Белата куќа во Вашингтон, каде протестирал против израелскиот геноцид во Газа.

На видеата објавени на социјалните мрежи, се гледа дека полицијата го спречила момчето да се запали.

– Јас сум новинар. Ве молам, запрете ги лажните вести, извикал младиот човек за време на обидот да се запали.

Еден од демонстрантите се обидел да го изгасне огнот со вода, но Мена претрпел изгореници на рацете.

Сведоци тврдат дека мажот рекол дека е новинар на Си-Би-Ес и ја обвинил оваа медиумска куќа за ширење лажни вести за Газа.

Ова е четвртиот обид за самозапалување на пропалестинските протести во САД.

Најголемо внимание привлече случајот на 25-годишниот Арон Башнел, кој беше на активна должност во американското воено воздухопловство, кога на 24 февруари се самозапалил пред амбасадата на Израел во Вашингтон.

Башнел го пренесувал неговото самозапалување во живо на социјалните мрежи.

– Повеќе нема да учествувам во геноцидни злосторства – извикал Башнел пред да се полее со бензин и да се запали./MИА

Во БиХ затворени избирачките места, прелиминарните резултати се очекуваат околу полноќ

 Избирачките места во Босна и Херцеговина беа затворени во 19:00 часот, каде што граѓаните гласаа за локалните органи на власта.

Централната изборна комисија на БиХ (ЦИК) најави конференција за медиумите во 21:00 часот, на која ќе соопштат повеќе информации за одѕивот на гласачите.

До 15:00 часот, гласале 34,98 проценти од гласачите, што е на ниво на излезноста од општите избори во 2022 година, но помалку во споредба со претходните локални избори.

Избори не се одржаа во пет општини погодени од поплави - Јабланица, Коњиц, Крешево, Кисељак и Фојница. ЦИК најави дека изборите во овие општини ќе се одржат кога ќе се создадат услови, најмалку за седум, а најмногу за 30 дена.

Граѓаните на БиХ денеска избираа советници во општинските и градските совети, собранието на Дистрикт Брчко, како и начелници или градоначалници. Прелиминарните резултати се очекуваат околу полноќ./МИА

притисни ентер